1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Двојазичност во армијата и во полицијата

Свето Тоевски24 април 2015

ДУИ ќе бара нов закон заради употреба на албанскиот како втор официјален јазик на целата територија на РМ, во сите институции на системот, вклучително и во командните структури на АРМ и во полицијата.

https://p.dw.com/p/1FE7J
Фотографија: DW/K. Blazevska

Пратеничката група на оваа партија зазеде и став да го блокира одржувањето на парламентарните комисии, или нејзините пратеници да не учествуваат во работата на тие комисии, ако за секоја седница не се обезбедуваат навремено материјали преведени и на албански јазик. Кои се причините за ваквото политичко дејствување на „интегративците“ сега, среде политичката криза во која западна оваа држава? Во изјавата за Дојче веле Рафиз Алити, потпретседател на Собранието од редовите на ДУИ, нагласува: „Еден од заклучоците на последниот, ’Тематски конгрес’ на ДУИ, се однесуваше и на тоа употребата на албанскиот јазик да биде со стандарди, кои го гарантираат Уставот и Рамковниот договор. Останува да се оствари тоа што го гарантира Уставот: албанскиот да биде втор службен јазик во Македонија. Секако, албанскиот како службен јазик треба да се употребува и во сите институции на системот во земјата.“

Од друга страна, потпретседателот на Владата од редовите на ДУИ Муса Џафери во изјавата за ДВ нагласува: „Уставот содржи правна основа албанскиот јазик да се користи како службен и во командниот систем во Армијата и во полицијата на Македонија. Во полицијата, на пример: зарем може да им се забрани да комуницираат меѓусебно началниците, или командирите на полициски станици во Тетово и Теарце, каде што доминантен дел од популацијата се Албанците, зарем може да им се нареди употреба само на македонскиот јазик?“

ДВ го праша Алити: дали реактуелизирањето на ова, инаку, поодамнешно барање на ДУИ сега, во овој момент, претставува и одреден политички маневар, со цел оваа партија да се репозиционира наспрема коалициониот партнер – ВМРО ДПМНЕ, но, и заради консолидирање на сопствениот рејтинг? Тој одговара: „Апсолутно не е така. Нашиот лидер Ахмети секогаш говореше дека прашањето на јазикот не е затворено.“

ДВ ги праша експертите за устав и за јазична политика, но и за воено – политички и безбедносни прашања, каков е нивниот став во врска со споменатите ставови на ДУИ. Благоја Марковски, доктор по воено – политички науки и аналитичар од оваа сфера, е категоричен: „„Не може да се пресликува ставот за процентуалноста на учеството на албанската популација во демографската структура како право да се бара воведување на албанскиот како втор службен јазик и во системот на командување во војската и во полицијата, офицерите – Албанци да можат да командуваат на својот јазик, или на војниците – Албанци да им се издаваат наредби на тој јазик. Во ниедна земја во светот не постои двоијазичност, или повеќејазичност во ваквиот вид на комуницирање, тоа го нема ниту во структурите на НАТО, каде што членуваат повеќе од 20 држави. Употребата на албанскиот како официјален би можела да доведе до тоа кај дел од војниците и офицерите издаваните команди и наредби да не бидат доволно и прецизно разбирани, па ниту и правилно исполнувани. Во овие специфични структури треба да постои единствено еден команден јазик - македонскиот, како официјален јазик во државата. Официјалната двојазичност во командните структури во АРМ и во полицијата би можело да предизвика и опасни, негативни импликации по системот на безбедноста.“

Mala Recica Tetovo
Али АхметиФотографија: DW

Демократската унија за интеграција веќе десеттина години опстојува на на својата програмска стратегија јазикот на албанскиот етникум како службен треба да се воведе и во армиските и полициските структури. Во 2012 година таканаречњната „Бела книга“ на Министерството за одбрана беше преведена и на албански јазик. Што се однесува на Уставот и Рамковниот договор. Гордана Силјановска – Давкова, професорка за политички и уставен систем од Државниот универзитет во Скопје, истакнува: „Уставот и Рамковниот договор не содржат уставно – правна рамка и основа албанскиот јазик да се прогласува како втор службен јазик на територијата на целата земја, ниту за негова целосна официјална употреба во сите институции во системот: со соодветни закони јасно е прецизирано во кои случаи припадниците на етничката заедница, што учествува со повеќе од 20 отсто во демографската структура, имаат право на службената употреба на својот мајчин јазик на локално ниво и во комуникацијата со надлежните државни органи и институции. Уставот и Рамковниот договор не содржат ниту основа за донесување нов закон за употреба на албанскиот јазик.“

Претесна рамка

Бајрам Положани, поранешен судија во Уставниот суд и моментно професор по уставно право на Правниот факултет на ФОН универзитетот во Скопје, се надоврзува: „Точно е тоа дека сегашниот устав не предвидува можност за целосна службена употреба на албанскиот јазик на територијата на сета држава, ниту за таква употреба во сите институции на системот. Меѓутоа, мора да се каже дека постојната уставна рамка е, сепак, претесна за реалните животни потреби на албанската етничка заедница, која учествува со една третина во вкупната популација. ДУИ треба најпрвин да бара промени во уставот, за да тогаш се создадат правни претпоставки за проширена службена употреба на албанскиот јазик, или за целосна службена двојазичност во Македонија“.

Јован Близнаковски, програмски директор на Институтот за демократија Институтот за демократија од Скопје и експерт за прашањата на јазичните политики, смета дека „очигледно постојат сериозни разлики во интерпретацијата на членот 7 од Уставот, но и на така наречениот ’Закон за јазиците' меѓу партиите од македонскиот и албанскиот блок, кои во минатото покажале сосема спротиставени ставови околу ова прашање’. Во овој контекст Близнаковски истакнува: „Уставните одредби кои ја дефинираат македонската јазична политика се широки и отвораат простор за различни интерпретации. Уставот вели дека ’на целата територија во Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо’, но и оти ’друг јазик што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните е, исто така, службен јазик со неговото писмо’. Ваквата формулација на терен создава два проблема. Првиот е прашањето дали Македонија има еден службен јазик и дополнителен службен јазик, или станува збор за два јазика, кои уживаат ист, еднаков степен на службена употреба. По 2001 година македонската јазична политика се моделираше врз основа на политички компромис меѓу овие две концепции за тоа што е пропишано точно во Уставот. Законот за јазиците, донесен во 2008 година, претставува таков компромис. Во него е вградено сфаќањето дека македонскиот јазик е службен на целата територија, додека јазиците на заедниците се употребуваат во одредени географски области и службени сфери.“

Gordana Siljanovska
Гордана Силјановска-ДавковаФотографија: DW/ Petr Stojanovski


Заеднички „код на комуникација“

Кога станува збор за официјалната употреба на македонскиот јазик во целата земја професорката Давкова – Силјановска е категорична дека таа треба да се третира како заеднички „код на комуникација“, во смисла на постоење еден официјален јазик за целата земја, како средство за разбирање меѓу сите етникуми, кои живеат во неа. Од друга страна, Близнаковски укажува: „Сепак, безмалку 15 години по конфликтот во 2001 година, би требало да бидеме отворени за преиспитување на одредени одредби од Охридскиот рамковен договор, со цел да развиеме подобри политики, кои ќе ги одразуваат моменталните потреби на македонските граѓани без разлика на која јазична група припаѓаат. Политичките елити од македонскиот блок треба да развијат повисок степен на разбирање за прашањето на употреба на јазиците на немнозинските заедници.“

Според Алберт Муслиу, политички аналитичар од Гостивар, официјалната употреба на албанскиот јазик во целата земја само ќе придонесе кон зацврстувањето на нејзината унитарност и нема да претставува никаква закана. Тој напоменува: „Самите Македонци треба да бараат албанскиот да биде официјален на целата територија, зашто, ако се погледне од јазичен аспект картата на Македонија, ќе се види дека регионалната службена употреба претставува поправо исцртување линии: онаму каде што се употребува албанскиот, небаре како во некои енклави, наспроти регионите каде што не се употребува. Со воведувањето на целосната официјалност тие линии ќе исчезнат.“

Како и да е, политичарите од албанскиот етникум продолжуваат да го потенцираат прашањето за употребата на нивниот јазик во Македонија како недокрај регулирано, наспроти уставните експерти кои недвосмислено укажуваат дека рамката за тоа е целосно уредена. Останува допрва да се види дали би можело да дојде во оваа смисла до некакви промени во јазичната политика и во која насока.