1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДУИ од петок ќе решава дали ќе влезе во нова влада!

23 февруари 2017

ДУИ ја прифатила верзијата за употребата на албанскиот јазик, а во рацете на Ахмети е одлуката дали ќе му ги даде потписите на СДСМ. Од петок ќе се решава која опција ќе ја прифати ДУИ - учество или неучество во владата.

https://p.dw.com/p/2Y71t
Mazedonien Demokratische Union für Integration - Ali Ahmeti
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Една тема е затворена, но се уште не е донесена конечната одлука. Ова е епилогот од синоќешната седница на Централното претседателство на ДУИ, на која партијата заклучила дека за неа е прифатив предлог-законот за употребата на албанскиот јазик, за чие уставно усогласување се потроши најмногу време во меѓупартиските разговори со СДСМ. 

„Дискутиравме за верзијата на предлог-законот за употреба на албанскиот јазик, за која во изминатите денови се водеа разговори, и заклучивме дека таа е целосно хармонизирана од работните групи на ДУИ и СДСМ. Односно, донесена е одлука дека таа верзија е прифатлива за нас. Она што во овој момент може да се каже, е дека таа верзија е целосно во рамките на Уставот. Има одредени проширувања во однос на употребата на албанскиот јазик, но тие не излегуваат од уставните рамки“, изјави за Дојче веле висок функционер на ДУИ, но не обелодени детали од прифатените решенија.

Mazedonien - Das Parlament
Фотографија: MAKFAX

Потписите се кај Ахмети!

Според истиот извор, ова не значи дека десетте потписи на пратениците од ДУИ автоматски веднаш ќе и бидат дадени на СДСМ, за да прикаже обезбедено мнозинство врз чија основа ќе го добие мандатот.

„Потписите му се дадени и доверени како компетенција исклучиво на претседателот Али Ахмети, за тој да одлучи за нив, во кој било момент од процесот“, вели нашиот соговорник.

На нашето прашање, дали тоа значи дека пратениците на ДУИ не можат сами да решат да го дадат својот потис, одговорот беше потврден: „Потписите се на Ахмети, нему му се доверени“.   

Клучната одлука од петок?

Седницата на Централното претседателство, која траеше повеќе од седум часа и заврши во еден часот по полноќ, ново продолжение ќе има во петок.

„Денеска (четврток-н.з) условно речено ќе паузираме, а во петок ќе има нова седница на Централното претседателство, на која ќе разговараме која опција е прифатлива за нас. Тогаш ќе се изградат конечните позиции на ДУИ за учество или неучество во нова влада. Ова не мора да значи дека одлуката ќе биде донесена истиот ден. Можеби ќе бидат потребни и дополнителни консултации, но факт е и дека немаме многу време за одлагање на одлуката“, вели соговорникот.

Präsidentschaftswahlen in Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Засега е неизвесно дали ако се донесе одлука за учество на ДУИ во новата влада, партијата и натаму ќе остане на ставот - во Собранието прво да се гласа за предлог-законот за јазикот, а потоа за нова Влада, како што изјави портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.

„Ние ќе инсистираме прво да се гласа законот, но оставаме можност и за алтернативно решение. Во меѓувреме треба да се договориме и за тоа, но и за некои други технички прашања, но сепак, сите тие се поврзани со разговорите во петок и со евентуални одлуки“, вели функционерот на ДУИ.

Имајќи го предвид сегашното расположение во партијата, тој не сака да прогнозира каква би била конечната одлука на ДУИ: „Со сите аргументи што стојат пред нас и по сите направени анализи и разговори, партијата ќе треба да пресече за што ќе се определиме. Да оставиме уште малку време тоа да се случи“.