030809 Menschenrechte Russland
5 август 2009Уште додека траеше првиот судски процес за извршителите на убиството на Ана Политковскаја животот го загуби уште една фигура од сцената на борците за човекови права. Адвокатот на семејството Политковскаја, Станислав Маркелов, беше убиен на 19 јануари 2009. Во јули годинава беше киднапирана и кусо потоа егзекутирана и Наталија Естемирова, блиска пријателка на Политковскаја, која истотака се занимаваше со кршењата на човековите права во Чеченија. Кусо пред да настрада, таа информираше за егзекуцијата на еден наводен чеченски бунтовник од страна на војниците. Таа беше свесна за опасностите што и’ се закануваат: „Тоа е мојата работа. Ако не се грижам за неразјаснетите случаи, тогаш тоа нема никој друг да го стори. Ќе им помогнеме на луѓето, се’ едно колку скапо тоа може да не’ чини!“
Најзиниот критички став кон власта наскоро и’ се одмазди. Таа беше киднапирана на отворена улица, на патот кон Државното обвинителство во главниот град на Чеченија, Грозни. Од таму беше префрлена во соседна Ингушија и убиена со повеќе истрели во главата и градниот кош. Нејзините пријатели и организациите за човекови права ја доведуваат нејзината смрт во врска со чеченскиот претседател и застапник на руските интереси во Чеченија, Рамзан Кадиров. Наталија Естемирова во повеќе наврати ја критикуваше неговата политика, но и наредбодавците од Кремљ. „Колку исчезнати лица има! Не знаеме ни каде се нивните гробови. Сакам на прво место да ја нагласам одговорноста на руските власти за тоа. Истражната постапка за овие злостори зависи од однесувањето на највисоки фигури во руската држава. И овде во Чеченија се најважни оние, кои седат во Кремљ!“
Список за егзекуција?
Во круговите на борците за човекови права се зборува дека постои список со околу 500 лица, кои треба да бидат ликвидирани. Меѓу нив бил и Умар Израилов, бегалец од Чеченија, кој беше застрелан на отворена улица во Виена на 13 јануари годинава. Тој беше крунски сведок во процесот за измачување, што се водеше против чеченскиот претседател Кадиров. Само шест дена по убиството на Израилов животот го загуби и неговиот адвокат Станислав Меркелов, бидејќи поседуваше изјава заверена во суд од Израилов дека доживеал лично Кадиров да го измачува со електрошокови - и тоа повеќе дена со ред.
Има ли крај?
Само една недела по убиството на Естемирова беше пронајдена и следната жртва: Андреј Кулагин исчезна уште во мај годинава, а неговиот труп беше пронајден во јули во северната руска република Карелија. Тој им беше трн во око на властите на оваа руска република, бидејќи беше претседател на регионалната секција на здружението „Праведност“.
И за сега последната жртва е Алберт Пчелинцев, активист на организацијата за борба против корупција. Тој се задоби со тешки повреди, но го преживеа атентатот, при кој доби истрел со гумен куршум в уста. Претходно добиваше закани дека ако продолжи со активноста за расветлување на случаите на корупција ќе биде така унаказен, што подолго време нема да може да зборува.
Автор: Матијас фон Халифелд / Горан Чутаноски
Редактор: Александра Трајковска