Моја Европа: Како Источна Европа стана хомофобна
13 февруари 2021Во комунистичко време ќе го наречеа „споредна контрадикција”. Но, токму околу хомосексуалноста за првпат се кршеа копјата меѓу Западот и Истокот по падот на Железната завеса.
Особено националистички политичари во источноевропските земји, кои сакаат да го фалат својот народ како толерантен пандан на „развратниот“ и мисионерски Запад, сега офанзивно застапуваат маскимална неподносливост. „Биди нетолерантен, биди нормален!”. Оваа порака се наоѓаше на плакатите на една десноекстремна партија во Бугарија. Тоа така брутално не би го формулирале ниту најголемите хомофоби. Па, кој сам за себе ќе рече дека е нетолерантен? Но, партијата со тоа погоди „во нерв“.
Нетолерантноста не е одлика на Истокот, а уште помалку е тоа хомофобијата. Во однос на сексуалната ориентација токму во источна Европа традиционално имало повеќе толеранција отколку, на пример, во Германија или Велика Британија. Големите скандали поврзани со „блуд меѓу мажи” се инсценирани токму во западните земји: во Англија тоа беа аферите поврзани со Оскар Вајлд , а во 1950-те и аферите на Питер Вајлдблад. Во Германија уште во царското доба во центарот на една приказна се најде кнезот Ојленбург, а во нацистичко време за еден од водачите на тајната полиција Рем. Темата беше актуелна дури и во 1980-те, со аферата за генералот во Бундесверот, Кислинг.
Во источна Европа пак никогаш не се придавало посебно значење на хомосексуалноста. Казни за секс меѓу мажи од осамостојувањето на Полска во 1918 година немало, исто како што немало ни во Франција, или Италија.
Во Советскиот сојуз, пак, темата ги делеше приврзаниците на Сталин и болшевиците од реформаторите и револуционерите: под Ленин казнивоста на хомосексуалноста беше укината, за време на Сталин повторно воведена. Чехословачките комунисти сакаа да ја декриминализираат хомосексуалноста уште во1950-те, но мораа да се покорат на ветото од Москва. Уште во 1957 година сексот меѓу полнолетни мажи во Источна Германија не беше казнив, во 1961 во Унгарија, а 1962 конечно и во Чехословачка. Велика Британија пак, дури во 1967-та стаса до тој степен, Сојузна Република Германија во 1969-та, а Австрија во 1971 година.
Граница
Ако историски во однос на сексуална толеранција некогаш имало линија на поделба на континентот, тогаш таа во најдобар случај го делела толерантниот исток и југозапад од нетолерантниот северозапад.
Дури ни по падот на Железната завеса и бројните промени, односно преврати, оваа тема на почетокот не предизвикуваше некое посебно внимание.
Кога ЕУ во 2000 ја забрани дискриминацијата на хомосексуалци на работното место, во католичка Полска, во која тогаш на власт беше верникот Јержи Бузек, се слушна тивко негодување. Но, треба да се потсети дека конзервативците насекаде во Европа пружаа отпор на тие правила. Полска тука не беше исклучок.
Но, потоа спорот за рамноправноста на гејовите и лезбејките, во врска со регистрираните партнерства и истополовите бракови, се претвори во културолошка борба помеѓу Истокот и Западот со голем потенцијал за мобилизација на „сили“. Тоа беше прв таков културолошки судир по 1989 година.
Парадоксално е што токму политичките конотации ја направија темата толку „секси”, а не обратно. Поп-културата ја обработуваше темата на критички или ироничен начин. Во Русија женскиот дует ТАТУ си поигруваше со хомо-асоцијации, пејачката Марија Шерифовиќ од Србија победи на Евровизија и стана национална икона.
Нешто подоцна земјата во која владее авторитарен претседател дури доби премиерка која е лезбејка. За Србија тоа беше добра прилика да демонстрира амбивалентност: од една страна, со „инсталирање“ на една лезбејка да се покаже дека земјата е отворена, а од друга страна, да не се налути премногу патријархалната десница, која негува култ на силни мажи.
Повеќе:
Геј во Брисел, анти-ЛГБТ во Будимпешта
Поради „анти-ЛГБТ“ резолуции полски градови останаа без пари од ЕУ
Скопје Прајд: Никој не е слободен додека сите не се слободни
Но, тензии има и натаму. Кафулињата во кои се собира геј-сцената мора да се „кријат“, здруженијата на хомосексуалци и граѓански активисти насекаде во регионот се борат за тоа во што е можно повеќе градови да се одржуваат геј-паради. Секоја одржана, макар имало и напади, се слави како голем успех. Онаму каде што е особено тешко или опасно да се декларираш како геј, како во некои балкански земји, на чело на поворките понекогаш маршираат западни политичари или дипломати, и со тоа всушност несвесно само ја поддржуваат тезата дека хомосексуалноста доаѓа од Западот, односно дека таа му е „туѓа“ на локалното население.
За што се работи? Аргументи во тој спор и не се користат. „Тоа што се наведува: опстанок на народот, деморализирање на војската, закана за бракот, сето тоа е само рационализирање”, смета сексологот од Берлин, Мартин Данекер. Поради хомосексуалните венчавки, бракот како институција добива на тежина, вели тој.
Тој хомофобијата, вклучително и источната, ја толкува психолошки. Зад неподнесувањето на хомосексуалците, тврди сексологот, се крие длабока „дилема околу кохерентноста на вредностите”. Во времиња на несигурност, „природата”, барем навидум, нуди цврста, непоколеблива неизвесност. А, за на слабата, несигурна држава да и' се даде барем каков-таков авторитет, државата и семејството се наведуваат со ист здив.
„Природна“ норма
Но, во реалноста, „природната” норма на која се повикуваат, се доживува како фрагилна. Доказ е фактот дека за да се задоволи таа норма, некој постојано „мора да го затега ременот“. На хомосексуалците и останатите сексуални малцинства, како што се тврди, им недостасува таквата дисциплина. Но, чуму „стегите” ако исправното и природно однесување се подразбира само по себе? Никој кој се залага за традиционалните родови улоги и е контра „противприродната“ сексуалност, не може да избега од таквата контрадикторност: ако природата толку цврсто диктира сѐ, како што тврдат хомофобите, тогаш родовите идентитети не може да се избришат со никаква реалност, геј-паради или некаква си „хомосексуална пропаганда“. Хомофобите всушност сосема релаксирано би можеле да ги следат таквите случувања.
Според Данекер, хомосексуалците се омразени „бидејќи симболизираат пасивност”. Луѓето во источна Европа имаат не само лично искусено како е да си осуден на пасивност. Истата болна судбина, се чини, ја дели целата нација, со која тие се идентификуваат. Таа е подучувана, гњавена, и, за разлика од Западот, кој се инсценира како оној кој дава, кој е поинтересн, повозбудлив, таа е направена пасивен примател, со еден збор - жена. Хомосексуалците дозволуваат „да им се прави онаа работа” и тоа потпалува омраза. „Тие се предавници на целиот род,“ вели Данекер. Социјалниот пад кој многу луѓе мораа да го претрпат, се доживува и како губење на потенцијата.
Данекер прави дистинкција помеѓу Исток и Запад не само во однос на хомофобичниот бран по 2000-та, туку и во однос на историскиот пристап кон хомосексуалноста. На Запад, имено во Англија и Германија, по долг период на проблематизирање на темата, се случи своевидно „негативно просветлување”.
Наместо да продолжи осудата како грев, долго време се правеа обиди хомосексуалноста да се претстави како психопатолошка состојба, како ментално пореметување или невроза. Сосема во стилот на Западот, се бараа „причини“ зошто некој станува хомосексуалец. „Но, не ги најдоа“, вели Денекер. И, така преостана последниот излез - хомосексуалноста е прифатена.
Иритации поради парадите
Наспроти тоа, на Истокот, особено во Русија, каде според православната традиција делата се рангираат пред „внатрешната мотивација“, не се работеше за тоа што некој чувствува, туку што прави. Дотолку поагресивна беше реакцијата на голем дел од јавноста во поглед на демонстративните, егзибиционистички и морализирачки елементи на делење лекции од страна на движењето за ЛГБТ-права. Дури и кај социологот Игор Кон, заслужен поборник за признавање на правата на хомосексуалците во Русија, се насетува иритираност: „Некои парадите ги потсетуваа на поранешните студентски пропагадни трупи од поранешниот Советски Сојуз кои требаше да ги учат работниците на колективните фарми како да берат.“
Толеранцијата стана образовен материјал, а хомосексуалците, слично како и на западните паради, станаа икони – додуша еретички икони. Судејќи по тоа, нема баш многу причини за оптимизам кога се работи за тоа - дали тие во иднина ќе бидат прифатени од општеството или не.
Норберт Мапес-Нидик, 1953, е германски новинар и автор на повеќе книги за Балканот и за југоисточна Европа. Пишува за многу германски и австриски весници. Неговата нова книга „Европското поделено небо - зошто Западот не го разбира Истокот“ ќе излезе од печат на 15 февруари 2021.