ДУИ е за мирни протести, без насилство
5 јули 2014ДУИ изразува загриженост за вчерашните настани во Скопје за време на граѓанските протести против судската одлука на првостепениот суд во врска со петкратното убиство кај Смилковското езеро, за кое шест лица беа осудени на доживотен затвор.
„Уште од трагичниот настан се‘ до денес, Демократската унија за интеграција бара сторителите на кривичното дело да излезат пред правдата и вината да се докаже со факти и силни докази. ДУИ имаше чести средби со семејствата на осомничените и адвокатите на одбраната, вклучувајќи ја и последната која се одржа во четвртокот, 3 јули годинава, каде беше констатирано дека одлуката на првостепениот суд не е конечна и дека Апелациониот суд треба да ги има предвид општата загриженост која што се појави во текот на судењето во првиот степен“, се вели во писмената реакција од ДУИ.
Оттаму апелираат до сите инволвирани страни максимално да се воздржат од насилство, бидејќи, како што посочуваат, вчерашните настани не помагаат ниту во процесот, ниту на осудените, ниту на семејствата, но ниту на оние кои се обидуваат да придонесат преку институционален пристап кон решавање на овој многу сложен случај. Сепак, од ДУИ посочуваат дека го поддржуваат правото на мирни протести на граѓаните.
„Вчерашното насилство низ улиците на Скопје ни го попречува понатамошното ангажирање во насока на расветлување на вистината до завршувањето на сите правни процедури, вклучувајќи го Апелациониот суд, Врховниот, но и Судот во Стразбур“, потенцираат од ДУИ.
ДУИ бара од граѓаните, медиумите, граѓанското општество, лидерите на јавното мнение, како и сите засегнати страни во врска со пресудата на првостепениот суд да го дадат својот конструктивен придонес во следните процеси за да се овозможи расветлување на вистината.