1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Драматичен пад на германскиот извоз во април

Андреас Ростек-Бути
9 јуни 2020

Април ќе влезе во историјата на германската надворешна трговија како месец со историски пад на извозот. Забележан е минус од 30 проценти во споредба со истиот период лани. Такво нешто немало од 1950-та.

https://p.dw.com/p/3dVNE
Pressebild Hamburger Hafen | Ersteinlauf Containerschiff HMM Algeciras
Фотографија: HHM/T. Reincke

Германскиот извоз во текот на корона-кризата се намалил како никогаш досега. Тоа се должи пред се' на рецесијата кај двата важни трговски партнера - САД и Франција. Во април германските претпријатија продале стока во странство во вредност од само 75,7 милијарди евра, односно 31,1% помалку од истиот период лани. Тоа е најголем пад откако се прават статистики од 1950-та.

„Падот на извозот тешко дека може да биде подраматичен“, вели шефот на одделот за надворешна трговија во Германската стопанска и индустриска комора (ДИХК), Фолкер Трајер. И покрај отворените граници и повторно забрзаната конјунктура во многу земји, извозниците во деловната 2020 година се соочени со невидени загуби. ДИХК и Сојузот на германската индустрија БДИ очекуваат минус од 15%.

Повеќе:

Германија: План од 130 милијарди евра за излез од корона-кризата

„Ковид еврообврзница“- инјекција од рекордни 700 милиони евра

Милијардерите уште побогати - за добрите и лошите профитери од корона-кризата

Брз излез од минусот предизвикан од пандемијата на коронавирусот не е на повидок. „Во април е забележан најголем минус, а извозот од мај е повторно во нагорна линија, но опоравувањето е се' уште без доволно сила за да може да се покријат големите минуси“, оценува Штефан Коц од Институтот за светска економија во Кил. Поткрепа за ваквото тврдење се договорите за работа кои ги има во моментов индустријата ориентирана кон извоз. Нарачките од странство во април се намалија за дури 28,1% во споредба со март, затоа што важни земји каде се пласира германската стока за извоз, како муштеријата број еден, САД, се наоѓаат во рецесија поради короната и бараат помалку производи „Made in Germany“.