1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Терористичко-заложничка драма во Мали

З. Јордановски/дпа/ртр20 ноември 2015

Досега најмалку три жртви, уште речиси 140 луѓе во заложништво. Силите за безбедност во акција за „чистење“ на хотелот. Настаните во Мали не се изолиран случај - Африка одамна живее во страв од терор.

https://p.dw.com/p/1H9aL
Фотографија: H. Kouyate/AFP/Getty Images

Двајца вооружени мажи изутрината извршија напад врз луксузниот хотел Радисон во Бамако, главниот град на Мали, во кварт во кој се наоѓаат повеќе министерства и амбасади. Тие држеа како заложници 170 лица, од кои 140 гости и 30 вработени во хотелот. Во меѓувреме десетици се ослободени или избегале, но 138 лица и натаму се во рацете на терористите. Силите за безбедност на Мали, потпомогнати и од претставници на американската војска, се во акција за ослободување на заложниците и го „чистат“ хотелот кат по кат.

Во него честопати престојуваат дипломати, а го користат и екипажи на Ер Франс и Туркиш ерлајнс, кои изутрината беа меѓу заложниците, но во меѓувреме се на слобода. Меѓу заложниците има белгиски, француски, турски и кинески државјани. Напаѓачите, кои според сведоците меѓусебе зборувале на англиски јазик, дошле со автомобил кој имал дипломатска регистрација, па така успеале да се пробијат до инаку добро обезбедуваниот хотел. Напаѓачите се очигледно исламски терористи, оти, според наводи од безбедносните сили, ослободиле некои од заложниците, кои биле во состојба да изрецитираат стихови од коранот.

Во изминатите месеци во Мали повеќепати имаше терористички напади. Така, кон средината на август во напад врз хотел во градот Севаре во централниот дел на земјата беа убиени 13 лица, меѓу нив е петмина соработници на ОН.

Мали е меѓу најсиромашните земји во светот

Во Мали исламисти и сепаратисти-Туарези (Туарег е народ од групата Бербери) освоија големи делови во северот на земјата, но потоа со француска воена интервенција беа потиснати. Сега е во тек меѓународна акција за обука на оружените сили на Мали, во која учествува и германскиот Бундесвер. Германската влада ја разгледува можноста за проширување на ангажманот на Бундесверот врз немирниот север на земјата, за да ја растовари Франција во нејзината борба против терористичката ИД (Исламска држава).

Мали е пустинска земја со околу 17 милиони жители, од кои 85-90 процени се сунитски муслимани. Таа е меѓу најсиромашните во светот - во Развојниот индекс на ОН е рангирана на 176. место меѓу 187 држави. Просечниот животен век е околу 55 години.

Mali Geiselnahme Hotel in Bamako
Заложници бегаат од хотелот Радисон Блу во БамакоФотографија: picture-alliance/AP Photo/H. Traore

Теророт одамна сее страв во Африка

Исламистичкиот терор е тема и во Африка, и тоа не само последниве денови по нападите во Париз. Таму се стравува дека покрај Ал Каеда, која уште пред околу две децении - во 1998. година - ги изврши првите големи терористички напади во Дар ес Салам (Танзанија) и Најроби (Кенија), сега се етаблира и ИД како нова терористичка група. Во Мароко се плашат дека може да им се случуваат напади како во Тунис. А во Западна Африка јужно од Сахара - во Мали и особено во Нигерија, луѓето уште одамна живеат во страв од напади.

Во Мароко во мај 2003. година во пет координирани самоубиствени напади во Казабланка беа убиени повеќе од 40 лица. Весниците во земјата постојано имаат прилози на тема терор. Речиси секој месец тајната служба открива терористички ќелии и презентира запленети оружја, експлозиви и мобилни телефони. По нападите во Париз уште еднаш е повишен степенот на мерките за безбедност. Властите се нервозни, оти ИД во земјата регрутирала стотици, ако не и повеќе илјади млади борци. Од нив, кога се враќаат назад во Мароко, произлегува голема закана.

Претседателот на Тунис летоска му објави војна на теророт. Годинава земјата доживеа веќе два напада: во март во еден музеј беа убиени 31 лице, а во јуни еден студент изврши масакр на плажа кај Сус убивајќи 38 туристи-странци. Во обата случаја одговорноста ја презеде ИД. Безбедносните сили неодамна во последен момент спречија нова трагедија: една терористичка ќелија планирала серија напади врз хотели во текот на ноември. Според тамошното министерство за внатрешни работи, некои од уапсените биле обучени во Либија и Сирија.

Боко Харам - најсмртоносна терор-група

На верност кон ИД се заколнаа и исламистите на Боко Харам во Нигерија и секојдневно во северна и западна Африка демонстрираат што значи апсолутен терор. Повеќе од шест години Боко Харам го тероризира североистокот на Нигерија, луѓето таму живеат во перманентна опасност. Цели села се срамнети со земја, разурнати се илјадници училишта и џамии, грабнати стотици жени и деца. Многу од нив се силувани, некои потоа пратени меѓу населението како атентаторки-самоубијци.

Anschlag von Boko Haram in Yola, Nigeria
Последици од нападот на Боко Харам во селото Јола, Нигерија на 18 ноемвриФотографија: Reuters/Stringer

Според доста воздржани проценки, досега на товар на Боко Хартам одат 17 000 жртви. Ниедна друга терористичка група, вклучително ИД, нема убиено толку многу луѓе за само неколку години. Повеќе од дваипол милиона луѓе се протерани од страна на исламистите.