1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Доналд Трамп и Ким Јонг Ун подготвени за средба

ЖА / агенции
9 март 2018

Белата куќа потврди дека американскиот претседател се согласил да се сретне со севернокорејскиот властодржец. Терминот и местото дополнително треба да се договорат.

https://p.dw.com/p/2u0Wb
Bildkombo Kim Jong Un und Donald Trump
Фотографија: picture-alliance/AP/dpa/Wong Maye-E

Досега водеа вербална војна - Ким Јонг Ун го нарекуваше Трамп „сенилен Американец“, а тој пак го нарекуваше него „човек-ракета“, а сега треба да дојде до кршење на мразот и дури нивно ракување. Белата куќа потврди дека американскиот претседател се согласил да одговори на поканата и да се сретне со севернокорејскиот властодржец. Терминот и местото дополнително треба да се договорат. Трамп на Твитер напиша дека се постигнати „огромни напредоци“. Американските санкции против Северна Кореја меѓутоа мора да останат во сила сѐ до постигнувањето договор околу денуклеризација на Корејскиот Полуостров.

Претходно јужнокорејскиот советник за безбедност Чунг Еуи Јонг при посетата на Вашингтон соопшти дека Ким го поканил Трамп на заедничка средба, а поканата била прифатена. Се очекува состанокот да се реализира до мај. Севернокорејското раководство ветило освен тоа дека во време на фазата на дијалог ќе запре со ракетните и атомските тестови, но за возврат очекува безбедносни гаранции.

Повеќе на темата: 

Корејски конфликт: Разговори наместо ракети

Трамп треба да преговара со Ким

Чунг во својство на предводник на јужнокорејска делегација на високо ниво се сретна со Ким Јонг Ун минатата недела во Пјонгјанг. По краткиот престој на враќање во Сеул, тој отпатува во Вашингтон за да ја информира американската влада за водените разговори.

Јужна Кореја соопшти дека е постигната согласност и за одржување самит помеѓу Ким Јонг Ун и јужнокорејскиот претседател Мун Џае Ин, и тоа во април во пограничното место Панмунџом.

Во минатата година конфликтот околу севернокорејската оружена програма ескалираше до точка на меѓусебни закани со војна меѓу САД и Северна Кореја. Војската на комунистичката држава во повеќе наврати тестираше ракети, а на почетокот на септември  изврши и атомска проба, прекршувајќи со тоа бројни резолуции на Советот за безбедност на ОН.

Од почетокот на оваа година двете корејски држави преземаат напори за меѓусебно проближување. Учеството на Северна Кореја на Зимската олимпијада во јужнокорејскиот Пјонгџанг се смета за важен сигнал за олабавување на тензиите. На свеченото отворање на Олимпијадата Ким Јонг Ун ја испрати својата сестра Ким Јо Јонг, која на претседателот во Сеул му предаде покана за посета на Пјонгјанг.