Државните интернет страници на ниво со информатичката писменост
29 септември 2013Дигиталната ера нуди бројни можности за подобрување на услугите на веб страниците. Квалитетните владини интернет страници на развиените земји освен со видеа и фотографии од привлечни знаменитости на земјата, располагаат и со брзи линкови од онлајн услуги, различни социјални медиумски платформи и информации за правата и обврските на граѓаните. Пребарувањето или бирањето на различни услуги треба да биде лесно и обезбедено директно на почетната интернет страница.
Гоце Ѓорѓиоски е инженер по информациски технологии. Во разговор за Дојче веле, објаснува дека не постојат стриктни светски стандарди за веб-страница на државна институција, но дека постојат некои непишани правила за тоа што треба да се наоѓа на нејзината веб-страница:
„Веб-сајтовите на институциите треба да бидат сериозни, да содржат квалитетни и лесно достапни информации за институцијата која ја претставуваат, и она што е најважно за граѓаните, да нудат брз и едноставен пристап до услугите кои соодветната институција ги нуди на граѓаните.“
Понудата во чекор со побарувачката
До пред неколку години можеше да се забележи дека голем дел од институциите во Македонија дури и немаа своја интернет страница. На некои страници сѐ уште постојат недостатоци, како немање пребарувачи и нефункционалност на одредени опции. Институциите, согласно Законот за слободен пристап до информации се должни да овозможат информираност на јавноста, треба редовно да ја ажурираат листата на информации и да ги објавуваат на начин достапен за граѓаните. Комуникацијата преку интернет во голема мера го олеснува тој процес.
Гоце Ѓорѓиоски вели дека функционалноста на интернет страниците на институциите е на исто ниво со општата информатичка писменост на граѓаните во Македонија:
„Според моето мислење сајтовите нудат онолку функционалности колку што обичниот граѓанин на Македонија може да ги разбере и искористи. Секако дека ова ниво не е на нивото на сајтовите на институциите на поразвиените земји, но тоа е одраз на повисокото ниво на општа информатичка писменост на граѓаните на тие земји. Функционалностите на сајтовите најчесто се диктирани од барањата на самите граѓани. Доколку граѓаните бараат некоја функционалност од сајтовите, веројатноста е голема дека таа функционалност ќе биде понудена. Кај нас, она што граѓаните го бараат е тука некаде со она што сајтовите на институциите го нудат“.
Подобрување на квалитетот на интернет страниците
Во поглед на дизајнот, интеграцијата, пребарувањето, технологијата која што ја користат и нивото на сигурност, Ѓорѓиоски смета дека веб-страниците на институциите во Македонија држат некоја средина:
„Постојат сајтови кои се добри во овој поглед, постојат сајтови кои се лоши. Во секој случај, мислам дека сајтовите, генерално се движат кон подобро. Според мене, клучни се барањата и очекувањата на самите граѓани-нема смисла да се прават функционалности и да се нудат услуги кои поголемиот дел од граѓаните нема да ги разберат ниту користат. Парите и знаењето никогаш не се проблем за постигнувањето на подобар квалитет. Цените на изработка на веб сајтови не би требало да се проблем за ниедна институција, а во Македонија има доволен број на квалитетни компании и програмери кои може да ги исполнат барањата на институцијата“.
Експертите од областа на информатичката технологија велат дека функционалноста на сајтовите на институциите во голема мера зависи од тоа какви услуги нуди институцијата и дали е изводливо услугите да се завршат електронски. Тие велат дека многу од институциите нудат само инфо, а не нудат ништо посебно како услуга која може да се заврши онлајн. Како корисни и најфункционални сајтови за граѓаните тие ги издвојуваат uslugi.gov.mk или katastar.gov.mk, од аспект на тоа дека многу работи може да се завршат на самите сајтови.
Статистичките податоци покажуваат дека скоро 57% од граѓаните на Македонија користат интернет. Водечки европски интернет земји се Русија, Германија, Британија, Франција и Турција.