Договорено петдневно примирје во Сирија
17 октомври 2019По повеќе од четиричасовни преговори со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Пенс изјави дека целта на мисијата била ставање крај на крвопролевањето кое го предизвика турска инвазија во Сирија, но не одговори на прашањето дали договорот е уште едно предавство на долгогодишните сојузници- Курдите.
Пенс и државниот секретар Мајк Помпео го поздравија договорот како значително постигнување, а претседателот Доналд Трамп твитна дека се работи за „голем ден за цивилизацијата“.
Со договорот, Турција практично го добива она што го започна со воената операција. Откако курдските трупи ќе се повлечат од безбедносната зона, Турција се обврзува на постојан прекин на огнот, но без обврска да се повлече од регионот.
Дополнително, со договорот Турција се ослободува од санкциите кои Вашингтон досега и ги наметна, како и од новите со кои се закани поради операцијата.
Курдите не се дел од договорот, и останува нејасно дали ќе го прифатат. Пред разговорите, курдски претставници рекоа дека ќе одбијат договор каков што навестуваше Пенс.