1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доживотен затвор за обвинетите во „Монструм“

АТ/ миа30 јуни 2014

Шестмина обвинети во процесот „Монструм“ денеска се осудени на доживотна казна затвор. Едно лице е ослободено од обвинението. Осудените имаат право на жалба.

https://p.dw.com/p/1CSg1
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Доживотна казна затвор за обвинетите А.Д., А.И., А.И., Ф.А., Х.А. и С.Љ. за масакрот кај Смилковското Езеро, пресуди денеска (30.06) Судскиот совет во процесот „Монструм“.

Како што соопшти Основниот суд Скопје 1 - Скопје, според пресудата за предметот поврзан со петкратното убиство кај Смилковското Езеро,, обвинетите А.Д., А.И., А.И., Ф.А., Х.А. и С.Љ. ги прогласи за виновни за кривичното дело „тероризам“ и ги осуди на казна - доживотен затвор. Обвинетиот С.Р. Судот го ослободи од обвинението.

„За прво и второ обвинетиот А.Д. и А.И. на кои им се судеше во отсуство, пресудата исто така беше објавена во нивно отсуство, додека останатите обвинети, заедно со нивните бранители ја слушнаа објавата“, стои во соопштението.

Станува збор за првостепена пресуда, која не е конечна и на која странките имаат право на жалба пред Апелацискиот суд. Воедно, Судскиот совет заради тежината на казните и сериозноста на кривичното дело за кое се осудени ја продолжи мерката притвор за обвинетите А.Д., А.И., А.И., Ф.А., Х.А. и С.Љ. до правосилноста на пресудата, додека за обвинетиот С.Р донесе одлука да се укине мерката притвор, велат од Судот.

Масакрот кај Смилковското Езеро се случи на 13 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

Судењето почна на 20 декември 2012 година, а досега се одржани 37 рочишта.