Ердоган со инвазијата ја запира својата пропаст
19 октомври 2019Портпаролот на Ердоган, Ибрахим Калин, пред неколку години спомена „драгоцена осаменост“ - мислеше на тежнеењето Турција секогаш да се држи до своите политички агенди, дури и тогаш кога поради тоа губи симпатии.Од 9 октомври, денот кога во Сирија започна операцијата „Извор на мир“, оваа „драгоцена осаменост“ веќе не знае за граници. Но, турската офанзива на северот на Сирија има и позитивни ефекти: спои земји кои инаку немаат ништо заедничко. Од САД до Јапонија, од Канада до Австралија - сите бараат завршување на воената операција.
ЕУ, исто така, побара да се запрат воените акции. Дури и Арапската лига и Палестина се спротивставија на инвазијата. И Кина, новиот трговски партнер на Анкара, и' се спротивстави на Турција со јасна порака „надвор од Сирија“. Новиот стратешки партнер Владимир Путин, кој Ердоган сѐ уште го вика „мојот пријател“, ја критикуваше воената операција сметајќи дека таа би можела да ја зајакне Исламска држава.
Повеќе:
-Незгодниот „сириски мираз“ на Доналд Трамп за Владимир Путин
-ЕУ: Силна на зборови, слаба на дела во сирискиот конфликт
-Брутални џихадисти меѓу сириските сојузници на Анкара
Дури и некои диктатори кои постојано ја посетуваат претседателската палата, одбија да ја поддржат оваа операција. Ниту една земја не ја поддржа - освен Сомалија и Катар. Турција загуби симпатии во целиот свет. Германскиот автомобилски гигант Фолксваген, кој сакаше да отвори фабрика во Турција, сега ја замрзна инвестицијата. Ако Турција во иднина биде упатена на меѓународна поддршка, нема да останат многумина кои би и’ помогнале.
Се поставува прашањето: што постигна Турција со операцијата „Извор на мир“? Во САД сите релевантни институции - од Пентагон до Конгресот - се против нејзината акција и нивните санкции ја загрозуваа турската економија. Турција се погрижи за помирување на Асад со сириските Курди, кои долго војуваа меѓусебно. Асад наскоро повторно ќе го контролира северот на Сирија, а притоа неговиот режим да не мораше да употреби ни куршум. А Турција, како што се договори со САД, ќе мора да се погрижи за Исламска држава - што е одење по жица. Секако дека претседателската палата постигна и нешто важно.
Тајмингот на целата операција е добро наштелуван, таа создаде атмосфера на национален занес со кој диригира Врховниот заповедник. Покрај тоа е одложена политичка и економска пропаст на владата на АКП. По поразот на локалните избори, АКП го загуби ореолот на непобедливост, а опозицискиот блок, кого го поддржуваат Курдите, за првпат почна да се надева на највисоката функција. За време на операцијата „Извор на мир“ картите повторно се промешани. Меѓу Курдите и опозицијата е создаден ѕид. Привремено е запрено основањето на партиите на поранешниот премиер Ахмет Давутоглу и на поранешниот министер за економија Али Бабчан, кои решија да ги украдат гласовите на АКП. Веќе никој не зборува ни за големите животни трошоци и за рекордната невработеност. Бидејќи, „драгоцената осаменост“ на Турција има една единствена позитивна последица: обезбедено е натамошно владеење на Ердоган како автократ.
Поранешниот уредник на турскиот весник Хуријет, Булент Мумај денес пишува за ДВ на турски јазик и за Франкфуртер алгемајне цајтунг.