1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Егзодусот во Авганистан продолжува

Сандра Петерсман/ Ж.А.3 јануари 2016

Голем дел од бегалците кои годинава сигнаа во Европа, доаѓаат од Авганистан. Зимата моментно го забави бегалскиот бран, но многумина Авганистанци и натаму се одлучни во намерата да ја напуштат татковината.

https://p.dw.com/p/1HVz7
Фотографија: dapd

Почеток на декември. Туристичка агенција во центарот на Кабул, недалеку од институцијата во која на државјаните на Авганистан им се издаваат пасоши. Шефот на агенцијата Џавад паузата за ручек ја користи малку да здивне.

„Навалицата почнува уште од осум часот изутрина. Пред канцеларијата уште тогаш има формирано долга редица на оние кои чекаат. Ние ги примаме нивните барања за визи и им препорачуваме да се распрашаат за исходот по 30 до 45 дена. Луѓето сакаат да го напуштат Авганистан. Додуша, сега е многу постудено и потешко да се премине границата. Поради тоа има помалку луѓе од обично, би рекол околу 20 проценти помалку отколку што доаѓаа на крајот на летото.“

Виза за иднината

Визата за Турција чини и до 6.000 долари. Цели семејства ја даваат вкупната своја заштеда за да заминат во странство - на каков било начин. Ништо не се промени ни откако германската влада почна кампања преку која низ цел Авганистан се истакнати плакати со предупредувања до граѓаните дека не можат да добијат азил. На големите плакати стои: „Гласини во врска со Германија“. Постои и Фејсбук-страница на која потенцијалните бегалци се предупредуваат да не тргнуваат залудно на тежок и неизвесен пат.

Afghanistan Kämpfe in der Prozinz Helmand
Во Авганистан постојано траат борби меѓу владините сили и талибанцитеФотографија: picture-alliance/dpa/W. Yar

Од оваа кампања има мала корист, вели Џавад: „Секој кој доаѓа овде има добри причини за заминување. Не станува збор веќе само за млади луѓе, туку за цели семејства. Меѓу нив има и владини службеници, па дури и генерали, како и адвокати и претприемачи. Мнозинството сакаат да стигнат до Турција, а потоа планираат оттаму да заминат низ светот.“

Нема евиденција колкумина Авганистанци оваа година ја напуштија татковината. Претставниците на Меѓународната организација за миграција во октомври оценија дека станува збор за „егзодус“.

Во бегство над еден милион луѓе

Авганистан има уште еден проблем. Податоците на ОН покажуваат дека само во текот на 2015 година околу 200.000 луѓе морале да ги напуштат своите домови поради борбите меѓу владините сили и талибанците. Еден од нив е и Гулам Саки. Тој летоска со своето семејство избега во северен Авганистан. Таму нема плодна земја, децата си играат во песокот. Саки немал избор. Како и стотина други, побегнал главечки од своето село во провинцијата Фарџаб, која буквално преку ноќ ја зазеле талибанците.

Afghanistan IDP Lager Flüchtlinge Flucht Islamischer Staat
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Habibi

„Побегнавне додека ја вршеа вечерната молитва. Оставивме се‘ - облеката, чевлите... Успеавме да избегаме со еден мотоцикл.“

Еден мештанин на располагање им ставил парче земја на која се сместиле. Нивното село оттаму е оддалечено само неколку часа, но назад не можат да се вратат.

Во Авганистан има околу 1,2 милиони внатрешно раселени бегалци. Властите не се дораснати на овој проблем и целосно ги игнорираат потребите на овие луѓе. На тоа се жали и Гулам Саки. На луѓето како него помошта им е неопходно потребна. Како и мнозинството Авганистанци, и Саки е толку сиромашен, што не може да плати колку што треба за да замине од земјата.