Милионски договори склучени во „четири очи“
23 март 2021Милионски договори за тендери биле склучени во „четири очи“ минатата година. Станува збор конкретно за 464 тендери во вредност од 11 милиони евра кои на нетранспарентен начин биле договорени во првите шест месеци од минатата година, што е за 15 проценти повеќе од истиот период претходната година. Само во 22 отсто од договорите, постапката е оправдана со пандемијата, поради што набавките морале да се реализираат итно. Секој четврти тендер во истиот период бил поништен, а на секој трет е доставенa една или ниту една понуда. Ова се наведува во Извештајот од мониторингот на јавните набавки за периодот јануари-јуни 2020 година, објавен од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
-повеќе на темата: Апсурди со трошењето народни пари: Има за лимузини, нема за амбулантни и пожарни возила
Мониторингот на невладината организација покажал дека институциите не се консултираат со бизнис-секторот за подобрување на тендерските документации и за процесот на јавните набавки. Во мониторираниот период, спроведен е технички дијалог само за 1,4 % од тендерите, а и во овој симболичен процес на консултации се забележуваат пропусти.
Поништувањата на тендерите во првото полугодие од 2020 година бележат раст во однос на истиот период претходната година и изнесуваат 27 %. Доминантен дел од тендерите се целосно поништени. Најголем број на поништувања имале АД Електрани, Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи.
-повеќе на темата: Мора да се најде лек за корупцијата во јавните набавки
„Најниската цена“ е користена како критериум за избор на најповолна понуда во 96 % од спроведените тендери, со што е задржан неповолниот тренд од претходната година. „Оправдан е сомнежот дека со толку големата примена на критериумот „најниска цена“ се доведуваат во прашање начелата на економичност, ефикасност и ефективност на јавните средства“, укажуваат од Центарот за граѓански комуникации.
Електронската аукција била користена во дури 92 % од тендерите, со што се овозможува и натаму да бидат широко распространети манипулациите што таа ги генерира во јавните набавки. Иако проценетата вредност на тендерите не се објавува јавно, сепак некои понудувачи доставувале понуди што се симптоматично блиску до проценетата вредност.
--повеќе на темата: Истражување: Додека владата ги укинува, привремените вработувања се множат
На локално ниво, според мониторингот, често се забележува непочитување на Законот за јавните набавки и грешки во тендерските документации. Се подобрува конкуренцијата на локалните тендери, но има бројни примери на нејзино ограничување, пред сè преку техничките спецификации. Поништени се една четвртина од тендерите, но иако процентот се намалува, тој сепак е сѐ уште висок. „Најниската цена“ и натаму е единствен критериум за избор на најповолната понуда на тендерите, со што не се зема предвид и квалитетот на набавките.