1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што да се прави со европските ИД-борци?

Матијас фон Хајн
19 февруари 2019

Што да се прави со заробените ИД-џихадисти во Сирија? Уценувачкиот твит на американскиот претседател Трамп ги принудува Европејците да се соочат со овој проблем. Беше крајно време, оценува Матијас фон Хајн.

https://p.dw.com/p/3DZwQ
Syrien | Syrien atlässt zum Ende des Ramadan IS-Gefangene
Фотографија: Reuters/G. Tomasevic

Типично за Трамп - во лош стил (на Твитер!) и јазично премината граница на уцена. Но, му се допаѓало тоа некому или не, содржински има нешто во барањето државите во Европа конечно да се погрижат за борците на Исламска држава (ИД) кои се во курдско заробеништво.

Доналд Трамп со тоа ја стави тежината на Белата куќа зад одамна поставеното барање од курдска страна. Барање кое беше намерно игнорирано додека доаѓаше само од северна Сирија. Таму се во затвор стотици поранешни ИД-борци од Европа. Во тамошните кампови стотици жени од Германија, Франција, Англија се соочени со неизвесна иднина. Тие често имаат деца кои се родени на ИД-територија. А, по падот на последното упориште на ИД во Багуз, нивниот број веројатно ќе се зголеми.

Курдите се префорсирани од товарот на овие затвореници. Тој товар стана уште поголем кога по најавата на Доналд Трамп во декември за повлекување на американската армија тие останаа исправени пред едно сосема друго, поегзистенцијално прашање. Северно од границата турскиот престедател Ердоган гласно ѕвечка со сабји. Најважниот воен партнер на САД, курдските Сили за народно ослободување (ИПГ), од страна на Ердоган се третирани како терористичка организација. Тој сака да му стави што поитен крај на експериментот за курдска самостојност во Сирија под раководство на ИПГ.

DW Kommentarbild Matthias von Hein
Матијас фон Хајн

Веднаш откако по повлекувањето на Американците ќе се отвори патот за турската армија, Ердоган сака долж границата на сириска територија да формира 30-километарски безбедносен коридор. Меѓутоа, во тој коридор се наоѓаат најважните населени места на Курдите, како и камповите со затвореници. Ако Курдите се борат за свое преживување, сигурно нема да се грижат за ИД-заробениците.

Проблемот со заробените ИД-борци е познат одамна, но со најавата за американското повлекување тој доби многу на итност. Меѓутоа, наместо офанзивно да се трага по решение, можеби и на европско ниво, Германија по ова прашање досега се криеше зад формалности. Во надеж дека проблемот можеби ќе се реши сам од себе Министерството за надворешни работи се повлече на комотната позиција дека откако е затворена германската амбасада во Дамаск во 2012 година, во Сирија не е можно конзуларно згрижување, а со Курдите во северна Сирија не се одржуваат официјални односи.

Луѓе кои не ги сака никој

Се разбира дека државата нема интерес да прими назад десетици ИД-џихадисти. Но, тие луѓе постојат. И, поради тоа што сме правна држава, права имаат и германските приврзаници на една терористичка милиција, дури и кога тоа е тешко подносливо. Дел од тие права е и правото на враќање. И, за секое лице индивидуално треба да се докаже вина пред индивидуата да биде ставена во затвор. Тоа во некои случаи е поедноставно, на пример кога лицето се појавува во пропагандни видеа. Понекогаш тоа утврдување на вина е потешко, пред сѐ во случајот на жените. Можеби дел од дезилузионираните поранешни џихадисти ќе може да се придобијат како крунски сведоци.

Но, кога ќе се повлече линија, под нејзе останува: овие луѓе доаѓаат од нашето општество, овде се радикализирале. Мора соодветно да постапуваме со нив. Можеби тие постапки може да бидат и креативни. Како звучи предлогот припадниците на терористичката милиција да бидат изведени пред Меѓународниот кривичен суд во Хаг? Едно е сигурно: северна Сирија не може да остане европски Гвантанамо.