1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Елитите и народот – кој кому му е потребен

8 септември 2018

Дали сѐ треба да им биде оставено на флуктуирачките интереси на масите или елитите треба да ја водат дебатата во општеството, како оваа за референдумот? И зошто во едно општество владее „симболичката елита“

https://p.dw.com/p/34TXd
Mazedonien Skopje Proteste
Фотографија: DW/Boris Georgievski

Неколку реченици од долгиот говор на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на митингот во Кичево минатата недела станаа предмет на медиумско и политичко секцирање и психоаналитички толкувања дали лидерот на опозицијата ја оставил вратата отворена или не за партиските членови и поддржувачи да излезат на референдумот за името. Ваквите анализи се целосно соодветни на моментот. Бидејќи неговите зборови: „Кој е Христијан Мицкоски да му каже на народот што треба да прави, да се обидува да го замајува со скапи маркетиншки трикови и странски пи-ар советници. Кој ми го дал мене тоа право... Не може за национално прашање да одлучуваат политичките елити“, од повеќето аналитичари беа протолкувани како најава за премолчена согласност на Мицкоски да не повика на бојкот.

Можеби е така, но не мора да биде, допрва треба да видиме каков ќе биде ставот на вмровскиот лидер, ако најпосле се осмели да го каже. Овие негови зборови отворија други дилеми, опортунистички создадени или ненамерно, за тоа какво треба да биде местото на политичките и другите елити во едно општество кога тоа се соочува со многу важен момент од неговиот развој. Дали сѐ треба да им биде оставено на флуктуирачките интереси на разните делови од народот, кои може да се менуваат вселенски брзо од различни настани? Една група интелектуалци се претставува како елита која го повикува народот да го отфрли Договорот од Преспа, друга група е на сосема спротивната страна – го повикува народот да го прифати решението за името. Тие не се кријат и се обидуваат да бидат некакво водство, што и да значи тоа, и да бидат на удар на противниците, на омаловажувања и навреди од обете страни.

Mazedonien Hristijan Mickovski Parteichef der oppositionellen VMRO DPMNE
Што значи кога Мицкоски се повикува на народотФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Гневот и иднината

Што значи кога Мицкоски вели: „Ние сме ВМРО, ние сме Македонија... ние сме народна, автохтона, македонска политичка партија и нема ништо понормално за нас, дури би рекол и обврзувачки, да се водиме исклучиво од гласот и интересите на македонскиот народ“. Клучното прашање е – кои се тие интереси, со какви вредности се поврзани, кон каква иднина се насочени и како може да се остварат со најмали последици за да не го раздробат општественото ткиво.

Популизмот се јави во Европа поради гневот од институциите кои се водени од елитите и кои во голема мерка го изгубија контактот со народот. На чело на овој голем популистички бран, кој го предводат автократските режими во Унгарија, Турција и Русија, се политичари кои се етаблираа како елита која не може да се допре, кои преку  гласачките кутии создадоа режими кои се водат од корупцијата и властодржието, сѐ во името на народот. Она што Мицкоски го зборува ја зголемува  недовербата во институциите, која и така е падната на ниско ниво и игра на популистичката карта. Затоа што самата негова функција го прави дел од политичката елита, а тој ја префрла одговорноста врз народот. Ако не беше дел од политичката елита немаше со него во четвртокот да се сретне генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Кој кому му е потребен – дали елитите на народот или можеби обратно?

Претходни колумни на авторот: 

Кога ќе се допрат границите

Кога вистината не е вистина

Со бајракот на патриотизмот во ѕидот

Во најстарата светска демократија, Америка, архитектите на нацијата го делегирале авторитетот на неколкумина кои ќе можат да бидат на дистанца од народните страсти полни со предрасуди и себичен интерес  за да се облагородат и прошират јавните гледишта. Може да изгледа неверојатно, но зборот „демократија“ го нема во американскиот устав. Го нема ни во Декларацијата за независност, ниту во Повелбата за правата. Денес звучи зачудувачки, но татковците на американската нација не само што не ѝ верувале на демократијата, туку истражувајќи ја грчката и римската историја, биле непријателски расположени кон сфаќањето дека тоа е најдобриот систем да се владее едно општество. Џејмс Медисон, четвртиот американски претседател, славно изјави: „Демократијата е најгрда форма на владеење... демократиите секогаш биле спектакли на турбуленција и расправи; секогаш биле некомпатибилни со личната безбедност или правата на сопственост; и секогаш  биле со кратко траење и насилни во нивната смрт“.

Што промовира тогаш најстарата демократија низ светот? Дали народот или негова симбиоза со елитите? Славниот политички научник и автор на прочуената книга „Крај на историјата“, Френсис Фукујама, зборувајќи за владеењето на Доналд Трамп и подемот на популистите во Европа ги даде овие оценки кои може да звучат дури и еретички во глобален и национален контекст:

„Луѓето сакаат да веруваат во работите и не водат сметка за фактичката точност. Јас можам да тврдам дека институциите секогаш биле контролирани од елитите и денес со присуството на интернетот тие ја губат нивната моќ. Можеби демократиите нема да функционираат добро без одреден степен на контрола од елитите“.

Armutszuwanderung
Фотографија: picture-alliance/dpa

Елитизмот на Еразмо и популизмот на Мартин Лутер

Многу историчари, филозофи и политички научници велат дека конфликтот меѓу елитите и популистите почнал уште пред 500 години, во дебатата меѓу еден од најголемите хуманисти, Еразмо Ротердамски и основачот на протестантизмот, Мартин Лутер. Еразмо го поминал сиот свој живот подготвувајќи го печатот за новата христијанска Европа. Неговиот најголем потег била ревизијата на „Вулгате“ – латинскиот превод на Библијата. Со векови овој документ служел како темел на римската црква, но кога го проучил открил дека тој е полн со граматички грешки и лошо напишан. Затоа во 1500 година Еразмо решил да научи грчки за да може да го чита Новиот завет во оригиналот како што бил напишан и за да го открие неговото вистинско значење. Кога конечно во 1516 година се појавила новата верзија на Новиот завет, таа понудила свежа верзија на читање на Библијата.

Но приврзаниците на Еразмо биле малкумина во Европа. Еразмо, кој пишувал исклучиво на латински, го промовирал грчкиот како не помалку важен за вистинско култивирање на поединецот. Неговата образовна програма во овие два антички јазици била елитистичка и била скроена да создаде своевидна каста која ќе го води општеството.

Една година подоцна, во 1517, Мартин Лутер на вратата на црквата во Витенберг ги закачил неговите тези за сосема поинакво движење меѓу христијаните кое ќе има допир со народот. Тоа е првата популистичка револуција во Европа, која доведе до реформацијата. Основното кредо на ова движење, кое се рашири фантастично брзо, беше дека богослужбите треба да бидат на народниот германски јазик, а и проповедите да бидат напишани на тој јазик кои ќе одат отаде кругот на едуцираните елитисти кои го читаа Еразмо. Конфликтот на Еразмо и Мартин Лутер го претставуваше судирот на два света. Еразмо беше интернационалист чија цел беше мирно христијанско обединување, а Мартин Лутер во основа беше германски националист. Еразмо сакаше образован и обучен кадар, Лутер ги мобилизираше масите. Тие двајцата со години се натпреваруваа кој да ја освои душата на Европа, но рационалноста и космополитизмот на Еразмо потклекна пред жестокоста на Мартин Лутер. Реформацијата ја презеде контролата над поголемиот дел од северна Европа, по смртта на Еразмо во 1536 Европа западна во стогодишно религиозно насилство, а идеите на големиот хуманист за толеранција беа заборавени или потиснати.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Можеби ова изгледа дека нема никаква допирна точка со дебатата за референдумот во Македонија, но овие историски кадри се веќе влезени во потсвеста во долгопотхрануваната недоверба (не само овде) во елитите. Мицкоски се обидува да ја почувствува таа далга, па затоа зборува дека за национално прашање не може да одлучуваат политичките елити. Доналд Трамп го освои американското претседателство со повикот да се „исуши мочуриштето“, мислејќи на вашингтонската политичка елита, а целиот свој мандат досега го помина за да ги направи неговите пријатели милијардери уште побогати. И половина од досегашниот мандат да го помине на сопствените терени за голф.

Како и секаде во светот и овдешната дебата околу референдумот и настаните пред и по промената на власта главно ја води онаа елита што прочуениот професор од Беркли и министер во владата на Бил Клинтон, Роберт Рајх , ја нарекува  - „симболичка елита“. Таа елита е составена од политичари, професори, новинари, банкари, економисти... Овие професионалци го насочуваат сообраќајот во информациите и манипулираат со зборовите и бројките. Тие, во основа, се дел од еден апстрактен свет.

Министрите во македонската влада секој ден се обидуваат со познати приказни за иднината да ги убедат граѓаните дека треба да излезат на референдумот и по можност да гласаат „за“. Оние од спротивниот табор главно не повикуваат отворено на бојкот, но ги насочуваат граѓаните на таа опција како единствено можна. Без оглед  на перспективите што се отвораат за земјата со членството во ЕУ и НАТО приказната не е единствено поврзана со благосостојбата на народот и сочувувањето на досегашното име. Приказната е политички приземна и таа е дел од кодот на елитите – доколку референдумот пропадне, власта може да падне. А оние што мразат сега да се претставуваат како елити во името на народот да го искористат овој слом и гневот на масите за повторно да дојдат на власт. А при тоа за ништо фактички да не се изјаснат, освен да ги повторуваат познатите флоскули. Тоа е таа позната формула – да се искористи гневот против елитите, кои решиле да го продадат народот. Да се искористи тој гнев и да му се залепи оценката за врвно национално предавство. Тоа е најкусиот пат за доаѓање на власт без да се извалкаш и преку ноќ да станеш дел од кругот на најмоќните елити.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар