Дојче банк пред пропаст?
30 август 2018Говорот не траеше ни 6 минути. Но, тие беа значајни. Стјуарт Греам почна со изјавата дека не сака да биде Црниот Петко на самитот. „Сепак морам да ви кажам дека речиси сите мои клиенти сметаат дека германскиот банкарски систем не е добар за во него да ги вложат нивните пари." Греам во финансиската бранша ужива голем углед како аналитичар. Меѓу неговите клиенти во фирмата „Autonomous Research" има многу од најпотентните инвеститори на светот. А, тие како и самиот Греам очигледно имаат песимистичка слика за германскиот банкарски систем.
„По ниската оцена на пазарот на акции, јасно се гледа дека инвеститорите имаат големи задршки во однос на овие банки." Вистински црното сценари Греам го наслика на крајот на неговото обраќање.
Сите се сложни во тоа дека предизвиците се големи, а причина за тоа е дигитализацијата. „Реконструкцијата која ни претстои ќе фрли во сенка сѐ што сме виделе од 1996. до сега", вели првиот човек на Дојче банк, Кристијан Зевинг. 1996 – повеќе или помалку произволен датум. Беше првиот ден од дебатата на Ханделсблат со наслов „Банките во преломна фаза".
Повеќе на темата:
Акционерите на Дојче Банк се бесни
Дојче банк - крајот на една икона
Во секој случај промените се енормни. Изминатите недели ништо не го предочи тоа толку јасно колку порастот на онлајн платформата за уплати Wirecard. Технолошката фирма следната недела ќе ја замени Комерцбанк во германскиот индекс за акции ДАКС. Шефот на Комерцбанк, Мартин Цилке, тоа го прифаќа во спортски дух: „Тоа нема да има значајно влијание на нашиот бизнис. Ако се прашувам јас, дали тоа ми се допаѓа? Не, тоа не ми се допаѓа. Но, и тоа е некоја помош и ќе го сфатиме како поттик да се подобриме."
Wirecard следниот месец веројатно нема да ја наследи само Комерцбанк во Дакс. Компанијата која беше основана во 1999. година ја претрка и Дојче банк во однос на вредноста на берзата. Шефот на Дојче банк, Зевинг вели дека компанијата од Минхен навистина успешно се етаблирала „во дел од платежниот сообраќај", но нема споредба со класичните банки и затоа технолошката компанија не ја гледа како конкуренција.
Wirecard де факто е специјализирана на онлајн плаќања и со тоа покрива само мал дел од понудата на класичните банки. Зевинг планира и натаму да се концентрира на оној дел активности кои само класичните банки им ги нудат на своите клиенти. Вели дека не му е целта во сите области да биде лидер, но во некои од нив Дојче банк е во интернационални рамки на врвните места, како на пример во трговијата со девизи. Затоа и поради тоа што многу компании- клиенти на банката тоа го бараат, тие мора да останат активни во делот на сега веќе заслабеното инвестициско банкарство. Пред сѐ, мора да се задржи глобалната ориентација на банката: „Длабоко сум убеден дека глобалното позиционирање за нашата економија денеска е толку важно колку што не било од падот на Берлинскиот зид наваму."
За германските банкари е јасно дека притисокот за консолидирање во Европа ќе се зголемува и дека претстојат фузионирања и преземања во европскиот банкарски систем. „На Европа не ѝ се потребни што е можно повеќе банки, туку што е можно посилни." Нема дилема дека Зевинг меѓу нив ја гледа и Дојче банк.
Покрај дигитализацијата, банките мора да се справуваат и со други предизвици, како на пример ниските камати, политичките кризи, трговските спорови, враќањето на национализмот во многу делови на светот и актуелно проблемите во Турција, како и претстојниот Брегзит. Сепак и двајцата шефови се обидуваат да шират оптимизам. Комерцбанк е на добар пат да фати чекор во дигиталниот свет, а Дојче банк одамна не била толку стабилна колку што е сега, вели Зевинг.
По таквите ставови, Стјуарт Греам сепак мораше да биде Црниот Петко. „На сите сегменти на германскиот банкарски систем им претстојат тешки времиња", прогнозира тој. Она што на Шпаркасе и Рајфајзен банка во минатото им било предност, како на пример многуте филијали и во помали места, во дигитализираниот свет им е товар. А, за големите банки пак, како Комерцбанк и Дојче банк, проблем е тоа што ниските каматни стапки во Европа долгорочно ги намалуваат добивките.
Од друга страна, менаџирањето на трошоците и долгиот синџир на носење одлуки ја отежнува реконструкцијата во дигиталната бранша. „Особено Дојче банк во наредните година до две се наоѓа во загрозена позиција и итно ѝ е потребен позитивен развој на светската економија и на пазарите. За жал, мислам дека тоа нема да се случи“, вели Греам.