Доделување на Нобеловите награди
10 декември 2013Добитниците на Нобеловата награда се соопштуваат во октомври, а тие своите медали ги добиваат на 10 декември, денот кога починал Алфред Нобел.
Нобеловата награда се доделува од 1901 година, пет години по смртта на Алфред Нобел. Тој во својот тестамент побарал неговите пари да се вложат во основање фондација. Неговите роднини биле ужаснати и се обиделе да го оспорат тестаментот, но ја загубиле битката.
Наградата е дотирана со осум милиони шведски круни, односно околу 900.000 евра.
Нобеловата награда за мир за Организацијата за забрана на хемиско оружје
Годинешниот добитник на Нобеловата награда за мир е тело кое со години се обидува да го ослободи светот од хемиското оружје далеку од очите на јавноста, а во центарот на вниманието се појави со актуелната сириска криза. Со седиште во Хаг, Холандија, Организацијата за забрана на хемиското оружје (ОЗХО) е формирана во 1997 година со цел да ја спроведува Конвенцијата за хемиското оружје, првиот меѓународен договор со кој се забранува комплетниот арсенал на вакви орудија.
„Конвенцијата и работата на ОЗХО ја дефинираа употребата на хемиското оружје како табу согласно меѓународното право. Последните случувања во Сирија, каде беше користено хемиско оружје, ја подвлекоа потребата од зголемување на напорите за исфрлање на ова оружје“, соопшти Нобеловиот комитет. Генералниот директор на организацијата, Ахмет Узумчу изјави дека Нобеловата награда е најважна поддршка за актуелниот ангажман на соработниците на ОЗХО во Сирија.
Нобеловата награда за хемија за тројца Американци
Мартин Карплус, Мајкл Левит и Ариех Варшел се добитниците на годинешната Нобелова награда за хемија, за нивниот придонес во разјаснувањето на комплексните хемиски процеси. Варшел, кој по потекло е од Израел, во врска со телефонскиот разговор со излраелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во кој претседателот на владата му честитал на наградата, рече: „Тој го разбра моето кусо објаснување и рече дека во иднина ќе ги принуди своите министри да го кажат она што имаат да го кажат за една минута.“
Нобелова награда за физика за „божјите честички“
Нобеловата награда за физика оваа година им е доделена на Белгиецот Франоса Енглерт и Британецот Питер Хигс за нивното предвидување дека постојат многу ситни честички, т.н. Хигсови бозони.
Двајцата научници со нивното предвидување на егзистенцијата на Хигсови бозони, наречени по презимето на Хигс, значително придонесоа кон разбирањето на физиката на ситните честички, соопшти институтот Каролинска.
Постоењето на супатомските честички, кои играат голема улога во настанувањето на универзумот, наречени поради тоа и „божји“, беше докажано минатата година во европскиот забрзувач на честички побрзи од светлината „Церн“ во Швајцарија.
84-годишниот Петер Хигс и 80-годишниот Енглерт го прогнозираа постоењето на овие најситни честички уште во 1960-те години. Највисокото признание за физичарите е наградено со околу 920 илјади евра.
Нобелова награда за медицина на Германец и двајца Американци
Нобеловата награда за медицина е доделена на германскиот научник Томас Зидхоф и на неговите колеги Џејмс Ротман и Ренди Шекман. Тројцата научници се наградени за своите истражувања во врска со транспортните системи на келиите.
Зидхоф работи и врши истражувања на американскиот елитен универзитет Стенфорд, а претходно работеше во институтот „Мак Планк“ во Гетинген.
Нобеловата награда за литература за Алис Мунро
„Мамо, доби награда!“ Канадската писателка, чии дела се фокусираат на животот во руралните предели на Онтарио, веста за Нобеловата награда ја доби од една од своите ќерки. Поради тоа што 82-годишната Мунро не може лично да допатува во Стокхолм, наградата ќе ја прими ќерка и‘ Џени.
Алис Мунро, или канадскиот Чехов, како што ја нарекуваат во татковината, е „мајстор на модерниот краток расказ кој се карактеризира со јасност и психолошки реализам“ соопшти Шведскиот Нобелов комитет при соопштувањето на името на годинешниот лауреат. И покрај големиот успех во изминатите четрири децении, Мунро остана повлечена и скромна, како и ликовите во нејзините раскази. „Можеби една од причините што успеав е што немав никаков друг талент“, изјави Мунро во една прилика. Својот прв расказ го напишала во 1950 година, додека студирала книжевност. Нејзините куси раскази често биле објавувани во најпрестижните светски весници и магазини. Нејзините ликови и нејзиниот стил на пишување, кој се потпира на нарацијата при описот на настаните во нејзините книги, и‘ го донесоа прекарот „канадскиот Чехов“.
Нобеловата награда за економија за тројца Американци
Американските научници Јуџин Фама, Ларс Петер Хансен и Роберт Шилер се добитници на годинешната Нобелова награда за економија. Ним им се оддава признание за откритијата на нови методи со кои се проучуваат и пресметуваат трендовите во движењето на цените на берзите. Кралската Шведска академија на науки оцени дека тројцата ги поставиле темелите за разбирањето на движењето на цените на активите. Иако е тешко да се предвиди дали цените на акциите ќе се зголемат или намалат на краток рок, можно е да се предвиди каков ќе биде трендот за период од три години или подолго, соопшти академијата. 74-годишниот Фама и 60-годишниот Хансен соработуваат со Универзитетот во Чикаго, додека 67-годишниот Шилер е професор на Универзитетот Јејл.
Наградата за економија не е дел од оригиналните Нобелови награди за медицина, хемија, физика, литература и мир, кои беа креирани од шведскиот индустријалец Алфред Нобел во 1895. година. Таа беше додадена од страна на шведската Централна банка во 1968. година, во знак на сеќавање за Нобел.