1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Драмата во Грција не ја прави Сириза, туку Златна зора

Спирос Москову / Превод: Елизабета М. Фиданоска26 мај 2014

Дали со победата на радикалната левица на изборите во Грција за ЕП е доведена во опасност консолидацијата на финансиите? Во никој случај, смета Спирос Москову. Тој коментира: вистинската драма е успехот на друга партија.

https://p.dw.com/p/1C72E
Фотографија: DW

Шефот на левицата Алексис Ципрас знае како да профитира од незадоволството на многумина избирачи. Макотрпното опоравување на грчката економија доведе до осиромашување на широки слоеви на населението и рекордна невработеност во земјата. Многу Грци на ова прво одмерување на силите на партиите по националните избори во 2012 година гласаа од протест. Но, тоа е главно протест против острата политика на штедење, а не е вртење грб на Европа, што и онака не играше значајна улога во кампањата.

Големото прашање сега е што ќе направи Ципрас со ваквиот протестен потенцијал. Сојузот на радикалната левица - Сириза, на последниот партиски конгрес со мнозинство гласови се изјасни за останување на Грција во еврозоната, и покрај силната антиевропска фракција во рамките на партијата. Истовремено, Ципрас ја шири пораката: „Нема веќе жртви за еврото“. Контрадикцијата е јасна, но во контекст на грчката политика мора да се објасни: Сириза развива сопствена динамика која еден ден ќе го доведе левичарскиот сојуз на власт или барем ќе му обезбеди учество во власта. Тој профитира од разочарувањето на многу избирачи, но од тоа не произлегува конкретна програма за владеење.

Не смее да се заборави дека конзервативниот премиер Андонис Самарас, во времето кога беше во опозиција, исто така зборуваше против програма на штедење. Како лидер на владејачката коалиција, чиј дел покрај конзервативната Неа Демократија е и социјалдемократскиот Пасок, тој е убеден борец за консолидација на грчките финансии, како што тоа го посакуваат меѓународните инвеститори на земјата. Со други зборови - се‘ додека Ципрас еден не толку далечен ден не дојде на власт, тој политички ќе се припитомува.

Драмата на изборите во Грција за Европскиот парламент всушност е успехот на ултрадесничарската и расистичка Златна зора, која стигна до третата позиција по освоени гласови. Загрижувачки е што една партија, чие раководство од страна на правосудството е категоризирано како „криминална организација“, а дел седи и во затвор, може да мобилизира толку многу избирачи. Ако етаблираните партии не се соочат јавно и систематски со идеите и позициите на Златна зора, таа ќе се етаблира како составен дел на грчкиот партиски систем.