Европската Комисија планира забрана за пластичниот отпад
28 мај 2018Европската Комисија најави нацрт директива чија цел е намалување на загадувањето со пластика на градовите и океаните преку забрана за повеќе пластични производи, јавуваат германските медиуми.
Во Европската Комисија велат дека доколку нешто набрзо не се стори, во океаните ќе има повеќе пластика одошто риби до 2050 година.
Според информациите до кои дојде јавниот сервис АРД, планот ќе ги содржи следните точки:
- Забрана за приватно користење на пластични производи за еднократна употреба како пластични чинии, сламки, чепкалки за уши, лажички за кафе и пластични држачи за балони.
- За секој килограм пластичен отпад кој не е рециклиран, земји-членки на ЕУ ќе мораат да плаќаат казни во буџетот на ЕУ.
- Секоја земја-членка ќе треба да воспостави систем на депонирање или друга мерка со која ќе мора да се собираат 90 проценти од пластичните шишиња кои се користат во земјата, до 2025 година.
- Ќе треба да се намали користењето на пластичните чаши и пакувањето за фаст-фуд храна.
- Засилена информативна кампања за опасноста од пластичното пакување.
Постепено исфрлање од употреба
Германската влада веќе ја сигнализирала својата поддршка за плановите на ЕК. Министерката за животна средина Свења Шулце за АРД изјави дека еднократната употреба на пластика треба да биде регулирана на ниво на ЕУ и постепено исфрлувана. Комесарот за буџетот на ЕУ, Гинтер Етингер ја смета за добра идејата за воведување казни за земјите кои нема да се придржуваат до планот. „Тоа ќе ги охрабри националните политичари да пронајдат начини за намалување на пластичниот отпад- преку забрани, едукација, даноци или екстра давачки за пластични ќеси.
ЕУ се надева дека ќе успее да го надмине евентуалниот гнев на потрошувачите со засилена едукација на јавноста за еколошки подобните алтернативи на пластичните продукти. Заканата за казни веројатно нема да мине добро кај евроскептичните национални влади на некои земји-членки.