1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еколошка катастрофа од невидени размери

1 мај 2010

Американската влада и повеќе американски сојузни држави се подготвуваат за една од најголемите еколошки катастрофи во историјата. Нафтениот тепих од уништената нафтена платформа во Мексиканскиот залив стигнува до брегот.

https://p.dw.com/p/NC3V
Нафтата непрекинато истекува во морето во Мексиканскиот заливФотографија: AP

Покрај сојузните држави Луизијана и Флорида, вонредна состојба прогласија и Алабама и Мисисипи. Пентагон вчера одобри ангажман на Националната гарда во Луизијана во борбата против нафтениот тепих. Во очајнички обид да се запре неговото ширење, во водата се поставени илјадници пречки. Напорите да бидат затворени цевките под водата со помош на роботи, не донесоа плод. Инженерите сега работат на изградба огромен резервоар, во кој ќе се собира и испумпува нафтата под површината на водата, но изградбата ќе трае со недели.

Од минатата недела, кога потона една од платформите за експлоатација на нафта на британската компанија "Бритиш Петрол“, во морето дневно се излеваат околу 800 илјади литри нафта. Нафтата, која истекува на длабочина од еден и пол километар, се’ уште целата не испливала на површината.

Öl-Bohrinsel sinkt im Golf von Mexiko
Платформата „Дипвотер Хорајзон“ се запали и потона на 21 априлФотографија: AP

Американскиот претседател Барак Обама во меѓувреме ги свика членовите на кабинетот за договор за координација на националните мерки. На неговата влада и‘ се префрлува задоцнета реакција на еколошката катастрофа.

Богатиот екосистем во голема опасност

Еколозите стравуваат дека ова ќе има досега невидени последици во загадувањето на природата. Нафтената дамка ги загрозува чувствителните мочуришни екосистеми на крајбрежјата на Луизијана, Мисисипи, Алабама и Флорида, каде живеат стотина видови птици, како и мрестилиштата на рибните фондови на Мексиканскиот залив, едно од најбогатите риболовни подрачја во светот, кое изобилува со ракови, школки и голем број видови на риби.

Ölpest / USA / BP
Птиците страдаат од катастрофатаФотографија: AP

Туризмот и риболовството со тешки загуби

Британскиот нафтен концерн БП, главен сопственик на платформата „Дипвотер Хорајзон“, која потона по експлозијата на неа на 21 април, во меѓувреме ја презеде „целосната одговорност“ за нафтениот тепих во Мексиканскиот залив. Истовремено фирмата, според барањата на американскиот претседател Барак Обама “, се согласи да ги отстрани и последиците од катастрофата. Шефот на БП Тони Хаурад најави дека ќе бидат задоволени сите барања на засегнатите.

Тешки последици ќе претрпат секако риболовството и туризмот во регионот. Двете бранши едвај се опоравија од последиците на ураганот Катрина во 2005 година. Само спречувањето на ширењето на нафтениот тепих и чистењето според првите проценки ќе чини околу три милијарди долари. Се проценува дека индустријата за риби ќе претрпи штети од 2,5 милијарди, а туристичкиот сектор од три милијарди долари.

Автор: ЖА/СН/афпн/дпа/ап

Редактор: Симе Недевски