1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дрога во куферот што го парализира аеродромот во Диселдорф

ЖА/дв/дпа25 септември 2013

Оставен куфер предизвика хаос на аеродромот во Диселдорф: евакуирани беа повеќе простории, пренасочени летови, а многу и отпаднаа. Во куферот полицијата пронајде дрога. Аеродромот повторно работи нормално.

https://p.dw.com/p/19oEJ
Фотографија: picture-alliance/dpa

По повеќечасовната блокада поради оставен куфер, денеска утрото (25.09.2013) аеродромот во Диселдорф функционира нормално. Во куферот, пронајден во една од халите во аеродромот, полицијата пронашла повеќе килограми дрога. Брзиот тест и ангажманот на полициски кучуња за откривање дрога го потврдија сомнежот, соопшти полицијата утрово.

Куферот беше пронајден вчера попладнето. Специјалци од полицијата прво го прегледуваа преку далечински рентген-апарати. Бидејќи врз основа на сликите опасноста не можеше да биде исклучена, одлучена беше употреба на опсежни безбедносни мерки, соопшти сојузната полиција. Аеродромот делумно беше евакуиран, а авионскиот сообраќај запрен. Откако специјалците околу 19:30 часот го отворија куферот, беше укинат дадениот аларм, а еден час подоцна аеродромот повторно беше отворен. Забраната за ноќни летови поради случајот беше олабавена, па полетувања беа можни до 23 часот, а слетувања и половина час по полноќ.

Verdächtiger Koffer legt Flughafen Düsseldorf lahm
Фотографија: picture-alliance/dpa

За време на неколкучасовната блокада, беа анулирани 140 авионски летови, 68 полетувања и 72 пристигнувања. Околу 20 летови беа пренасочени кон соседните аеродроми. Аеродромот беше затворен во авионскиот сообраќаен шпиц на патниците кои патуваат деловно. Последици имаше и на автопатиштата, зашто сите пристапни патишта кон аеродромот беа блокирани. На автопатот кон аеродромот беше создадена колона од три километри.