1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ездемир: Меркел е многу мека кон Турција

20 јули 2017

Во интервју за ДВ, кандидатот за канцелар на Партијата на Зелените, Џем Ездемир остро ја критикува Турција. Германија мора да ја промени својата наивна политика, вели Ездемир кој самиот има турско потекло

https://p.dw.com/p/2gqd0
DW Interview mit Cem Özdemir
Фотографија: DW/R. Oberhammer

Во конфликтот со Турција не се работи за кавга меѓу германската канцеларка Ангела Меркел и Ердоган, туку за судир меѓу НАТО и Турција, вели во летното интервју за ДВ, Ездемир. Политичарот на Зелените вели дека тој веднаш би ги замрзнал преговорите на ЕУ со Турција. А доколку Анкара одлучи да воведе смртна казна во земјата, тогаш: „Преговорите би биле комплетно прекинати. Тогаш Турција ќе мора да го напушти и Советот на Европа“, вели Ездемир.

Во глобала, тој смета дека политиката на канцеларката Меркел е премногу „мека“. Ездемир вели дека во раководствата на турските џамии во Германија се отстрануваат луѓе кои се „желни за интеграција“ и на нивно место се поставуваат луѓе „кои добиваат наредби од Турција“. „Ердоган сака и во Германија да изгради Турција“, вели Ездемир и предлага да се забрани финансирање на џамиите со пари од Турција.

Ездемир: Меркел е многу мека кон Турција

„Ердоган сака и во Германија да изгради Турција. И тука мора јасно да се каже дека тоа не може. Тоа може да се спречи. Можам да кажам - нема веќе пари од Турција за тукашните џамии. Но, потоа како последица Германија мора да каже дека ќе им помогне финансиски на заедниците. На пример, јасно би кажал дека секој обид тука да се формира некаква паралелна држава ќе биде спречен. Кај мене доаѓаат многу опозиционери кои се плашат дека во Германија нема да бидат заштитени. Сетете се на обидот да се инфилтрираат луѓе во германската служба за заштита на Уставот. На тоа мора да има јасен одговор. Тоа не смее да се толерира. Тука е Германија премногу наивна“, вели Ездемир.

Тој смета дека грешките во однос на Турција се прават од страна на Меркел уште од 2005 година наваму. Претходната влада на СПД и Зелените ги поддржувала реформските сили во Турција. Но, откако Меркел понуди привилегирано партнерство во рамките на преговорите за членство во ЕУ, тоа оневозможи натамошна поддршка за реформските сили.

За време на бегалската криза во 2015 година, чувството е дека канцеларката била секој втор ден кај Ердоган, со цел да го реализира договорот ЕУ-Турција. Ердоган поради тоа се почуствува како важен светски политичар. Казнуван во погрешен момент и наградуван за погрешни работи - така Ездемир ја сублимира политиката на Меркел кон Ердоган.