Добри вибрации
21 април 2018Не знаеме дали европскиот комесар за проширување, Јоханес Хан, е страствен поклоник на легендарната американска рок група „Бич бојс“, но неговото споменување на „добрите вибрации“, кога лично на премиерот Зоран Заев му го предаде извештајот на Европската комисија како да даде асоцијативен призвук на една од најважните песни на калифорниските рокенролери - „Good Vibrations". Синтагмата за „добрите вибрации“ стана дел од алтернативната, а потоа и од мејнстрим културата откако Брајан Вилсон и другарите во октомври 1966 година го издадоа синглот кој во истиот момент стана хит и кај публиката и кај критичарите и до ден-денес остана забележан како една од најважните песни во историјата на популарната музика. Таа со својата психоделична и прогресивна структура и со експериментирањето со самото судио за снимање како инструмент остана забележана како најскапа рок-компоцизија снимена кога било (тогаш чинеше 50.000 долари што е еквивалент на 370.000 долари во 2017 година) и како револуција во понатамошниот развој на популарната музика.
Оваа случајна или намерна асоцијација со „Добрите вибрации“, иако е во доменот на политиката, има свое значење. Можеби со тоа што Македонија помина низ една псходелична фаза последнава декада или поради тоа што прогресивните рокенролери изминативе две години ја вратија демократијата и поради тоа што, всушност, се случи своевидна револуција за која веќе се зборува на европските катедри. Заев со подигнувањето на извештајот сакаше да претстави еден личен триумф, како во времето на римските генерали, но безусловната препорака имаше свое значење и за бриселската номенклатура во изградбата на европската архитектура на Балканот. Хан и високата претставничка Федерика Могерини, имаа веројатно големо чувство на задоволство што доаѓаат во една поинаква Македонија отколку во претходните три години. Можеби ние сме ги заборавиле тие посети под тежината на секојдневните грижи да здогледаме некаква опиплива иднина во тескобното секојдневие, но речиси е неверојатно Хан да ги заборавил оние исцрпувачки сеанси во пржинските преговори да се зачува стабилноста и демократијата на Македонија по разорниот ефект на „бомбите“, а потоа и страшниот удар за поредокот со претседателските аболиции; кога Могерини во Скопје со скаменето лице читаше делови од Уставот за време на нејзините ноќни изјави и за упадот што е направен во него. А сега со насмевки можеа дури и гордо да кажат дека „Македонија се врати на шините“.
Долг пат
Тоа може да изгледа недоволно во овој момент, но треба да бидеме реални и да кажеме дека за Македонија, по загубената половина декада, тоа е извонреден успех направен за само една година од крвавата драма од ланскиот 27 април. За тој успех треба да им се честита на македонските граѓани и на целото општество. Некој би ги оценил како беспричинска фалба за владата на Заев уводните напомени на Могерини на прес-конференцијата: „Драг Зоран, министри, пријатели, за мене е навистина чест и на некој начин лична емоција да ви ги донесам овде, директно од Стразбур, добрите вести... и ако размислам за ситуацијата која ја најдов пред точно една година при мојата последна посета овде, во Скопје, и каде сте вие сега: да бидете домаќини на Дигиталниот самит... да бидете домаќини на вечерата со другите премиери на останатите пет партнери од Западен Балкан. Вие поминавте долг пат“. Македонија навистина помина долг пат – од безизлез и автократија до враќањето кон демократските начела. Могерини во една реченица тоа го објасни вака: „Вие испорачавте многу во толку кратко време и јас сум многу сигурна дека оваа енергија ќе продолжи, а ќе продолжи и работата“.
Се разбира, Владата ова „враќање на шините“, што е многу поважно од чистата препорака, го велича како голем успех, како што тоа би го направиле сите политичари кои владеат со една земја. Јавноста е многу повнимателна со триумфализмот – таа повеќе ги споменува критичните точки во извештајот: како работата на државната администрација и нејзиното пополнување, само почнатите судски реформи, несигурните економски проекции и платформи, неможноста државните и судските органи да се справат со корупцијата во високите нивоа – и на министрите им укажува на зборовите на Могерини дека „вие можете да славите, но само половина ден и потоа да се вратите на работа“. Основната опасност за оваа влада е ако заборави дека пофалбите за многу кусо време можат да се претворат во критики и дека до европскиот самит во јуни нејзината работа треба да биде и двојно поголема од онаа што е денес.
Дали тоа ќе го направи ќе видиме многу брзо, уште од понеделник. Затоа што успехот Скопје да биде два дена вистински центар на регионот може да се распрсне како меур ако владата очекува дека евентуалното решение на спорот за името може да биде нејзиниот главен адут. Никој нема стаклена кугла за да може да ја предвиди иднината во преговорите во наредните два месеца, па испораката до јуни треба да биде вистинска за да можат европските лидери да се најдат во нелагодна ситуација повторно да ја отфрлат земјата која се врати од работ на бездната. Дали тоа ќе се крсти „План 18“, како што се најавува, не е е многу важно. Важно е да има резултати, но вистински резултати, а не алиби закони.
Знаејќи колку значи за едно општество да оди напред ако политичката опозиција има исти проекции за крајните цели на иднината, и Могерини и Хан тоа посебно го нагласија во Скопје. Не да има исти политики со владиното мнозинство, туку да има поделена одговорност за иднината. Тоа Могерини вака го објасни: „Ова е мојата прва порака: признавањето на фактот дека овој резултат е заеднички резултат на владата и опозицијата, што има на двете страни одговорност да ги здружат силите за наредните чекори што треба да се преземат. Владата има одговорност да отвори простор за целосно учество на опозицијата. А опозицијата има одговорност за учество во детерминирањето на еден вид национално единство за некои прашања, не за сите“.
Гравитациско поле
Една опозиција на Балканот секогаш мисли дека е дојден крајот на светот кога од Брисел стигнуваат пофалби за владата и дека тие пофалби се целосно неосновани, па макар и предвидувале подобра иднина за државата. Затоа вмровскиот министер за надворешни работи во сенка, Александар Николоски, целиот извештај за Македонија ќе го оцени со двојка, ќе зборува за „клучните слабости во економијата“, ќе пророни по некоја солза дека Македонија не заслужила да биде во ист пакет со Албанија и ќе одбива да ја види главната слика. Таа главна слика е во објаснувањето на Могерини во каква атмосфера дошла во Скопје пред една година, а во каква денес. Просто е неверојатно како ВМРО-ДПМНЕ одбива да се погледне во огледало и да си каже себеси дека безмилосно ѝ потрошија на Македонија најмалку пет години.
Кога Могерини зборуваше во Собранието, во клупите ги немаше двајцата поранешни премиери, а сега пратеници, Никола Груевски и Емил Димитриев, ниту Трајко Вељаноски, ниту Никола Попоски и уште повеќемина други ударни партиски перјаници, а на ехото од пораките дека Македонија се врати на шините, по работниот појадок на високата претставничка со вмровскиот врв од партијата стигна вакво соопштение: „Политичкиот терор е широко застапен и тој се одвива на повеќе нивоа како начин на пресметка на власта со неистомислениците, притисокот врз медиумите и недостатокот на демократски амбиент е сериозен предизвик кој државата ја уназадува во повеќе сфери, истакна Христијан Мицкоски“. Што значи тоа? Дека „враќањето на шините“ е враќање кон вмровскиот политички терор и дека Европската Унија ги фали властите во една земја затоа што се враќаат кон „политичкиот терор“? Настрана од враќањето на опозицијата во парламентот и гласањето на некои од реформските закони, ВМРО-ДПМНЕ има големи проблеми да почне да ја бара, а не да ја открие, својата супстанција. На ВМРО-ДПМНЕ во овој момент му недостасува и концепт, и стратегија, и идеја за неговата улога и затоа неговите настапи почнуваат да заличуваат на политичко бладање.
Други колумни од авторот:
Ова беше возбудлива недела за регионот. Досега се нема случено толку високи функционери на ЕУ лично да им ги доставуваат извештаите за напредокот на властите во земјите кандидати. По Стратегијата за Западен Балкан до 2005 година ова е уште еден чекор со кој Унијата сака да го вклучи регионот во своето гравитациско поле по силното руско и турско влијание. За да остане европската агенда на највисоко ниво идната недела во Скопје и другите западнобалкански престолнини доаѓа и Доналд Туск, претседателот на Европскиот Совет. На некој начин тоа изгледа како напад на Наполеоновата артилерија, битката да се добие уште пред да настапи коњицата и пешадијата.
Крајот на оваа фаза на процесот треба да биде на 17 мај на самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија. Тогаш Унијата треба да покаже дека верува во зборовите на нејзините функционери дека таа е „најдоверливиот партнер во целиот регион“ и дека самитот ќе ја потврди европската перспектива на регионот. Доколку во Софија се проектираат некакви замаглени перспективи, тогаш разочарувањето ќе биде двојно поголемо отколку она досега. А Москва и Анкара тогаш ќе ги постават нивните локомотиви на регионалните шини.