Европските главоболки поради Грција
18 декември 2014ЕУ вообичаено не се меша во избори кои се одржуваат во земјите членки, тоа се смета за лош начин на однесување. Пред изборот на претседател во Грција, меѓутоа, официјалните претставници на ЕУ направија исклучок. Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер отворено ги опомена пратениците да се определат за единствениот кандидат Ставрос Димас и со тоа да и‘ дадат поддршка на владата на Самарас. Грците сепак знаат „што би значел погрешен изборен резултат за Грција и за еврозоната“, смета Јункер. На само еден ден пред првиот круг од изборот на претседател, еврокомесарот за економија Пјер Московиси направи дополнителен чекор. Тој отпатува во грчкиот главен град за да разговара околу состојбата со буџетот и реформските напори и беше сосема јасен: ЕУ ќе „и‘ помага на земјата и натаму само ако напредуваат реформите во економијата“. Истовремено, според принципот на морков и стап, тој понуди - ако владата донесе уште неколку мерки и ако спроведува малку повеќе, тогаш набргу би можеле да бидат повлечени омразените надзорници на буџетот од Меѓународниот монетарен фонд, ЕУ и Европската централна банка.
Коцкањето на Самарас за власт
Пред десет дена европските министри за финансии уште еднаш го продолжија овој режим на Тројката до крајот на февруари. Зашто, тие сметаат дека грчкиот буџетски план за 2015 година е преоптимистички, а структурните реформи ниту оддалеку не се во толку напредна фаза колку што се посакува. На тој начин му се спротивставија на премиерот Самарас, кој вети повлекување на омразените контролори веќе за Нова година. Сепак, откако грчкото стопанство повторно е во благ пораст, тековниот дефицит е значително намален, а невработеноста беше намалена за неколку проценти, тој смета дека е дојден вистински момент за стабилизирање на својата политичка позиција. Оттука и опасната игра со предвремениот избор на претседател.
Како изгледа најлошото сценарио за ЕУ?
Најлошо за ЕУ би било ако по три безуспешни кругови за избор на претседател и новите парламентарни избори потоа, на крајот сепак не се добие стабилна влада, оценува Јанис Емануилидис од бриселскиот тинк-тенк Центар за европски политички студии: „Зашто, по крајот на меѓународната програма за помош, од март се‘ би се наоѓало во слободен пад.“ Сепак, Европејците би се обиделе да седнат на преговарачка маса со секаква нова влада во Атина, па и со влада предводена од левичарската Сириза и нејзиниот шеф Алексис Ципрас. Тој се‘ уште води во анкетите, но предноста пред конзервативците се намалува, вели Емануилидис. Заканите од Брисел и Берлин, според него, покажуваат ефект. Но ако на почетокот на наредната година дојде до нови избори, прашање е колку би можело да се одржи ваквото сценарио на закани од нестабилност. Кај избирачите можеби на крајот анти-естаблишмент импулсот ќе надвладее над стравот од нов финансиски хаос. „Во Атина се игра тежок покер. Прашање е и дали некој во наредните недели ќе направи грешка“, нагласува политикологот Емануилидис. Шансите, партијата покер околу изборот на претседател да заврши добро и да биде избран Димас, тој ги проценува на 50:50.
Од што мора да стравува ЕУ во случај на победа на Сириза?
Ако на почетокот на наредната година на власт дојде Сириза, ЕУ ќе биде соочена со многу прашања: Колку би била стабилна ваква влада во Атина? Зашто, тешко дека таа ќе има доволно гласови за сопствено мнозинство, а можните коалициони партнери се слаби. А колку е воопшто силна внатрешната кохезија во партијата? Од разговорот со европратеникот од редовите на Сириза, Џорџ Катругалос, станува јасно дека партијата забележливо ја има ублажено својата реторика. „Ние сме надеж за Европа, не закана“, вели тој веднаш смирувачки. Политиката на штедење доживеа неуспех насекаде во Европа, не само во јужните земји, нагласува тој и додава дека затоа не верува оти станува збор замо за грчки, туку за европски проблем. И „мислам дека една левичарска влада во Грција би можела да биде катализатор за слични ситуации насекаде во Европа“, вели парламентарецот и притоа го наведува движењето Подемос во Шпанија.
Се разбира, со ЕУ ќе се преговара сосема поинаку отколку владата на Самарас. Но, што се однесува до еврото, Сириза не сака да го напушти, ниту пак да ја става под прашалник заедничката валута. Напротив, еврото треба да се спаси преку откажување од политиката на штедење, тврди Катругалос. Тој објаснува: „Во моментов ММФ и ЕЦБ ни даваат пари на заем за да можеме да ги исплатиме кредитите. Тие и тоа како имаат интерес да преговараат со нас, зашто ако не го прават тоа, нема да си ги добијат парите назад. Ние нема да правиме ништо унилатерлано, ќе ги почитуваме направените договори со нашите доверители, но ќе ги промениме.“
Ваквото сценарио можеби им влева страв на преговарачите од ЕУ. Холгер Шмидинг, главен економист во Беренбергер банк, меѓутоа, на тоа реагира прилично рамнодушно: „Ако ’пукне’ во Грција и дојде до пад“, последиците би биле совладливи, изјави тој на една средба со новинари во Брисел. Структурната еврокриза е завршена и сите механизми за одбрана се подготвени за спротивставување на секаков потрес, каков што на пример би можел да произлезе од Грција, оценува тој. Се чини, немирната политичка состојба во кризната земја на банкарите како него веќе не им предизвикува бессони ноќи.