1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Долгата борба против даночните оази

Клаус Улрих/сн7 април 2016

Поради т.н. „Панама документи“ се распламтеа нови дискусии за борба против затајувањето данок и пред сѐ против даночните оази. Еве што е досега сторено и што се очекува натаму.

https://p.dw.com/p/1IQHz
Фотографија: Fotolia/Trueffelpix

Сѐ започна уште во 1998. година со обидот да се направи листа на земји чие даночно законодавство не одговараше на правилата на фер натпревар - организацијата на индустриски земји ОЕЦД така ја започна борбата против даночните оази. Веднаш се побунија членките на ОЕЦД, Швајцарија, Австрија, Белгија и Луксембург. Овие држави сметаа дека е загрозена банкарската тајна, но- по ублажувањето на барањата- сепак донекаде попуштија.

Кога во 2005. година се донесени Европските насоки за оданочување камати, овие четири земји повторно се побунија, бидејќи не сакаа да праќаат податоци за своите клиенти на државите од кои тие потекнуваат. Наместо трансфер на податоци, најдено е алтернативно решение - воведување изворен данок на капитална добивка. Но, трансферите на податоци не се направени потранспарентни.

Притисок по финансиската криза

Symbolbild Steoeroase Demonstranten
Фотографија: picture alliance/APA/picturedesk.com

Дури по меѓународната финансиска криза во јануари 2009. година се создаде нова динамика во натегањето околу заедничките правила во борба против затајувањето данок. На јавните каси им беа потребни дополнителни пари, бидејќи беа оптоварени со трошоци за спасување на банките. Поради заканата дека ќе биде формирана нова „црна листа“ на некооперативни земји, европските држави кои се на глас како даночни оази, како Лихтенштајн, Андора или Монако, решија малку да ги ублажат одредбите за банкарска тајна.

На 29. октомври 2014. година државите практично ја укинаа банкарската тајна. Тие потпишаа договор кој се темели на стандардите на ОЕЦД. Уште 100 земји ги поздравија новите мерки, иако не го потпишаа договорот. Во потписниците спаѓаат и важни финансиски центри како Швајцарија, Лихтенштајн и Сингапур, како и различни острови од Карипскиот архипелаг и Ламанш кои секогаш им пружаа гостопримство на офшор-компаниите.

Панама и САД не учествуваат

Ни Панама ни САД не ги прифатија стандардите на ОЕЦД. „Панама на почетокот беше подготвена да учествува“, го цитира „Шпигел онлајн“ Маркус Мајнцер, даночен експерт од мрежата „Таск џастис нетворк“. „Но, се предомисли кога виде дека САД нема да потпишат. Американците, додуша, остро постапуваат против затајувањето данок, кое им носи голема штета“, пишува „Шпигел онлајн“. Но, и во американските сојузни држави Делавер и Невада многу офшор-компании имаат свои седишта.

Потписниците на договорите се обврзуваат меѓусебно да се информираат за сметките кои приватните лица ги имаат во странство. Автоматската размена на податоци на даночните власти би требало да им ја олесни контролата на одлив на пари во странство и во борбата против „даночните бегалци“,

Размена на податоци и информации

Банките и другите финансиски институции во иднина мораат во својата земја да пријават информации за камати, дивиденди, состојба на сметки и добивка од продажбата на финансиска сопственост - кога станува збор за лица кои живеат во странство. Договорот ги регулира и правата и обврските во случај од некоја друга земја да стигне барање, а одговор на тоа барање веќе не може да се избегнува со повикување на фактот дека информациите се наоѓаат во сопственост на некои банки. Новото правило се однесува на сметките отворени од јануари 2016. година. Од септември 2017. година, државите ќе можат меѓусебно да разменуваат соодветни податоци.

Затворање на даночни дупки

Во меѓувреме е активиран и акцискиот палн на водечките индустриски нации за затворање дупки во даночните одредби за меѓународните концерни. Во средината на јануари, претставници од над 30 држави го потпишаа првиот детален договор за тоа прашање. Според тој договор, меѓународно активните компании би требало да поднесат извештаи за работењето и стекнатата добивка. Цел е концерните во сите земји примерно да се оданочуваат. И овој концепт го разработи ОЕЦД.

ОЕЦД тоа го нарече „закопување на секирата“ во спроведување на т.н. иницијатива БЕПС. Станува збор за борба против распоредувањето добивка на компаниите на помали фирми сместени во странство. Така, на пример, интернет-концернот Гугл успеа да се ослободи од плаќање данок на целосна добивка, бидејќи соодветните права ги пренесе на помали фирми кои ги смести на Бермудските острови, во Ирска и во Холандија.

Symbolbild Steueroase Schweiz
Фотографија: bilderbox / AP / DW Montage

Г20 учествува во сѐ

На самитот на Г20 во Анталија, усвоен е и акциски план против ваквата практика. Станува збор за точката 13 од планот БЕПС со вкупно 15 точки. Бараните извештаи за поединечни земји би требало да ги пишуваат компаниите-мајки во земјата во која се наоѓа нивното главно седиште. Извештајот тогаш се испраќа до даночните власти, иако не е предвидено и да се објави. Но вакви извештаи мора да поднесуваат само претпријатија кои имаат свои фирми во странство и чиј промет е поголем од 750 милиони евра. Експертите сметаат дека во Германија има околу илјада вакви фирми.

Од летото 2015 година важи и четвртата директива на ЕУ за перење пари, која би требало да ги отежне финансирањето на тероризмот и зделките „на црно“. За тоа е потребно да се имаат прецизни и актуелни податоци за лицата кои поседуваат банкарски сметки. За да се намали ризикот од перење пари, германското министерство за финансии ја проверува и можноста за ограничување на плаќањето во готово - тема за која во Германија жестоко се дискутира, пред сѐ поради битното намалување на заштитата на личните податоци.