1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Духот на Јозеф Бојс се` уште живее

18 септември 2010

Во јануари се навршуваат 25 години од смрта на Јозеф Бојс. Насекаде низ Германија се одржуваат бројни манифестации и изложби кои потсетуваат на животот и делото на уметникот роден во Крефелд.

https://p.dw.com/p/PCNS
Фотографија: AP

Уметничката збирка "NRW, K20" во Диселдорф, низ обемна ретроспектива се осврнува кон Бојс како вајар, при што може да се погледнат и дела кои досега воопшто не биле изложени во Германија.

„Кога луѓето ме прашуваат дали сум уметник, веднаш им велам да престанат со тие глупости. Не сум уметник. Единствено доколку сите се сметаме за уметници, тогаш сум и јас, но никако поинаку“, славната изрека на уметникот кој одамна влезе како едно од најголемите германски уметнички имиња во историјата, мошне лапидарно ја пренесува енергијата на уметноста.

Kunst Joseph Beuys
Уметничка инсталација од БојсФотографија: AP

На изложбата во Диселдорф, воопшто за првпат се поставени цртежи, пластика и инсталации од Бојс, без дополнителни објаснувања за легендарните акции или какви било фотографии од харизматичниот уметник. Напротив, секој посетител треба самостојно да ја почувствува моќта на изложбата по чиј повод беа донесени десет големи инсталации на Бојс од различни музеи во светот или од приватни сопственици. Иако уметноста на Бојс најчесто се отсликува во смели акции, тој секогаш настојувал остатоците од работата да не се фрлаат, туку да завршат во музеј, па затоа целата постапка на тоа уметничко творење, Бојс ја нарекол „складирање“.

„Постојат многу дела кои Бојс ги користел во своите акции, а подоцна истите ги преобразувал за потребите на неговите изложби. Бојс бил човек кој многу го сакал музејот и токму затоа секогаш создавал нови уметнички форми“, вели Марион Акерман раководител на Уметничкиот музеј во Диселдорф.

Меѓу десетте големи инсталации на Бојс се наоѓа и "The Pack" или во слободен превод „Сурија“: од багажникот на еден автобус на „Фолксваген“ се расфрлани дваесет и четири санки, а на нив има ролни од филц, џебни ламби и свинска маст: Акерман објаснува дека ламбите значат ориентација и топлина; ролните од филц, кои за Бојс се особено важни, асоцираат на заштита и изолација од надворешни влијанија. Во Париз дури има и една музејска просторија која е потполно обложена со филц.

Joseph Beuys, die Versuchung des 20. Jahrhunderts
Разузданата имагинација на БојсФотографија: dpa

Животот и уметноста за Бојс биле нераскинливо ткиво. Тој не се кандидирал само за пратеник од редовите на партијата на Зелените во германскиот Бундестаг, туку се залагал и за неговите студенти на Уметничката академија во Диселдорф. Kусо по вработувањето на Академијата во 1971 година, Бојс бил отпуштен поради плановите да вработи неколкумина уметници кои претходно биле одбиени од институцијата.

Духот на Бојс се` уште живее во Диселдорф. Алесандра Џачинти, студентка од Италија, пред една година дошла во Диселдорф за да ги продолжи своите студии и оттогаш, вели, соочувањето со Бојс го изменил начинот на нејзината работа:

„Пред да дојдам во Диселдорф, се интересирав пред се` за надворешниот изглед на мојата работа. Откако сум тука, естетиката не е повеќе на прво место. Делото на Бојс ме поттикна да си поставувам прашања, како на пример, каква сум како социјален човек и дали политиката игра улога во моето уметничко творештво“, констатира студентката.

Автор: Сабине Елце / Далибор Стајиќ

Редактор: Симе Недевски