Европарламентот го усвои финансискиот план на ЕУ до 2020 година
19 ноември 2013По повеќемесечно натегање со владите на земјите-членки на ЕУ, Европскиот парламент денеска (19.11) го усвои финансискиот план на Европската Унија до 2020-година. Според него, ЕУ во наредните седум години смее да потроши 960 милијарди евра. Тоа се 38 милијарди евра помалку отколку во претходните седум години. Ова е првпат да дојде до ограничување на трошењето на ЕУ. Намалувањето на реалните трошоци за 3,5 проценти посебно ги погодува издатоците на ЕУ за сиромашните региони, политичко поле наречено „кохезија“. Во прв ред Велика Британија и Германија опстојуваа на мерките за штедење.
Европарламентот во Стразбур гласаше за финансискиот план, откако владите на земјите-членки го порамнија дефицитот во буџетот за тековнава година во висина од 11,2 милијарди евра.
Буџетот наречен - Повеќегодишна финансиска рамка, беше усвоен со 527 гласови „за“ спрема 126 гласови „против“. Мнозинството противници на буџетот доаѓаат од редовите на евроскептиците, Европскиот левичарски блок и од редовите на Зелените.
Утре гласање за буџетот за 2014
Политички договор за буџетот владите на државите членки на ЕУ постигнаа уште во јуни годинава, но европратениците се ценкаа за определени детали кои конечно беа усвоени во финансискиот план.
Меѓу другото, тие издејствуваа во иднина средствата за издатоци да можат да се префрлуваат од една во друга година и од една во друга буџетска ставка. Исто така издејствувана е и проверка на финансискиот план во 2016 година.
Во финансискиот план на ЕУ 2014-2020 година нема никакви резови во средствата за истражување, хуманитарна помош и за гранични контроли. Платите и пензиите на вработените во ЕУ се замрзнати на исто ниво од 2011 година, а никаква причина да го промени тоа не најде ниту Европскиот суд на правдата. Во неговата пресуда беше поддржан ставот на мнозинството држави-членки на ЕУ, кои одлучија дека кратењата во буџетот на ЕУ треба да ги одразуваат мерките за буџетско штедење кои ги воведоа националните влади за сопствените администрации.
Со одобрувањето на долгорочниот финансиски план Европарламентот го отвори патот и за усвојување на буџетот на ЕУ за 2014 година. Гласањето за него е предвидено за утре (20.11.2013).