1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичко будење во Ерменија

А.Гасасјан,М.Остапчук/З.Јордановски27 јуни 2015

Бунт во Ерменија: дали се масовните протести насочени само против планираното покачување на цените на струјата? Младата генерација се крена против политичкиот естаблишмент.

https://p.dw.com/p/1FnOw
Фотографија: DW/A. Gazazyan

Со денови во Ерменија илјадници луѓе излегуваат на улични протести против планираното покачување на цените на струјата. Во главниот град Ереван полицијата примени сила против демонстрантите. Привремено беа уапсени повеќе од 200 активисти и поддржувачи на општественото движење „НЕ за грабежот“.

Сепак бранот од протести не се смирува. Луѓето постојано наново се собираат, дури и во близина на претседателската палата. Претседателот Серж Саркисјан веќе од поодамна е изложен на критика и поради планираната уставна уставна реформа, со која сака да ја засили улогата на владата. Се претпоставува дека тој сака на тој начин да си обезбеди моќ како премиер.

Имено, по истекот на сегашниот втор мандат, тој во 2018 година не смее повторно да се кандидира за претседателската функција. Во октомври 2014 година Саркисјан го потпиша пристапувањето на Ерменијакон Евроазиската економска унија, еден контрамодел на ЕУ, форсиран од рускиот претседател Владимир Путин. Тоа предизвика демонстрации против Саркисјан. Ереван се откажа од Спогодба за асоцијација со ЕУ.

Зависни од Москва

Ерменија нема прииродни резерви од гас и нафта и е зависна од Русија. Националниот дистрибутер на струја ЕСА (Електромрежа на Ерменија) е во целосна сопственост на руското претпријатие за енергетика „Интер РАО“.ЕСА најави покачување на цените за 17 проценти. Како образложение се наведени минатогодишната суша, долготрајната поправка на атомската централа Мезамор, која се наоѓа на околу 30 километри западно од главниот град Ереван, како и падот на вредноста на домашната валута драм.

Russlands Präsident Wladimir Putin und Armeniens Präsident Sargsjan
Претседателите на Ерменија и на Русија, Саргсјан и ПутинФотографија: imago/ITAR-TASS

Геворг Погосјан, претседател на Здружението на ерменските социолози, предупреди на последиците од таквиот чин: главниот товар на поскапувањето паѓа врз населението. „Од 1. август стоките, услугите и транспортот ќе бидат значително поскапи“, рече Погосјан во разговор за ДВ. Стопанството веќе сега е во криза, истакна тој. Приходите ќе опаднат, а невработеноста и иселувањето од земјата ќе бидат во пораст. Понатаму, според него, негативно се одразуваат и санкциите на Западот против Русија.

„Ние сме тесно поврзани со руската економија“, нагласува Погосјан. Поради опаѓањето на стопанските активности во Русија страда и извозот на Ерменија, а опаѓаат и дознаките на пари од ерменските работници во Русија. Но, Погосјан не гледа некаква поврзаност на економската состојба со одлуката на Ерменија во полза на Евроазиската економска унија. „Ни Европа не ги доживува своите најдобри времиња“, укажува тој.

Геополитичка заднина?

Прашањето за „просуска или прозападна ориентација“ не се дискутира на протестите, вели Микаел Сољан од „Центарот за регионални студии“ во Ереван. Протестите во Ерменија, според него, немаат геополитичка заднина: „Луѓето се против порастот на цените, корупцијата и лошото стопанисување, вели Сољан.

Овој политиколог остро ги отфрла извештаите во руските медиуми, според кои покачувањето на цената на струјата е само изговор за протестите и оти во реалноста станува збор за „шарена револуција“ инсценирана од Западот. „Фирмата ЕСА навистина е ќерка на рускиот Интер РАО, но секој знае дека одговорноста во крајна линија ја имаат ерменските власти и протестите се против нив насочени“, вели Сољан.

Armenien Protest Strompreise
Фотографија: Reuters/V. Baghdasaryan

Тој е уверен дека ерменските власти сами придонесуваат за настаните да се развиваат според „сценариото од Мајдан“ (плоштадот во Киев кој беше центар на протестите во Украина - н.з.), оти не реагираа на барањата од демонстрантите: „Кога демонстрантите беа насилно разбиени, се приклучуваа се’ повеќе и уште порешителни луѓе“.

Настапува една нова генерација

Социологот Геворг Погосјан во тој контектс укажува на влијанието од промената на генерациите во ерменскиот главен град: „Додека постарите луѓе само кукаат и се жалат на корупција во владата, помладите луѓе претпочитаат да дејствуваат и да се борат за своите права“. Тоа, според него, е една од главните причини за конфронтацијата.

Слично е и гледиштето на економскиот уредник Ашот Арамјан: „Младите луѓе го почувствуваа вкусот на победата кога им успеа да ги одвратат градските власти од покачување на цената на јавниот превоз и во центарот на градот да поставуваат грди киосци“. Сега, смета Арамјан, тие се уверени дека ќе можат да решат и други проблеми.