Електро-автомобили-подготвени за широка потрошувачка?
29 септември 2013При возењето низ Франкфурт електро-автомобилот речиси малку покажува од тоа што го може. 751 коњска сила има во моментов најбрзиот автомобил кој работи само на батерии. Моделот Мерцедес Електро СЛД АМГ (на насловната фотографија) е и најскапиот автомобил - чини 420.000 евра. Со сигурност бројките на продажба на овој електро-автомобил нема да бидат многу високи. Не се открива колку вакви модели ќе бидат направени.
Она што повеќе се вклопува во градот со сигурност е Електро-Смарт. Но, и тој чини 25.000 евра, што е значително повеќе од моделот кој работи на бензин. До крајот на 2014 година во продавниците треба да се најдат 16 нови електромодели на германски производители. Дали ова е почеток на електро-иднината?
„Ние како производител даваме силен поттик и сметам дека сега од Франкфурт ќе се испрати силен сигнал. По скепсата и еуфоријата на почеток, сега повторно доаѓа довербата. Со вакви автомобили електро-мобилноста во иднина може да има вистинска шанса“, вели Томас Вебер, главен развоен директор на Мерцедес.
На тоа се надева и БМВ. Фирмата од Баварија инвестираше многу пари и создаде сосема нова автомобилска серија на батерија. И3 треба да биде само почеток. Кабината е целосно направена од карбонски материјал. Тежина на лесниот материјал му дава тешката батерија. Овој градски автомобил чини 35.000 евра. Вакво нешто сакаат муштериите, велат во БМВ.
„Ние направивме детални тестови и заклучивме дека дневниот опсег во т.н. мега градови во случајот на И3 изнесува околу 64 километри. Ние рековме дека тоа е прекрасно, ако нашето возило има опсег од над 150 километри. Тоа е сосема доволно“, вели Норберт Рајтхофер, претседател на управниот одбор на БМВ.
Германските производители воопшто не соработуваат заедно. Електро-автомобилите за Ауди, на пример, сѐ уште се само соништа за иднината. Наместо тоа, производителот се потпира на веќе докажана хибридна технологија, при која батеријата по потреба се заменува со согорување на гориво.
„Ние се одлучивме за тоа дека ќе го поврземе најдоброто од двата света со А3 Е-Трон, односно 50 километри електро-возење во град, ЦО2 неутрално, но поголем опсег, поголем опсег, поголем опсег преку согорување. Тоа е повратната реакција што ја добиваме од муштеријата. Кога тој си купува автомобил, повеќе го сака со две срца“, вели Руперт Штадлер, претседател на управниот одбор на Ауди.
Во основа за тоа и се работи - да се освојат потрошувачите. А, во иднина сѐ повеќе ќе се патува со електро-возила. Уште долго нема да биде одлучено дали со целосни електро-автомобили или, пак, со мешан мотор.