1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доналд во стапицата на трампизмот

4 јуни 2020

Шокантните ефекти на пандемијата, економијата и расните немири ја затемнија (и се закануваат неповратно да ја фрлат во баналност) стратегијата на трампизмот. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/3dFPs
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Среде богатиот глобален избор на двојни стандарди, пехарот за лицемерие на неделата сепак овој пат им припаѓа на владините пропагандисти од Пекинг, Москва и Техеран и нивните кусогледи ситења за бурните случувања во САД. Нивната цинична експлоатацијата на хаштагот #IcantBreathe, мотото на разгневените африкански Американци, не остава впечаток ниту врз светската, ниту врз односните домашни јавности. Белким така и ќе остане, сѐ додека нивните влади се натпреваруваат во откривање на расизмот во Америка и Европа, но остануваат слепи за домашните, не помалку жални и системски озаконети форми на расизам и ксенофобија.

Бидејќи, во крајна линија, речиси ниеден побитен фактор во САД – освен кабинет/ фамилијата на Доналд Трамп – нема ни да помисли да го негира и (осуди) фактот дека Америка има драматичен проблем со расната дискриминација. Бидејќи, со исклучок на Фокс Њуз и порталите од лудата страна на интернетот, во таа земја нема да најдете и малку пристоен медиум кој со недели не пука од најсилните насловни страни со жестоки осуди за системот скроен по мерка не една, на сметка на друга раса. Впрочем, дури и една Канада и цела западна Европа (за разлика од идентитески дволичната и кукавичка источна Европа) нема да пропушти да при секоја осуда на расизмот во САД напомене дека и во нивните пазуви се крие и живее змијата на расната омраза.  

Лицемерен однос

За жал, но и очекувано, дежурните сметководители од Москва, Пекинг и Техеран за расизмот во САД и Западна Европа сеуште не успеваат да во сопствените редови го препознаат системскиот расизам вперен кон Централна Азија, расизмот вперен кон Арапите или расистичкиот однос кон Ујгурите и генерално муслиманите. Ниту го препознаваат, а камо ли признаат и осудат. Доколку за расизмот во Европа или Западна Европа е доволно да ја отворите насловната страница на било кој западен весник, за расистичките системи на останатите треба троа малку повеќе труд, но резултатите се не помалку запрепастувачки и алармантни. Што само по себе доволно зборува за лицемерноста на пропагандите на наведените земји. Јавностите на Русија, Кина, Иран се сосема добро, темелно, сеопфатно информирани за секој најмал расен инцидент во Чикаго. Благодарение на слободата на медиумите во САД и слободното шетање на нивните дописници ширум Америка. Но јавноста во Америка и Западна Европа е зависна од умешноста на нивните дописници за криумчарење на 2-3 минутни репортажи од внатрешноста на Русија и Иран или концентрационите логори за муслиманите во Кина. Затоа, со сета искрена почит кон народите на нивните земји, време е да на пропагандите на пост-советскиот, комунистички и ајатолашки „морал” им се порача - олабавете. Никој не е возбуден, ниту убеден, од крокодилските ви солзи за расизмот во Америка. 

Дотолку повеќе што среде сите различности помеѓу нив и Америка, најконкретната линија на сличност е споделената политичка матрица на автократија со Претседателот на САД, Доналд Трамп. Истиот кој не се труди да ја скрие наклонетоста и симпатиите кон тешко-рачниот политички modus operandi на Владимир Путин и Ши Џинпинг, или пак христијанскиот ајатолизам на Хасан Рохани, модел ролјите на неговиот автократски популизам. Но, за негова несреќа, поведението на Трамп кон бурните настани во неговата земја потсетува дека разликата помеѓу демократијата на Америка и автократиите на Кина, Русија, Иран не ја чини ниту тој, ниту администрацијата му – туку слободарскиот дух на народот кој треба да го предводи. Но, како што вели генералот Матис, со сите сили сака да го подели и раскара. 

Претходни колумни од авторот:

Од Албин не бива Сали

Ђе ти је НАТО, црна Македонијо?

Дестилација

Политика експрес

Желбата на Доналд Трамп да биде „претседател на законот и поредокот” e нескриен плагијат украден од Ричард Никсон од времето на расните немири во 70-тите. Трамп може да ги плагира цитатите на политичката вешта ајкула Никсон. Но, Трамп не е Никсон. Дури, не е ни Путин, ни Џинпинг, ни Рохани, кои скраја сите различности, ја имаат споделената историја на самосоздавање, самоизградување и самоуспех. Зад Трамп нема да ја најдете разузнавачко-бирократската кариера на Путин изградена од колхоз до Кремљ, од сиромаштија кон богатство. Ниту трпеливиот, мачен, упорен децениски, семејно трауматичен подем на Џинпинг. Ниту скромното искачување кон успехот на Рoхани. И уште помалку макотрпниот, сиромашен, побожен, работнички и антиелитистички бекграунд на Ричард Никсон. Скраја многуте мани на единствениот отповикан претседател на САД, Никсон ја знаеше границата помеѓу личното и општото, демократијата и бирократијата. Знаеше кога да ја отвори Кина за мир во домот и кога да ја заклучи војната во Виетнам за „чесен мир во наше време”. На Никсон му беше укажано дека армијата може да го одржи во овалната канцеларија. Никсон одби.

Дали Доналд би постапил исто како Трики Дик, е прашање за кое ќе треба да почекаме до nоември и евентуалниот мирен трансфер на претседателството. За волја на вистината, американските медиуми одамна се осврнуваат кон можното проблематизирање на трансферот во случај на пораз на Трамп и негово одбивање да отстапи од функцијата. Дури и неговиот опонент Џо Бајден во неколку наврати ја има јавно спомнато таквата опасност. Особено доколку финалниот исход заличи на тесниот резултат од изборите во 2000 година и фамозното пребројување гласови за Џорџ Буш и Ал Гор. Иако таквата опција е мошне неверојатна, избрзаното барање на Трамп да армијата воспостави ред поради расните немири може да биде искористено од неговите опоненти како сомнеж за тестирање на Пентагон и на јавноста како би реагирале кон таквата крајно суреална пост-изборна авантура. Протестните реакции на угледни генерали на американските воени сили, но и јасното и јавно обдивање од страна на Секретарот за одбрана Еспер за ангажман на воени сили за смирување на нередите е јасна назнака за правецот во кој би се одвивале работите.

Сигнали до Трамп

Непријатностите на Трамп не доаѓаат единствено од неговиот двор. Експресното и јасно одбивање на Ангела Меркел, Џастин Трудо, Борис Џонсон, Јосеф Борел и  Емануел Макрон за прифаќање на учеството на Руската Федерација на следниот Г7 Самит во организација, и по иницијатива на Трамп, е новост од огромен значај и заслужува повнимателен осврт. Кусата информација за „жестоката дебата” помеѓу Трамп и Меркел, како и експресното и тврдо „не” од Џонсон и Трудо е сигнал до Претседателот на САД дека спремноста за дијалог околу Кина не подразбира абдикација на принципите на западната алијанса поради отсуството на американско водство. Одбивањето на европските и канадски водства за враќање на Русија во Г7 воопшто не подразбира нивен намален интерес за засилен настап кон Кина. Напротив! Како Канада, така и ЕУ и посебно Германија и Велика Британија се живо заинтересирани за изградба на кохерентен, заеднички и солидарен став кон подемот на Пекинг. Нивниот став беше таков и додека Трамп на сите труби ја огласуваше неговата пријателштина со Џинпинг, без да ги консултира сојузниците од кои сега бара подршка во заострување на курсот. Проблемот, елем, не е во евро-канадатската тврдоглавост, туку во непостојаноста на политиките на Трамп диктирани од дневно-политички, предизборни, лично мотивирани калкулации.  Притоа, инсистирањето на привлекување на Путин и Нарендра Мори кон Г7 повеќе ја дефинира ослабената позиција на Трамп во рамките на групата во која има се помалку соистомисленици. Оттаму, аргументот за „застареноста на концептот Г7” повеќе се однесува на потребата на Трамп за привлекување соистомисленици со кои ќе се амортизира неговата сегашна надгласаност.

Веста за одбивањето од страна на Европа и Канада има и една друга, покуриозна димензија која е уште поболна за самиот Трамп и неговата разнишана самодоверба. Имено, за разлика од минатите (јавни или задкулисни) несогласувања со партнерите од ЕУ или Канада кои беа редовно следени со баражни Твитер- стрелби полни со витриол, овој пат Трамп остана зачудувачки замолкнат, без никаква реакција кон јавно удрените корпи. Ниту еден твит, ниту еден постмешлив статус! Но дали станува збор за доцно стекнатото освестување на Трамп или пак за ново-пронајдената самодоверба на неговите партнери, веќе имунизирани кон неговите понижувања?

Сетики станува збор за комбинација на двата фактора. Но со претежнување кон чинителот на заситеност од заканите и триковите на Трамп. Омилената стратегија на Трамп да биде сметан како „непредвидлив”, па дури и „непресметлив”, му овозможи да ја стекне подршката на Американците и стравопочита на партнерите и ривалите, ставени во состојба на висење на прсти за секој негов следен потег или изјава. Но непредвидливоста се троши со време, а шок-третманот е шокантен и болен се додека не премине во рутина и отрпнување. Доколку пред четири години неговата стратегија се базираше врз логиката на „new kid in the block”, неговиот пристап денес е определен и ограничен од предвидливоста на неговата борба за преживување, за уште еден мандат. Но, неговиот севкупен пристап кон политиката е базиран врз експлоатација на шокантното, скандалозното, табуозното, непојмливото, бласфемичното. Секое понатамошно опстојување врз таквиот пристап е рискантна авантура со која ризикува да ги оддалечи неопределените, без ефект врз опонетите врз кои неговите излети немаат никаков ефект и влијание. Од друга страна, повлекувањето од таа стратегија може да ги разочара верните подржувачи, навикнати на дневна доза гневен трампизам. Шокантните ефекти на пандемијата, економијата и расните немири ја затемнија (и се закануваат да неповратно ја фрлат во баналност) стратегијата на трампизмот. Америка, за разлика од Доналд, може да ја преживее таа промена. 

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач