1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договор за владата до крајот на неделава?

22 мај 2017

По досегашните внатрепартиски и меѓупартиски консултации, од денеска ќе се интензивира динамиката на разговори помеѓу партиите од мнозинството, со можност да се премине кон конкретни кадровски решенија за ресорите

https://p.dw.com/p/2dLai
Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Од усогласувањето на позициите на албанските партии, во голема мера ќе зависи динамиката со која ќе биде финализиран договорот за составот и програмата на новата влада. Дел од учесниците во разговорите се оптимисти дека до среда може да бидат исцртани контурите на владиниот кабинет, други пак сметаат дека тоа може да се случи до крајот на работната недела, односно „во деновите меѓу закажаната средба на шест западнобалкански премиери со Федерика Могерини (24 мај) и партискиот Конгрес на СДСМ (27 мај)“.

По средбите со ДУИ и „Беса“, СДСМ денеска ќе има разговори и со Алијансата за Албанците. Нејзиниот пратеник, Зијадин Села, за денеска најави прес-конференција, на која за првпат ќе се обрати на јавноста по насилството во Собранието на 27-ти април, кога беше тешко повреден. Се очекува тој да ги соопшти ставовите и принципите на коалицијата за учество во идната влада. Досега сите разговори на партнерите од парламентарното мнозинство беа фокусирани на клучните принципи за соработка, со што во втор план ја ставија поделбата на ресорите.

„Разговараме за принципи. За нас, како Социјалдемократски сојуз е важно да има принципи врз чија основа ќе биде формирана идната реформска влада, а не на основа на условување меѓу партнерите, бидејќи тоа не е добар начин на комуникација“, вели Генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски.

SDSM Parteizentrale, Skopje, Mazedonien
Фотографија: MAKFAX

На средбата од „Беса“ ги декларирале нивните клучни принципи за учество во најавената реформска влада. Бараат во неа да не учествуваат лица засегнати од истрагите на СЈО, одлуките во Владата да се носат со консензус, програмата на Владата да има точно определени рокови за спроведување на реформите и да има балансирано владеење, односно кадровска контрола од сите партии учеснички во владата, за да се спречи опасноста ресорите да станат нечија партиска бази, зависно од тоа кој раководи со нив. Со еден збор, бараат изедначеност во однос кадровските позиции.

„Ако сакаме реформска влада, мора во старт да договориме принципи кои ќе ги оправдаат таквите заложби. Од разговорите ќе увидиме дали се планира влада на такви принципелни основи, и од тоа ќе зависи и нашата одлука дали ќе учествуваме во неа“, велат од „Беса“.  

Поделба на ресорите

По вчерашните внатрепартиски, но и досегашните меѓупартиски консултации, од денеска ќе се интензивира динамиката на разговорите помеѓу партиите од новото мнозинство, со можност да се премине и на разговори за конкретни кадровски решенија за ресорите. ДУИ најверојатно ќе добие две вицепремиерски позиции - за спроведување на Рамковниот договор и за евроинтеграции, како и четири министерски во ресорите економија, образование, локална самоуправа и животна средина. Но, сето тоа е неофицијално и неизвесно, бидејќи не се финализирани разговорите со „Беса“ и Алијанса за Албанците. И покрај многуте шпекулации, од ДУИ засега не спомнуваат „сигурни“ кадровски решенија, но велат дека ќе одговорат со компетентни кадри соодветни за реформските предизвици. И од СДСМ ги кријат своите адути, но според партиски извори за се поизвесно може да се смета дека Радмила Шеќеринска ќе раководи со ресорот одбрана, Оливер Спасовски со МВР, Драган Тевдовски со финансии, Јован Деспотовски со транспорт и врски. Партијата има кадровски предлози и за ресорите правда, труд и социјална политика и надворешни работи, но текот на разговорите ќе одлучи дали некој од нив ќе им припадне на партнерите.

Zoran Zaev
Фотографија: Picture alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Во еден сегмент од кроењето на кадровската политика се вклучија и стопанствениците. Тие одамна укажуваат дека треба да имаат пристап во подготовката на законите пред тие да стасаат на усвојување во Собранието и дека од нивните редови треба да биде регрутирана личност на позицијата вицепремиер за економски прашања. Стопанска комора на северозападна Македонија како кандидат за таа функција вчера го предложи претседателот на Комората, Неби Хоџа. Но во истовреме, како сериозен кандидат за вицепремиер за економски прашања се спомнува бизнисменот Кочо Анѓушев. Дали ќе стигне предлог и од другите комори, засега е неизвесно.

Техничкиот премиер или мандатарот?

Според проценките на партиите, малку е веројатно дека владата може да биде договорена до 24 мај, денот когависоката претставничка за безбедносна и надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, ги повика шесте премиери од земјите на Западен Балкан на средба на која „ќе се разгледува ситуацијата во регионот, во светлото на најновите настани“.

Belgien EU-Außenbeauftragte Federica Mogherini in Brüssel
Федерика МогериниФотографија: picture-alliance/AP/G. V. Wijngaert

Според тоа, сѐ уште е нејасно дали во Брисел ќе патува техничкиот премиер Емил Димитриев или мандатарот Зоран Заев. Имајќи ги предвид ваквите состојби, портпаролката на ЕК, Маја Концијанчиќ, минатата недела најави дека „имињата на учесниците ќе бидат потврдени непосредно пред посетата“.

На неформалната работна вечера, Могерини очекува со премиерите на Македонија, Албанија, БиХ, Црна Гора, Србија и Косово „заеднички да ги согледаат идните чекори кои регионот ќе го водат напред“. Средбата се смета за продолжение на разговорите што Могерини ги имаше со лидерите во регионот, во март годинава. Од СДСМ се надеваат дека составот на новата влада ќе биде договорен до 27 мај, денот кога партијата ќе го одржи 21. Конгрес, на кој се очекува Зоран Заев да биде повторно избран за лидер на СДСМ.