Државниот врв егзалтиран: Данке Дојчланд!
27 септември 2019Шефот на државата Стево Пендаровски вечерва преку Твитер ја искажа својата благодарност за поддршката од Бундестагот за отворањето пристапни преговори со ЕУ, со едноставно: Danke Deutschland.
Премиерот Заев одлучи својата благодарност да ја изрази преку Фејсбук.
"Вечерва добивме прекрасна вест од Берлин. Бундестагот со огромно мнозинство даде поддршка за ЕУ да ги започне преговорите за членство со Северна Македонија.
Конечната одлука ја очекуваме во октомври, што ќе значи признание за граѓаните и институциите и за сите наши одлуки, напори и успеси. Ова е голем поттик, продолжуваме да работиме уште повеќе. Благодариме на сите пратеници во германскиот Бундестаг и на владиниот тим на канцеларката Ангела Меркел“, напиша Заев.
Шефот на дипломатијата Никола Димитров оцени дека Бундестагот покажал лидерство.
„Бундестагот покажа лидерство вечерва: светло зелено светло за преговори со ЕУ. Со признавањето на достигнувањата на Северна Македонија тој не охрабрува да продолжиме напред и подобро. Ние исполнивме, вие исполнивте и ќе продолжиме да постигнуваме“, пишува Димитров на Твитер.
Вицепремиерот Бујар Османи, кој во живо во Берлин ја следеше одлуката на Бундестагот исто така се заблагодари на поддршката.
Шефот на германската дипломатија Хајко Мас се огласи со соопштение веднаш по завршувањето на гласањето:
„Поддршката од германскиот Бундестаг за отворање на преговорите за членство со С. Македонија и Албанија е важен сигнал. Одлуката го подвлекува значењето кое Западниот Балкан го има за ЕУ. Истовремено јасно се става до знаење дека реформите се ценат. Обете земји мораат да ги продолжат реформските напори, за да го продолжат патот кон ЕУ. Јас сум убеден дека условениот пристап на Бундестагот ќе убеди и други во ЕУ да го одобрат почетокот на преговорите“, изјави Мас.
Кон честитките се приклучи и еврокомесарот за проширување во заминување, Јоханес Хан со порака дека „признавањето на конкретниот напредок е клучен како охрабрување за реформи во Западниот Балкан и за кредибилитетот на ЕУ.“