1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Допинг-земјотрес во светската атлетика

Штефан Нестлер/превод: ЗЈ11 ноември 2015

Допинг на врвни руски атлетичари со државна подршка, толериран и прикриван од ИААФ? Извештајот на Светската анти-допинг агенција разоткрива скандалозни состојби. Сега веќе мора да се дејствува, смета Штефан Нестлер.

https://p.dw.com/p/1H3u6
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Thissen

Извештајот на ВАДА (Светската анти-допинг агенција) го разниша не само атлетскиот, туку и севкупниот спорт во светот, а целите размери на штетата уште не можат ни да се согледаат. Она за што досега известуваа медиумите, сега е потврдено: една истражна комисија на ВАДА и’ припишува на руската атлетика систематски и државно поддржуван допинг. Таа препорачува некогашната атлетска супер-сила да биде исклучена од олимписките игри во 2016. година доколку Русија не се погрижи да го исуши допинг-мочуриштето. „Аларамантно“, вели Себастијан Коу, кој од пред околу три месеци е претседател на ИААФ (Светската атлетска федерација). „Крајно шокантно“, реагира МОК (Меѓународниот олимписки комитет) на извештајот на ВАДА.

Копија на скандалот во ФИФА

Вчудовиденоста дејствува по малку извештачена. Не беше ли токму Коу тој, кој кратко време пред неговиот избор за претседател на ИААФ новинарските истражувања на АРД (Првата програма на германската телевизија) и на британскиот весник „Сандеј Тајмс“ за допингот во атлетскиот спорт ги означи како „објава на војна“ против неговиот спорт? Сега се покажа дека не само што во атлетиката имало систематско допингување, туку и дека Ламин Диак, претходникот на Коу, и неговиот клан свесно ги прикривале случаите на допинг и на тоа добро заработувале. Тоа е најкласична форма на корупција и изгледа како копија на скандалот во ФИФА (Светската фудбалска асоцијација). Но, во овој случај станува збор за клучен олимписки спорт. И никој во МОК не насетувал ништо од сево ова, ништо не знаел? Тешко е да се поверува во тоа.

Под притисок

Скандалот станува тест за целиот спорт. По извештајот на нејзината сопствена комисија, ВАДА мора да докаже дека не е само беззаб тигар. Ако таа сега не врши притисок за да има консеквенции од ужасните постапки во Русија, може веднаш да се укине самата себеси. Ова е катастрофа за ИААФ, како и кај ФИФА. Таа нема никаков друг избор, освен да го исчисти ѓубрето во својот двор - инаку тоа ќе го сторат други. Интерпол врши истрага - под ознаката „Аугиас“ како алузија на валканите Аугиеви штали од античката митологија. А и МОК мора да докаже дека „политиката на нула толеранција“ што ја пропагира во однос на допингот не е само вербална декларација. Кој и сега ќе го врти погледот настрана, ја загубил битката.