Економијата во 2022- меѓу тмурност и надеж
3 јануари 2022Со задоволство човек би напишал дека сѐ ќе биде добро. Но, не е сѐ баш така едноставно. Кој би можел да знае пред една година со кои проблеми ќе бидеме соочени годинава, проблеми кои на прв поглед не се поврзани со короната.
Да ги споменеме само тесните грла во синџирите на испорака и инфлацијата. А, поимите „тесно грло“ или „застој во снабдувањето“, како и „инфлација“со децении не се споменуваа во вестите од економијата. Автомобилската индустрија не добиваше доволно полупроводници, градежните мајстори немаа доволно дрвен градежен материјал. Тоа помалку потсетува на покојната источногерманска држава и на економијата на оскудица и недостиг. Џиновскиот пораст на побарувачката се случи затоа што сите светски економии во исто време се разбудија од шокот предизвикан од пандемијата на коронавирусот. А, таа побарувачка се соочи со недоволна понуда.
Таквиот „шок на понудаta“ се случи во 70-тите години - нафтената криза предизвикана со тоа што главно арапските земји кои произведуваа нафта ја затворија славината поради политиката на Западот кој го поддржуваше Израел. Цената на нафтата, како и со неа поврзаните цени експлодираа.
Поуки од нафтената криза
Тоа доведе до силен раст на цените, синдикатите бараа зголемување на платите, да ги изедначат инфлациските губитоци во пари за вработените. Така во јавните служби во Германија во 1974 година приходот порасна за 11 отсто. Таква спирала на зголемување на цените и платите и денес е можна.
Повеќе: Германското стопанство со оптимизам гледа кон 2022
Инфлацијата, која две децении беше речиси невидлива, го поттикна порастот на цените на енергенсите и на огромната побарувачка, и стигна на насловните страни. Во Германија во моментов инфлацијата изнесува 5 насто, што е далеку од зацртаната цел на Европската централна банка која изнесува 2 отсто. Подобрување нема на повидок. Примирувањето на инфлацијата нема да зависи само од политиката на Европската централна банка туку и од претстоечките преговори меѓу работодавачите и синдикатите за тарифните договори. Сепак, постојат и други потешкотии. Кога синџирите за снабдување на економијата ќе проработат како пред короната? Никој не може да даде сериозна прогноза. Една од причините е рестриктивната политика на нулта толеранција кон ковид која ја спроведува Пекинг. Доволно е да се открие еден случај на инфекција во некое од кинеските пристаништа и тогаш милиони контејнери ќе бидат заробени со недели.
Исто така, доволно е уште еднаш да се испречи еден единствен насукан товарен брод во Суецкиот канал, што навистина се случува само кога работите ќе тргнат наопаку, па да дојде до глобален застој.
Рецесија на „тесно грло“
Поголемиот број претприемачи во Германија во анкетите на крајот на годината се жалеа на „тесни грла“ во снабдувањето. Дури станува збор за „криза на тесно грло“. Тоа не се баш некои оптимистични тонови. Се проценува дека ширум светот не се произведени 11 милиони автомобили, бидејќи недостасуваат електронски делови за нив. Дали може тоа некако да се надокнади? Веројатно не.
Зарем тогаш нема добри вести? Има! На пример, ситуацијата на пазарот на труд. Во текот на целата година Агенцијата за вработување јавуваше намалување на бројот на лица кои бараат работа. Побарувачката за квалификувана работна сила е поголема од понудата.
Бројот на фирмите кои прогласија стечај е дури на историско ниско ниво, а тоа е веројатно резултат на дарежливата владина помош.
Германскиот берзански индекс скокна на невидени нивоа. Падот на акциите на почетокот на пандемската криза, во пролетта 2020 година, одамна е надокнаден.
Што следи?
Ништо од тоа не гарантира добри вести и во новата година. Силниот пандемски бран кој ја погоди Германија во четвртото тромесечие, понекого го научи на претпазливост. Шефот на Сојузната агенција за вработување изјави дека погледот во новата година малку се заматил. Се предвидува пораст на инсолвентноста кај најмалите фирми, како и во трговијата и во гастрономијата, велат експертите од фирмата „Кредитреформ“.
Ако инфлацијата не спласне сама од себе, порано или подоцна ќе мора да интервенира Европската централна банка. Без разлика дали таа ќе се одлучи за зголемување на каматните стапки или за редуцирање на купувањето обврзници, никогаш досега несигурноста не била поголема. Кога ќе проработат меѓународните синџири за снабдување? Кога ќе паднат цените на енергијата? Дали ќе се појави нов, уште полош сој на вирусот и ќе донесе локдауни?
На светот ќе му биде добро. Само кога, тоа е големото прашање. Кое важи и за 2022 година.