Докиќ советува: Носете по две хируршки маски
29 март 202141 лице ја загуби битката со Ковид-19 во последните 24 часа, со што бројот на починати за една недела во Северна Македонија е повеќе од 200. Најголем број од починатите- 16, се од главниот град Скопје, којшто е жариште од почетокот на пандемијата. Пулмологот д-р Дејан Докиќ советува – носете две хируршки маски или КН-95 за поголема заштита од Ковид-19. Според него, таква заштита е неопходна против новите мутации на вирусот, кои се позаразни и побргу се шират.
-повеќе на темата: Докиќ: Пост-ковид симптомите може да траат со месеци
Британскиот сој на коронавирусот зема сѐ поголем замав во земјата, а како резултат на тоа се поголем е бројот на заразени и починати изминативе неколку недели. Надлежните очекуваат уште посериозна ситуација во наредниот период. „Не можеме да кажеме дали потешката клиничка слика е поради мутираниот сој или задоцнето доаѓање во болница“, вели доктор Докиќ и додава: „ Да, тој заразува поголем број, тоа е точно, затоа реков да се подигнат мерките, но за клиничката слика не може да се тврди бидејќи доаѓаат пациенти кои доцна бараат помош. Дали поради задоцнетото доаѓање е тешка клиничката слика или поради самиот вирус, тоа не можеме да го кажеме. Сѐ уште е на ниво на опсервација“, објаснува пулмологот.
На интерните клиники има 15 слободни кревети. Докиќ смета дека 80 проценти од пациентите кои доаѓаат на клиниките можат да бидат на домашно лекување, додека останатите 20 пациенти се со потешка клиничка слика и за нив е потребна хоспитализација. „Британскиот сој се шири полесно, бидејќи има мутација, истото се однесува и на бразилски и јужноафриканскиот сој. Пациентите полесно ќе заболуваат“, додава тој.
-повеќе на темата: В среда започнува имунизацијата - што треба да знаете пред да се вакцинирате?
Тој смета дека родителите не треба да се плашат да ги пуштат своите деца во градинка. „Тие се сè уште мали и немаат доволен број АЦ2 рецептори и помалку се заразуваат со Ковид-19, а имаат и полесна клиничка слика“, порача Докиќ на денешната прес-конференција со министерот за здравство, Венко Филипче.
Во однос на искуството со лекот ивермектин, тој вели дека во секоја земја е различно. „Во изјавата на EMA – European Medicines Agency се вели дека тие сè уште не го регистрирале овој лек, бидејќи немаат доволно докази дали делува. Имаат студии каде што тој имал позитивен ефект, но имаат студии и каде што немало адекватен ефект. Секаде имало некаков ефект. Во истатата таа изјава на ЕМА, Чешка како западно-европска земја членка на ЕУ и Словачка го регистрирале ивермектинот како лек против Ковид-19“, вели пулмологот.