„Додик е сѐ поосамен“
10 јануари 2022На одбележувањето на неуставниот Ден на Република Српска, 9 јануари, ни годинава не се кажа ништо ново, ниту различно од претходните години, но тоа што беше кажано е кажано во екот на, како што тврдат многумина, најголемата политичка криза во земјата од потпишувањето на Дејтонскиот договор. За време на манифестацијата имаше говори за самостојност на Република Српска и припојување кон Србија. Но, неуставниот Ден на Република Српска беше проследен и со инциденти во Гацкo, оФоча, Приједор и Јања, каде што во пресрет на одбележувањето на овој ден имаше провокации и навреди кон несрпското население, што само ја влоши ситуацијата.
Инцидентот го осуди и Милорад Додик и повтори дека „Република Српска не е геноцидна творба, како што некои се обидуваат да ја претстават,“ како и дека за пет години ја гледа како „моќна, силна и самостојна“.
„Ја гледам како моќна, силна, демократска, како важен фактор во регионот, и ја гледам како самостојна. Останување во парауставна Босна и Херцеговина за нас е само заостанување. Потребно е во БиХ да се најдат волја и мудрост за да се донесат неопходни одлуки и строго да се почитува Уставот на земјата. Во спротивно, БиХ ќе се распадне, а Република Српска ќе тргне кон осамостојување“, порача Додик на свечената академија по повод одбележувањето на Денот на Република Српска.
Аналитичарите од Република Српска (РС) порачуваат дека одбележувањето на Денот на РС не е дефиле, ниту пак „ставање прст в око“ на соседите од другите вери. Ова мислење го дели и мнозинството во јавноста во овој ентитет.
„Болно за луѓето од другите заедници“
Историјата на 9 јануари започна оној ден кога беше усвоена Декларацијата за прогласување на Република на српскиот народ во Босна и Херцеговина, во хотелот „Холидеј Ин“ во Сараево, 1992 година. Оттогаш се слави Денот на Република Српска и верска слава на овој ентитет, кои сѐ до 2014 најчесто се одбележуваа само со прием и свечена академија. Откако една година претходно, бошњачкиот член на Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ поднесе барање до Уставниот суд за оценка на уставноста на Законот за празници на РС, раководството во Бања Лука започна со пораскошно одбележување на денот, а во 2017 веќе беше воведено и свечено дефиле и постројување на единиците на Министерството за внатрешни работи на Република Српска.
Неколку месеци по барањето на Изетбеговиќ, Венецијанската комисија предупреди дека одбележувањето на Денот на РС може да биде „болно за луѓето од другите верски заедници.“
Уставниот суд на БиХ во 2015 година го укина Законот за празници, утврдувајќи дека 9 јануари е спорен, бидејќи другите два главни народа во БиХ не го доживуваат како свој. Народното собрание потоа од Законот го „извади“ 9 јануари и го усвои како секуларен празник, со оглед дека со поранешните одредби беше дефинирано дека истовремено се одбележуваат Денот на РС и верската слава Свети Стефан, но Уставниот суд го укина и тој закон.
Основата за носење на законот беше претходно одржан референдум (чии резултати Уставниот суд на БиХ исто така не ги призна), на кој граѓаните се изјаснуваа по прашањето „Дали поддржувате 9 јануари да се слави и како Ден на Република Српска“, и на кој повеќе од 99% се изјаснија „ЗА“.
Институциите би требало да дејствуваат
Професорот по уставно право, Нурко Побриќ нагласува дека одлуките мора да се почитуваат. но дека досега никој не е казнет за тоа.
„Кривичниот закон на БиХ, меѓу другото, предвидува во случај на неизвршување на одлука на Уставниот суд тоа да се третира како кривично дело. Е, сега, тоа што 9 јануари, кој е прогласен за неуставен, се слави на територијата на РС, а никој не одговарал за тоа ни кривично, ни политички, тоа е работа која излегува од правото. Тоа е повеќе е домен на реалната политика во БиХ и неспособноста на институциите да дејствуваат во онаа мерка во која би требало да делуваат според Уставот,“ вели Побриќ.
Уставниот суд не ѝ оспори на Република Српска да го одбележува својот ден, туку оцени дека тоа не може да биде 9 јануари, бидејќи историски секоја од страните на овој датум гледа од различна перспектива. Потпретседателот на РС, Рамиз Салкиќ, вели дека со продолжување на одбележување на неуставниот Ден на РС се создава амбиент на неизвесност, се подгреваат тензии и се дискриминираат сите жртви на прогонот.
- повеќе на темата: Разбуди се, Европо!
„Со оглед дека обвинителството не реагираше досега, ја користам оваа прилика јавно да ги повикам да спроведат истрага против одговорните лица за спротивставување на одлуките на Уставниот суд, кршење на Дејтонскиот договор, загрозување на мирот, дискриминација, ширење на верска, национална нетрпеливост, незаконско постапување, злоупотреба на моќ и ненаменско трошење на буџетски средства на ентитетот“, порача Салкиќ.
Реакција имаше и од американската амбасада во БиХ, во која се потсетува дека одбележување на Денот на РС е неуставно, а одлуките на Уставниот суд се обврзувачки. Интересно е дека годинава и првиот човек на Српската демократска партија (СДС), Мирко Шаровиќ, неколку дена пред одбележувањето на Денот на РС повика со прославата „да не се поттикнуваат тензии“, но дека сепак овој ден треба да се одбележи.
Опозицијата во политички проблем
„Јас би преферирал никого да не иритирам со нашето одбележување и прослава, иако е случување од пред 30 години за кое е најзаслужна војската на Република Српска и СДС”, рече Шаровиќ, предлагајќи во ешалоните на парадата наместо полицајци да се движат најдобрите стопанственици. Опозицијата сега има проблем, бидејќи каква било друга реакција освен онаа што се поклопува со онаа на Додик, ќе значи дека се тие помалку Срби и предавници, велат аналитичарите.
- повеќе на темата: Распадот на БиХ може да го дестабилизира целиот регион
Аналитичарката Тања Топиќ вели дека „веќе подолго време во политичкиот живот на РС е ставен знак на равенство меѓу Додик и РС” и додава дека секое поинакво толкување претставува предавство. Таа нагласува дека по последните санкции за Додик, нештата со сигурност се менуваат.
„Дали Додик ќе остане сам во политиката на терање инает, тоа сигурно не. Но, дефинитивно е сѐ поосамен и тоа ќе се искристализира во догледно време. Почитувањето на одлуките на Уставниот суд ќе се промени тогаш кога од политичката сцена ќе ги снема етнонационалните ликови кои селективно го почитуваат само она што им одговара”, заклучува Топиќ, без да изземе ниту една страна од тој процес.