Европскиот шампион Бајерн се прошета низ Манчестер
3 октомври 2013Европскиот шампион Бајерн на убедлив начин успеа да стигне до победата во 2. коло од групата од Лигата на шампионите. Синоќа на „Етихад“ стадионот во Манчестер како гостин го совладаа Манчестер Сити со 3:1. „Баварците“ до сигурно водство од 3:0 стигнаа со головите на Френк Рибери во 7.минута, Томас Милер во 56.минута и на Арјен Робен во 60.минута. Почесниот гол за „граѓаните“ го постигна Алваро Негредо во 78. минута.
Во оваа, Д група, ЦСКА во Москва ја совлада Викторија од Плзењ со 3:2.
Во Леверкузен, Бајер поведе со голот на Ролфес пред самиот крај на првото полувреме. Но, играчите на Реал Сосиедад одиграа одлично второ полувреме, во кое, не само што го израмнија резултатот туку имаа и повеќе шанси да дојдат до водство. На крајот, мечот го реши извонредниот удар на младиот дебитант Јенс Хегелер од слободен удар во 90. минута. Со победата од 2:1, Бајер ги задржа шансите за пласман во следната рунда. Во вториот меч од групата, Шахтјор и Манчестер Јунајтед ремизираа 1:1.
Мечот ќе се памети и по остварувањето на ветеранот на англискиот шампион, 39-годишниот Рајан Гигс кој го собори рекордот на Шпанецот Раул и стана играч со најмногу одиграни натпревари- 145 во Лигата на шампиони.
На останатите мечеви беа постигнати следните резултати:
Б група: Јувентус – Галатасарај 2:2 и Реал Мадрид – Копенхаген 4:0.
Ц група: Андерлехт – Олимпијакос 0:3 и ПСЖ – Бенфика 3:0.