Ердоган: Кашоги е жртва на планирано убиство
23 октомври 2018„Турција има силни докази во рацете за убиството на Кашоги“, истакна денеска турскиот претседател за време на седница на пратеничката група на неговата владејачка партија АКП во Анкара. Ердоган зборуваше за три тима допатувани од Саудиска Арабија на 2. октомври, а во состав на едниот тим бил и еден форензичар. Тие стигнале со однапред одредена цел, во конзулатот во Истанбул влегле во различно време.
Вечерта истиот ден свршеничката на Кашоги ги информирала турските власти дека Кашоги влегол во конзулатот на Саудиска Арабија, но не излегол од него.
Ердоган побара од Саудијците објаснување кој ја дал наредбата за злосторството и каде се наоѓа телото на Кашоги. Според Ердоган, станува збор за политички мотивирано убиство.
Турскиот претседател во неделата самиот најави соопштување на целата вистина за случајот, но на денешната седница на пратеничката група на неговата исламско-конзервативна партија изнесе само детали кои веќе беа познати во јавноста во изминативе денови.
Повеќе:
Со нарачаните убиства тајните служби испраќаат порака
Саудиска Арабија: Кашоги убиен во „тепачка“ во истанбулскиот конзулат
Турција: Истрага со половина сила во случајот Кашоги?
Ердоган истовремено побара на 18-те осомничени Саудијци за планирано убиство на новинарот Кашоги во конзулатот во Истанбул, да им се суди во Турција.
„Да им се препушти решавањето на ваков случај на одделни членови на безбедносните или тајните служби, нема да нѐ задоволи ниту нас, ни пак меѓународната заедница“, рече Ердоган. Тој е оптимист дека саудискиот крал Салман ќе соработува во истрагата за случајот, со цел да бидат казнети сите кои играле некаква улога во убиството на саудискиот новинар. Ердоган притоа не го спомена поименично саудискиот принц-престолонаследник, за кого кружат сомневања дека е нарачател на убиството на Кашоги. Исто така, турските власти досега не соопштија официјален став за досегашниот тек на истрагата, додека нивни припадинци во повеќе наврати анонимно доставуваа информации до турските и американските медиуми, без приложување докази и откривање од каде тие потекнуваат.