1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

ЕК отвора нова постапка против Полска

ЕМФ | АРД
22 декември 2021

Европската комисија ги заострува постапките против Полска во спорот околу тоа дали полското национално право има предност пред ЕУ-правото. Поведена е уште една постапка против Варшава.

https://p.dw.com/p/44hPi
Polen Rechtsstaat
Фотографија: Bernd Riegert/DW

Поради контроверзните пресуди на полскиот Уставен суд во врска со статусот на ЕУ-правото, Европската комисија презеде правни чекори против Варшава. ЕК отвори т.н. постапка поради повреда на договорите. Полскиот Уставен суд, по неговите последни пресуди, „веќе не ги исполнува условите за независен суд“, онака како што тоа го предвидуваат европските договори, објаснува Комисијата.

Полска сега има два месеца за одговор. Доколку тој не биде задоволителен, на земјата во најлош случај ѝ се заканува висока парична казна. Европската комисија и земји како Германија и Франција веќе со години ја обвинуваат полската влада за поткопување на принципот на поделба на власта во државата и за инсталирање судии кои се верни на власта. Најголемото средство за притисок што досега е употребено од страна на Комисијата се задржаните пари кои Полска требаше да ги добие од корона-фондот, во висина од 36 милијарди евра. Полскиот премиер Матеуш Моравјецки ја обвинува ЕУ за „уцена“.

Последниот конфликт се разгоре откако Уставниот суд на Полска на почетокот на октомври пресуди дека ЕУ-правото нема автоматски предност пред полското национално право. Со тоа ги стави под знак прашалник основите на европската заедница. 

На крајот на октомври, Европскиот парламент ја тужеше Европската комисија пред Европскиот суд за пасивност, поради тоа што не ги исцрпела сите правни средства против Полска. Покрај тоа, ЕК поднесе тужба против Полска пред Европскиот суд, кој потоа одреди казна за Варшава од еден милион евра дневно. Судиите во Луксембург тоа го образложија со фактот дека се заканува „сериозна и непоправлива штета“ за Европа и нејзините темелни вредности. Во конкретниот случај тогаш се работеше за дисциплинската комисија на највисокиот полски суд со чија помош, според мислењето на Брисел, се дисциплинираат и суспендираат за власта неомилените судии.