1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕП без осуда на провокативната реторика на Бугарија

ЖА / агенции
25 март 2021

Пратениците во Европскиот парламент го изгласаа Извештајот за С. Македонија на известувачот Илхан Ќучук, кој ги охрабрува Скопје и Софија да најдат заемно прифатливо решение во спорот наметнат од Бугарија

https://p.dw.com/p/3rCHp
Bildgalerie 50 Jahre Römische Verträge I Frankreich: Europäisches Parlament, Straßburg
Фотографија: Daniel Kalker/picture alliance

Со 558 гласови „за", 70 „против" и 59 воздржани, Европскиот Парламент ја усвои резолуцијата на известувачот за Северна Македонија, Илхан Ќучук. Извештајот ги поздравува напорите на Северна Македонија во реформите за членство во ЕУ и ги охрабрува Скопје и Софија да изнајдат взаемно прифатливо решение во спорот поради кој Северна Македонија не може да ги започне преговорите со ЕУ и покрај исполнетите реформи.

Амандманот поднесен од страна на Социјалдемократите и Зелените преку кој се осудуваше провокативната реторика на Бугарија кон Северна Македонија не помина поради блокада на европратениците од Европската народна партија и Европските конзервативци.

Во дебатата за извештаите за земјите од Западен Балкан, европратеничката Тања Фајон оцени дека бугарското вето за преговорите со Северна Македонија е неодговорно. Таа порача дека едностраното делување нема ништо заедничко со критериумите за членство во ЕУ.

„Бугарија треба да го повлече своето вето, затоа што кризата што ќе ја предизвика бугарското вето ќе го загрози процесот на проширувањето за другите земји од регионот", рече таа.

Повеќе на темата:

Кршење копја во ЕП: Фајон бара Бугарија да го повлече ветото за С. Македонија

„Погрешно е мислењето дека целата вистина е на бугарска страна“

Анализа на „Just access“: Северна Македонија како заложник на Бугарија 

Европратеничката Тинеке Стрик од групата на Зелените, нагласи дека Северна Македонија направи длабоки и често болни реформи и потсети дека останува да се направат напори во многу области како правата на жените, на малцинствата, корупцијата и владеењето на правото, но дека земјата покажала волја за соработка со соседите.

„Испраќањето на специјален претставник во Бугарија е знак на добра волја, но за решение е потребна соработка од двете страни, ова не смее да биде пречка за да се исполни ветувањето за почеток на процесот, граѓаните на Северна Македонија чекаа доволно долго, да го докажеме нашиот кредибилитет", изјави  Стрике.

Андреа Шидер од групата на Социјалдемократите, исто така оцени дека Скопје заслужува поддршка од целата ЕУ.

„Ми се чини дека блокадата од страна на бугарската влада е погрешен чекор, рече Шидер и побара иднината да не се држи во заложништво во дебатите за минатото.

Илхан Ќучук, известувачот за напредокот на С. Македонија, го поздрави фактот што Северна Македонија продолжи со реформите и покрај пандемијата од Ковид-19.

„Се надевам дека Северна Македонија и Бугарија ќе продолжат со дијалогот за нерешените билатерални прашања за да постигнат одржлив резултат. Постигнување компромис за акциски план со конкретни мерки, чија имплементација би се проценувала редовно согласно Договорот за пријателство, би го рестартирало процесот и би му овозможило на Советот да ја свика првата меѓувладина конференција што е можно поскоро", изјави Ќучук.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји пред почетокот на седницата изјави дека се надева оти Северна Македонија ќе може формално да ги започне преговорите во првата половина од оваа година, за време на португалското претседавање со ЕУ.

Македонскиот вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров го поздрави усвојувањето на Извештајот за Република Северна Македонија, но изрази жалење што не помина амандманот на Зелените и Социјалистите во врска со непримерно и провокативно однесување на бугарските власти кон земјата.

Во однос на спорот со Бугарија, Димитров истакна дека на неколку дена од изборите во соседната земја, С. Македонија е посветена кон продолжување со билатералните напори, вклучувајќи ги и напорите на португалкското претседателство, за изнаоѓање начин да се надмине прашањето и да се постигне консензус во однос на усвојувањето на преговарачката рамка за конечно да се одржи првата меѓувладина конференција и почеток на преговорите.