1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Долг сон за здраво срце

Зидојче цајтунг8 јануари 2009

Наспијте се добро! Бидејќи оние што подолго спијат, подолго и живеат. Американски научници открија дека луѓето кои спијат седум или повеќе часови имаат поголеми шанси да ги избегнат опасните кардиоваскуларни заболувања.

https://p.dw.com/p/GUKr
Со спиење до здраво срце и долг животФотографија: BilderBox

Ризикот од калцификација на коронарните артерии е можно да се намали доколку спиеме доволно долго. Доколку ноќниот мир се продолжи само за еден час калцификацијата е поретка. Тоа е резултатот до кој дојдоа американските научници.

Повеќе од седум часови спиење е добро за срцето

Експерти од универзитетот во Чикаго во текот на пет години ја следеле здравствената состојба кај возрасни лица – четириесетгодишници. Кај 27 насто од учесниците во студијата, кои спиеле пократко од пет часови, постоела калцификација во срцето. Меѓу испитаниците кои спиеле помеѓу пет и седум часови, само кај 11 насто имало калцификација. И на крајот, кај само шест насто од испитаниците кои спиеле повеќе од седум часови се развила калцификација на коронарните артерии.

Според мислењето на научниците, сознанијата до кои дошле можат да имаат врска со крвниот притисок. Имено, додека човекот спие, притисокот опаѓа. Колку што спиењето е подолго, толку крвниот притисок има пониска вредност. Ако тоа се пресмета за период од 24 часови, може да се заклучи дека кај лицата кои подолго спијат крвниот притисок во просек е понизок од лицата кои спијат само неколку часови.

Хормоните на стресот и калцификацијата

Според американските научници, постои врска помеѓу просечните вредности на крвниот притисок и веројатноста да настане калцификација. Згора на тоа, тие претпоставуваат дека во тоа одредена улога има и хормонот на стресот - кортизол. Меѓутоа, во актуелната студија не изложиле податоци за тоа. Своите резултати тие ги објавиле во журналот на Американското медицинско здружение.