1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Докос: Посетата на Попоски е симболична, а не суштинска

Б. Георгиевски17 декември 2015

Впечатокот во Атина е дека Груевски не е вистински заинтересиран за изнаоѓање компромис, вели во разговор за ДВ, Танос Докос, директор на Институтот ЕЛИАМЕП. Не е оптимист дека наскоро може да се најде решение за спорот.

https://p.dw.com/p/1HOvZ
Фотографија: DW/J. Papadimitriou

ДВ: Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски денеска е во посета на Атина, на средба со неговиот колега Никос Коѕиас. Тоа е прва посета на висок македонски функционер на Атина од 2000 година. Какви се очекувањата во Грција од средбата?

Танос Докос: Посетата на г-н Попоски е добредојдена затоа што е особено симболичен чекор на патот кон нормализација на односите. Соседни држави, кои имаат многу заеднички интереси, но и грижи за различни прашања, треба да имаат чести контакти на различни нивоа. Сепак, очекувањата за конкретни резултати од посетата се многу ниски. Се очекува посетата да има симболично, а не суштинско значење.

Коалицискиот договор меѓу владејачките Сириза и Независните Грци јасно наведува дека нема да има промени во грчката надворешна политика, вклучително и за спорот за името. Можно ли е од тој аспект да се очекува некаква промена во грчката политика во однос на овој проблем. Каква е позицијата на Сириза по ова прашање?

Сѐ додека Независните Грци се дел од коалициската влада, малку е веројатно дека ќе има решение за спорот за името. Дури и официјалната грчка позиција за прифаќање на сложено име кое ќе го содржи зборот „Македонија“ се смета за неприфатливо за Независните Грци. Позицијата на Сириза - доколку постои заеднички став - е далеку поумерена, иако треба да се спомене дека тврдокорниот национализам е раширен низ целиот политички спектрум.

Со оглед дека двете земји се наоѓаат во тешка политичка, односно економска криза, може ли реално да се очекува некаков напредок во преговорите за името? Можно ли е меѓународната заедница (ЕУ, САД) да употребат некаква „шок доктрина“ и да ги притиснат двете земји токму во ваква ситуација да најдат решение?

Со оглед на домашните проблеми во двете земји, не сум особен оптимист на кус рок. Треба да се причека најмалку до изборите во ФИРОМ. Кога ќе се расчисти маглата, ќе биде потребна нова проценка на шансите за решение.
Имајќи ги предвид бегалската криза, конфликтот во Сирија, економската криза во Грција, таков пристап од страна на меѓународната заедница делува малку веројатен, особено на краток рок. Доколку сепак се случи, најверојатно нема да биде успешен.

Mazedonien Besuch griechischer Außenminister Nikos Kotzias
Никола Попоски и Никос Коѕиас во Скопје, јули 2015Фотографија: MIA

Македонскиот министер за надворешни работи Попоски за Катимерини изјави дека „се создадени услови“ за позитивен чекор во насока на решавање на спорот. Со оглед на ваквиот оптимизам, можно ли е двете земји да одржуваат некакви тајни средби?

Сѐ е можно, секако, но нема индиции за таква „тајна дипломатија“. Дури и доколку ги има, се сомневам дека би се постигнал значителен напредок со оглед на домашната состојба во двете земји и остро спротивставените погледи на двата коалициски партнери во Грција. Сепак, во последно време се зголемија контактите на ниво на невладини организации, и тоа е позитивен развој.

Речиси десет години откако неговата ВМРО-ДПМНЕ ја презеде власта, премиерот Груевски опстојува на националистички тон и го користи спорот за името како катализатор за домашните политички битки. Сега одеднаш, на само неколку недели пред очекуваната оставка, во интервју за британскиот Гардијан, тој говори за потреба од изнаоѓање брзо решение. Како се примаат неговите пораки во Атина?

Тонот и суштината на интервјуто на премиерот Груевски секако беа позитивни во насока на изнаоѓање на компромисно решение. Сепак, тој подоцна го обвини Гардијан дека погрешно ги пренесле неговите изјави. Впечатокот во Атина е дека г-н Груевски никогаш сериозно не размислувал за компромисно решение, и дека ги жртвува долгорочните стратешки интереси на својата земја (дозволувајќи да се продлабочи јазот меѓу двете најголеми етнички заедници) со цел да остане на власт колку е можно подолго. Дополнително, неговата позиција за референдум (која ја принудува и Грција да го стори истото), иако звучи разумно и „демократски“, веројатно во суштина е обид да се поткопа можното решение. Откако го демонизираше компромисното решение толку долго, ќе биде тешко за него да биде објективен во последната фаза од преговарачкиот процес, и да не се спротивстави на решението, што пак ќе го осуди решението на пропаст. Меѓудржавните договори на вака чувствителни теми треба да бидат одлучени од страна на владите и парламентите.
Од друга страна, лидер кој се перцепира како тврдокорен честопати е повеќе во состојба да го убеди јавното мислење за неопходноста од болен компромис.

Nikola Gruevski und Jorgos Papandreou in Brüssel
Никола Груевски и Јоргос Папандреу во Брисел во 2011 годинаФотографија: MIA

Проблемот меѓу двете земји опстојува со децении, веројатно уште од формирањето на Социјалистичка Република Македонија во рамките на СФРЈ, и особено по Граѓанската војна во Грција. Сепак, за многу луѓе од страна е нејасно за што е судирот: историја, идентитет, територија...? Каде го гледате решението на спорот?

Навистина се работи за стар проблем, кој не е лесно разбирлив за трети страни. Се работи за историјата и идентитетот - поради што е уште потешко да се реши - но за среќа не е веќе за територија (освен веројатно во главите на мало малцинство екстремни иредентисти во ФИРОМ). Од друга страна, двете страни потрошија значителен политички и дипломатски капитал и не се подготвени да прифатат целосно повлекување. Дури и ако е тешко да се замисли една „вин-вин“ ситуација, треба да е можно да се изнајде решение кое ќе биде прифатливо за двете страни. Главната цел треба да биде одбегнувањето на монополизацијата на името Македонија. Актуелната грчка позиција вклучува важен компромис, имено прифаќање на сложено име кое ќе го содржи зборот Македонија со придавка (на пример Северна или Горна Македонија). Тоа име треба да се користи за надворешна употреба. Можното решение за прашањето на јазикот и етничката припадност може да биде засновано на предлозите на д-р Евангелос Кофос за користење на локалните јазици на двете страни, наместо англискиот термин (Makedonas&Makedonci за етникумот и Makedonski за јазикот).

Договорот експресно ќе ги отвори вратите за членство во НАТО и евентуално членство во ЕУ, како и за стратешка соработка во енергетскиот и други сектори.

Д-р Танос Докос е директор на невладината фондација ЕЛИАМЕП (Фондација за европска и надворешна политика) од Атина. Експерт е за меѓународните политички односи, предавач на повеќе универзитети и автор на бројни истражувања и публикации.