1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Едни во градинка, други дома, наскоро одлука за родителите

4 септември 2020

Се уште важи мерката за ослободување од работа на еден родител на дете до 10 години на кое му е потребна грижа. Со отворање на градинките и со почетокот на наставата состојбата ќе се смени.

https://p.dw.com/p/3hyoh
Coronavirus - Leinfelden-Echterdingen
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Gollnow

Иако детските градинки ќе ги отворат вратите на 9-ти септември, Владата се уште нема донесено одлука какви ќе бидат обврските за родителите чии деца ќе одат во градинка, но и за оние чии деца ќе останат дома. Министерството за труд и социјална политика вчера соопшти дека до донесување на друга владина одлука, и натаму важи мерката за ослободување од работа на еден родител на дете до 10 години на кое му е потребна грижа. Министерот за здравство, Венко Филипче, најавува дека за ова прашање ќе се разговара деновиве, а одлука може да се очекува идната недела.

„Тоа беше одлука за родители на деца поради тоа што се затворија градинките и училиштата, вклучително и за луѓето кои се хронично болни, и се уште важи таа мерка. Но, во следните денови ќе отвориме дискусија, најпрво во Комисијата за заразни болести, и според проценката на ризик во сегашната ситуација на епидемијата во почетокот на следната недела ќе донесеме одлука дали тоа ќе продолжи да важи или не. Секако дека еден од факторите што ќе се земе предвид е и отворањето на градинките. Тука зборувам за категоријата на родители на деца до 10 години чии деца ќе можат да одат во градинка“, изјави Филипче во емисијата „10 минути“ на ТВ „21“.

ВМРО-ДПМНЕ: Субвенции за нега на деца во домашни услови

Oпозициската ВМРО-ДПМНЕ завчера го искритикува доцнењето на одлуки кои се однесуваат на најмладата популација.

„Доколку старо-новата Влада работеше и имаше конкретен план како државата да се справи со пандемијата, немаше да дојдеме во ситуација да се решава во рок од неколку дена за вака сериозни прашања кои ги загрозуваат здравјето на најмладите и нивните семејства“, рече на прес-конференција Благица Ласовска.

Од партијата предложија решение за нега на деца кои нема да одат во градинка, а ќе им биде потребна грижа во домашни услови.

„Владата да одвои средства за субвенционирање на негување на деца од предшколска возраст во домашни услови од страна на лица кои поседуваат соодветна обука, образование и лиценци, се со цел поголем број на семејства да можат да ангажираат негувателки во своите домови, при што предност ќе имаат самохраните родители и хронично болните деца. Со ова ќе се постигне двоен ефект: вработените родители нема да отсуствуваат од својата работа и на тој начин нема да трпи економијата, а од друга страна ќе се ангажираат односно вработуваат лица за чување на децата во домашни услови“, предложија од ВМРО-ДПМНЕ.

Приоритет за прием во градинка

Колкав број на деца од 9-ти септември ќе тргнат во градинка? Според Министерството за труд, градинките имаат капацитет да згрижат 19.000 деца, а интерес за згрижување досега пријавиле родители на 14.555 деца. Приоритет за посетување на градинка ќе имаат децата на самохраните родители и децата на двајца родители кои се вработени, а ќе донесат потврда од работодавачот дека работните задачи не може да ги извршуваат од дома. Доколку градинките имаат повеќе слободни места, согласно критериумите од Протоколот можат да згрижат повеќе деца од приоритетните. Владата им препорача на единиците на локална самоуправа да обезбедат или адаптираат и дополнителен соодветен простор, доколку има потреба за тоа.

Повеќе:

Асимптоматските деца можат со недели да го пренесуваат коронавирусот

Подобро е децата да бидат во училница

Децата во Европа се враќаат во училиште и покрај коронавирусот

Пандемијата и родителите: Кој да не спаси од децата?

„На општините како основачи на градинките им препорачуваме да обезбедат потребен соодветен кадар за временскиот период до траењето на пандемијата, доколку градинката има потреба за тоа, со цел да обезбеди непречено функционирање. Како Министерство за труд и социјална политика во изминатиот период интензивно контактираме со сите градинки во државата. Уверени сме дека процесот ќе се одвива без проблем, децата ќе бидат згрижени на безбеден начин, а нивните родители ќе можат да се вратат на своите работни места. Сепак, сакам да апелирам до родителите дека капацитетот на градинките, поради посебните протоколи е значајно намален, поради што сите кои имаат можност да ги згрижат своите деца на друг начин, да не го зафаќаат местото во градинките на оние семејства, на кои тоа им е реално попотребно”, рече министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

Протоколи и мерки

При прием во градинка на секое дете ќе му се мери температура. Растојанието помеѓу масите треба да биде од 1,5 до 2 метра, а при спиење децата треба да бидат поставени според принципот „нозе – глава” исто така на растојание од 1,5 до 2 метра, во единечни кревети и со постелнина обележена со името на детето. Воспитните групи за деца до 2 годишна возраст ќе имаат максимум по 6 деца и двајца вработени во смена, а групите за деца над 2 години ќе имаат максимум 15 деца и двајца вработени во смена. Секоја градинка треба да има назначено одговорно лице за контакт со надлежниот Центар за јавно здравје (ЦЈЗ). Доколку за време на престојот во градинка дете развие покачена температура, веднаш треба да се изолира во посебна просторија. Одговорното лице треба да го повика родителот и да стапи во контакт со епидемиолошката служба во ЦЈЗ и со матичниот доктор на детето, заради негова понатамошна дијагноза, тестирање и третман. Епидемиологот од ЦЈЗ прави проценка на ризик за можноста од проширување на инфекцијата во групата или во целата градинка. При појава на потврден случај на Ковид-19 во градинката, се известува Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), а надлежниот епидемиолог организира спроведување на вонредна дезинфекција. Дете позитивно на САРС-КоВ-2, заедно со родителите/старателите оди во домашна изолација под здравствен надзор со решение од ДСЗИ. Неговата состојба ја следи матичниот лекар, а доколку се појави потреба - се хоспитализира. Дете кое било сомнително на Ковид-19, а за кое со ПЦР-тест е докажано дека е негативно, продолжува да ја посетува градинката со приложена потврда од матичниот лекар дека е во добра здравствена состојба.