1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Документарец за педофилија во црквата ја потресе Полска

Моника Ширацка
28 мај 2020

Католичката црква во Полска го извести Ватикан за нови случаи на педофилија кои се откриени во еден документарен филм. Судбините на жртвите обелоденети во филмот ги ставија под притисок и владата и црквата.

https://p.dw.com/p/3ctvE
Polen Danzig Aktivisten zeigen Film von Tomasz Sekielski
Фотографија: Imago Images/Eastnews/K. Mystkowski

Свештеник кој со години злоупотребувал десетина момчиња и бискупи кои со години години тоа го прикривале – сето ова се се случувало во малиот град Плешево во централна Полска во 1990те. Приказната е откриена во документарниот филм „Криенка“ на авторите Марек и Томас Секиелски. Тие уште во својот прв филм за педофилијата во црквата, пред точно една година, го скршија најважното табу во Полска.

Сега ја раскажуваат судбината на браќата Јакуб и Бартек Панковијак, чиј татко свирел на органата во црквата во Плешево. Тогашниот свештеник Аркадиуш, омилен меѓу младите бил чест гостин во нивниот дом. Но, кога родителите не можеле да видат, тој ги гушкал, ги мазел и ги бакнувал Бартек и Јакуб. Двете момчиња биле во шок, но сами ја преживеале оваа драма, не споделувајќи ја со никого.

Соочување со мачителот

Дури 20 години подоцна собраа храброст да го пронајдат својот мачител и да го погледнат в лице. „Што мислите дека чуствува едно дете кое го љубите со јазик в уста зад затворени врати,“ го прашува Бартек свештеникот во документарниот филм. Разговорот е снимен со скриена камера. „Знам дека ве допирав по интимни места и ја чуствував вашата ерекција, дека и вие мене ме допиравте и за тоа ми дававте подароци,“ продолжува Бартек.

Polen Danzig Aktivisten zeigen Film von Tomasz Sekielski
Фотографија: Imago Images/Eastnews/W. Strozyk

Свештеникот не одговори ништо на обвинувањата. Но, истовремено рече дека се чуствува „виновен пред Господ“ и дека се моли секој ден.

Бартек и Јакуб посетија и една калуѓерка која знаела што се случува, но никогаш не ги заштитила децата. За време на посетата таа делува збунето и се обидува, речиси со пелтечење, да објасни дека не можела ништо да направи.

Повеќе:

-Ден што не се заборава

-Истрага за педофилија против третиот човек во Ватикан

-Ватикан прeзема мерки кои не се доволни

Не е лесно да се излезе во јавноста со ваква приказна. На Јакуб Панковијак кој денес има 35 години, најтешко му било ова да и го раскаже на сопствената керка. „Се чуствувам многу олеснето, како да ми се симна огромен товар од мене. За жал, морав и јавно да ја споделам, едноставно не може поинаку.“ Вели дека “не се радува на тоа свештеникот да заврши зад решетки“ туку „доволна казна“ е тоа што сега цела Полска го знае неговиот грев.

Бискупите ја прикривале педофилијата

Авторите на документарците открија десетина жртви на свештеникот во Плешево. Во 2016 година родителите на една од жртвите барале да се соочат со него. Свештеникот ја призна вината: „Свесен сум дека синот ви се разболе поради мене,“ рече тој и истовремено додаде дека е “виновен како ѓавол кој го уништува се што е свето во луѓето.“ Тој додаде дека и бискупот знаел што се случува. Разговорот е снимен.

Кога бискупот Едвард Јанијак слушнал за тој состанок веднаш го суспендирал свештеникот Аркадиуш. Официјалното објаснување е дека е поради “здравствени причини“. Но Црковниот суд нема отворено истрага. Четири години подоцна, по премиерата на филмот, вината за прикривање е префрлена на жртвите. Во соопштението на парохијата во Калиш, на која и припаѓа и градот Плешев стои дека самите жртви требало да си го пријават злоупотребувањето и требало да го информираат Ватикан. Бискупот Едвард Јаниак не им се извини на жртвите.

По премиерата на филмот расте притисокот на јавноста, но и притисокот внатре во црквата. Епископијата на кратко соопшти дека бискупот Јаниак ќе се воздржи од големи настапи. За време на ракоположувањето на свештениците во саботата (23.05) во катедралата во Калиш го замени еден друг бискуп кој, според медиумските написи исто така со години го прикривал злоупотребувањето. На, младите свештеници пак им рече дека грешните духови му задавале болка, но дека во одредени ситуации има заповед на молчење. На новинарите кои сакаа да известуваат за овој настан, не им е дозволен влез во катедралата.

Полска бара разјаснување

Полската епископија официјално изрази згрозување. Поглаварот на Католичката црква во Полска, Војцијек Полак бара истрага од Ватикан. Тој тоа го бара уште по првиот филм на браќата Секиелски пред една година, но истрагата за злоупотеба до ден денес не е започната. Во извештајот кој што во 2019 ја стави црквата под притисок на јавноста, се спомнуваат околу 400 случаи во 1990-те. Се уште не се наведени имињата на свештениците, ниту колку процеси се водат пред црковните и граѓанските судови. Но според најновите анкети, 70% од Полјаците бараат жестоко однос на власта кон свештениците педофили. И во круговите на католичката црква се погласни се барањата за сеопфатно расветлување на случаите.

Polen Erzbischof Wojciech Polak in Warschau
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/C. Sokolowski

Педофилијата мора да биде истражена

Жестоката дебата за документарецот на браќата Секиелски, кој во меѓувреме на Јутјуб го видоа 6,5 милиони луѓе ги присили властите да реагираат. Јавното обвинителство соопшти дека истрагата против свештеникот Аркадиуш од Плешево трае уште од есента 2019 година. Владејачката полска партија Право и правда (ПиС) сака да основа одбор за истрага на педофилија. При тоа предлогот на една група левичарски пратеници да се основа посебен одбор за педофилија во црквата е одбиен.

Тие стравуваат дека во новиот одбор кој ќе се занимава со општествените групи, свештениците педофили ќе биде само маргинална појава. Критичарите зборуваат за посебна заштита на државата која ја уживаат претставниците на Католичката црква во Полска. Пример: во регистарот на педофили на полската влада од 2018 година не може да се пронајде ниту едно име на некој од свештениците. Тоа значи дека нивните недела не спаѓаат во најтешките случаи на педофилија во Полска.