Добредојде во Германија - што носи сината карта?
6 септември 2012Многу студенти од странство сакаат да живеат во Германија, меѓутоа комплицираната бирократија во текот на добивањето на визата за престој и работната дозвола често беше камен на сопнување. Со т.н. сина карта сега се’ е поедноставно. До четири години во Германија ќе може да престојува оној кој завршил германски факултет или, пак, се образувал во странство, а германските власти му ја признаваат дипломата, и кој има доказ дека годишно во просек ќе заработи 44.800 евра. Инженерите и стручњаците од природните науки годишно можат и помалку да заработуваат и да ја добијат сината карта, бидејќи тие во Германија се и повеќе од потребни. Дека интересот за сината карта е голем потврдува и Генералниот секретар на Германската служба за академска размена Улрих Гротхуз.
„Имаме барања главно во два правци. Првата група на луѓе се оние кои завршиле студии и сега сакаат да дознаат дали можат да работат во Германија. Уште поинтересни ни се оние кои сакаат да студираат во Германија или кои во странство имаат стекнато универзитетска диплома и размислуваат за доаѓање во Германија. Многу е важно да знаат дека подоцна можат да останат во Германија, секако доколку сакаат“, вели Улрих Гротхуз.
Помалку бирократија
Оној кој по студирањето сака да остане во Германија веќе не мора во рок од една година да пронајде работа за која е квалификуван. Тоа лице сега на располагање има 18 месеци. За тоа време смее да работи и со тоа да си осигура средства за живот. Исто така, сопственикот на сината карта по две или три години добива постојана дозвола за престој во Германија. Лицата кои бараат работа профитираат од укинувањето на т.н. проверка на правото за првенство при добивање на работата.
„За апсолвентите од странство тоа е многу практично олеснување. Сега нема долготрајни бирократски проверки на тоа дали постои внатре во ЕУ лице кое би можело да ја работи таа работа. Таквата проверка звучи едноставно, но трае долго. За работодавачите тоа е исто така олеснителна околност“, вели Гротхуз.
Тој се надева дека, со помош на сината карта, бројот на странската стручна работна сила во Германија ќе биде поголем. Тој сега годишно изнесува меѓу 10 и 15.000 лица. Меѓутоа, тој смета дека сината карта не е волшебно средство за борба против недостатокот на стручната работна сила. Гротхуз во секој случај смета дека Германија ќе стане многу попривлечна земја, благодарејќи на сината карта.
„Важно е за луѓето кои кај нас доаѓаат со сина карта дека политиката тука дава еден сосема јасен сигнал. Ние сме отворени кон светот. Ние сакаме заедно да живееме и да работиме со луѓе кои имаат поинакво потекло“, објаснува Генералниот секретар на Германската служба за академска размена Улрих Гротхуз.