1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Енергетска криза во Албанија

Angjelina Vrbica10 ноември 2005

Албанските граѓани се навикнати на рестрикции на струјата. Мрежата е застарена, користењето рапидно порасна со економскиот растеж, а нови капацитети не се изградени.

https://p.dw.com/p/AeNY
Нема вода, нема ни струја
Нема вода, нема ни струјаФотографија: AP

Албанија во моментов страда од најголемата енергетска криза во последниве 15 години. Од тие причини мора да се штеди: меѓу 15 и 18 часот секој ден траат рестрикции. Поради малите количества дождови нивото на вештачките езера е скоро на нула. Владата прави напори да увезе струја. Албанскиот министер за енергетика Генч Рули беше во Украина, каде што му е ветена испорака за наредните два месеца:

„Во постојан контакт сме со земјите од регионот. Во Украина бев поради две цели: долгорочно снабдување за идната година и совладување на итната ситуација во ноемви и декември„.

Премиерот Сали Бериша е сигурен дека ќе има и други договори за увоз:

„Увозот од Романија и Бугарија порасна на 150 милиони киловат-часови. Очекуваме позитивен резултат од разговорите со Србија за директно купување или трансфер на струја од Украина преку српската мрежа. Од Италија ќе бидат купени 200 милиони киловат-часови„.

Србија веќе вети спроведување на увезената струја, но мораат да се регулираат времињата за трансферот, бидејќи српската мрежа се користи за трансфер во други земји. Македонија вети да отвори две врати на Охридското езеро кај Струга за да се зголеми нивото на водата во Дрим во албанскиот дел на реката на која се наоѓаат најголемите хидро-централи во земјата.

Експертите на Светската банка проценуваат дека стопанството на Албанија дневно губи 4,2 милиона долари. Рули ја обвинува досегашната социјалистичка влада: пропушти навреме да ги склучи неопходните договори со земјите извознички. Албанија сега увезува повеќе од половината од нејзините потреби:

„Познати се климатските циклуси. Албанија и целиот регион имаа три сушни години и три години влажна клима. Од јануари до септември годинава не беа склучени никакви договори. Тоа доведе до ситуација со лиферантите повеќе да преговараме политички отколку комерцијално„.

Сите земји од Балканот имаат енергетски проблеми, иако регионот е богат со ресурси. Тоа треба да се промени со либерализација на енергетскиот пазар во регионот. Државите од Југоисточна Европа, Европската унија, САД, Канада, Светската банка и Европската банка за обнова и развој неодамна во Атина потпишаа договор со кој се планира отворање на пазарите за енергија за странските конкуренти. Генералниот секретар во грчкото министерство за развој Никос Стефану вели:

„Воопшто не е случајно што Светската банка, но и европската комисија за инвестиции за наредните 15 годони зборуваат за инвестиции од 21 милијарда евра. Тоа се фондови за изградба на нови далноводи и за рехабилитација на сегашните системи, што значи во наредните 15 години инвестициите за енергетика во регионот ќе доживеат бум„.