1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Ердоган: Признавање на Ерусалим за главен палестински град

ЖА / агенции
13 декември 2017

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја повика меѓународната заедница да го признае Ерусалим за главен град на идна палестинска држава.

https://p.dw.com/p/2pGKj
Türkei Sondergipfel der Organisation für Islamische Kooperation (OIC)
Фотографија: Reuters/K. Ozer

На вонредниот самит на членките на Организацијата за исламска соработка, свикан на негово барање, Ердоган денеска во Истанбул изјави: „До сите земји, кои го почитуваат меѓународното право и праведноста, од овде упатувам повик  да го признаат Ерусалим за окупиран главен град на палестинска држава.  Овој чекор, како што истакна Ердоган, не трпи никакво одлагање. Тој повторно го нарече Израел „окупаторска и терористичка држава“.

Ердоган смета дека одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за признавање на Ерусалим за главен град на Израел претставува награда за израелските терористички акции  и истовремено побара од него да ја повлече, зашто таа претставува „исклучително погрешен, провокативен и противправен чин“. „Ерусалим е нашата црвена линија“, порача шефот на турската држава. Претседателот на Палестинците, Махмуд Абас истакна дека Источен Ерусалим засекогаш ќе остане главен град на Палестинците, а без признавање на таквиот статус, никогаш нема да биде можен мир на Блискиот Исток.

Türkei Sondergipfel der Organisation für Islamische Kooperation (OIC)
Дел од учесниците на самитот на Организацијата за исламска соработка Фотографија: picture-alliance/AP Photo/L. Pitarakis

Организацијата за исламска соработка опфаќа 57 држави и се смета себеси за „колективен глас на муслиманскиот свет“. Ердоган во моментов го има ротациското претседателство со организацијата. На состанокот во Истанбул присуствуваат челници од 50 држави, меѓу кои и иранскиот претседател Хасан Рохани.

Ситуацијата на Блискиот Исток се влоши откако Трамп пред една недела еднострано го призна Ерусалим за главен град на Израел. Палестинците имаат аспирации кон Источен Ерусалим, окупиран во Шестдневната војна од 1967. година од Израел, како престолнина на нивната идна држава. Досега ниедна земја нема своја амбасада во Ерусалим, САД се први кои вршат трансфер на своето дипломатско претставништво од Тел Авив. По одлуката на Трамп, радикалното палестинско движење Хамас повика на нова Интифада. Во поранешните палестински востанија од 1987. и 2000. година беа убиени илјадници луѓе.