Француското претседателство со Европската Унија во 2022 година ќе биде запомнето како историско. Констатација која ниту е за пофалба, ниту за кудење, туку како логичен заклучок за крајот на сите славно најавувани и неславно заокружени солунски, копенхашки, мадридски критериуми, заклучоци и слични помпeзни настани од почетокот на векот. Француското претседателство, делумно и состојбите во ЕУ, главно нѐ потсетуваат дека идеите родени во една сосема различна континентална атмосфера не поминуваат во оваа целосно изменета Европа, која не си ги познава ниту сопствените граници.
Да се потсетиме на тие времиња во кои се раѓаа патоказите за новата Европа: сеопштиот оптимизам и исклучителна самодоверба на обединетиот пост-железно-завесен континент; ентузијазмот за новиот мир на поствоениот Балкан, вербата дека Русија ќе биде дел од Европа; дека Турција ќе биде прифатена во европското семејство на народи; увереноста на САД дека стариот свет ќе може да се грижи за својот дом. Тоа беа времиња во кои дури и десниот конзервативизам наликуваше на полиберален од денешните либерални групировки, а европската економија во полн подем на произведување и трошење. Историските причини за сомничавост кон долговечноста, одржливоста или цената на тој оптимизам беа отфрлувани со потсмев и презир од западните дипломати и новокомпонираните ЕУрофили. Образовани низ експресно слепени студии по европски интеграции, низ катедри држени од довчерашни професори по марксизам и самоуправување. Европа беше еден огромен митинг со постери, развиорени знамиња, ликови на насмеани млади на сини подлоги среде аури на жолти звездички. Времиња на надежта, оптимизмот. И пред сѐ - политичкиот шунд и кич.
Европа денес е опачина на таа Европа од почетокот на ова столетие. Војна на граници и воена треска во души. Во грч на исчекување на кризни есени и зими, студени домови и глад. Незамисливите вокабулари кои до неодамна беа сметани како „никогаш повторно!” сега се веќе дел од мејнстрим политиката и дијалогот. Балканот помина цел круг и сѐ повеќе наликува на змија спремна да си го касне опашот. Вината, како обично, се префрла на еден или два лика, главно на Меркел и Обама, поедноставувајќи ја комплексноста на причините кои нѐ донесоа до оваа состојба. И историската тежина на француското претседателство на крајот на европската dolce vita епоха.
Grasroot Democracy како унисекс рецепт
Подемот на таа епоха се должеше на доминацијата на доктрината Grasroot Democracy како унисекс рецепт за новите демократии изградени врз посткомунистичките темели ширум Европа, како и за акомодирање на старите континентални демократии кон новата сеевропска реалност. Мојата генерација ќе се сети за безбројните конференции, обуки, тренинзи, безбројни визити низ европски парламенти, за илјадниците написи за техниките и придобивките на Grasroot демократијата. Одвреме-навреме ќе се најдеше некој наивен глупак кој ќе укажеше на опасноста од ГМО-составот на таа нова семка на демократијата, компонирана од старите кадри на комунизмот во нови демократски костуми и потпросечните западни обучувачи полни со пари и со не толку знаење за домашните византиски интерпретации на парламентаризмот, партиите, медиумите, невладините организации. Таквите глупаци беа решително елиминирани со здружени сили на домашните демократи и западните дипломати, осудени од страна молчаливо и немоќно да следат како народната вера во демократијата еволуира во кастинска религија на демократизацијата.
Но таквите прелесно отфрлени глупаци, лишени од личен профит и кариерна амбициознот, ќе бидат првите кои во последните години на евро-балканската самодоверба во религијата на демократизацијата, ќе увидат и забележат интересни, чудни и загрижувачки трендови во глобалната и домашната политика. Ќе забележат како одеднадеж радикалната десница ќе го открие парадоксот на демократијата (Џозеф Неј Јр.) демонстриран низ преземањето на вокабуларот и стратегиите на либералната демократија, но впрегнати во сосема поинаков правец и поинаква побуда. Одеднадеж, либералните кругови веќе немаа ексклузивно право на дефинирање на слободите, на правата, на дефинирање на демократијата и човековите права. По неколкуте децении поминати во борба против човековите правата, слободата, демократијата како прерогативи на либералната демократија, американската и европската десница ќе направи целосен пресврт. И наместо нивно сатанизирање, ќе се престрои кон реинтерпретација на сиот вокабулар согласно сопствените идеолошки постулати.
Наследниците на либералното во Америка и Европа живееја во убеденост дека нивниот прерогатив за дефинирање на слободите е за навек завршена работа, која е лишена од предизвици. За разлика од нив, десницата се повлекуваше сѐ подлабоко во провинцијата, на маргините, на границите помеѓу реалното и фантазмагоричното, популарното и популистичкото, научното и шарлатанското, рационалното и залуденото – создавајќи токсична маса во перпетуално вриење и во очекување на прелевање. Од таа легура на секакви материјали ќе се создаде нова енергија со дефинирана заедничка точка на отпор. Дефинирано низ популарната теза на борба против Длабоката Држава составена од привилегираниот естаблишмент на либералниот свет. Тука нештата стануваат интересни. На сцена стапува концептот на Deep Democratization (Длабока Демократизација).
Сите против естаблишментот
Доколку Grasroot Democracy концептот беше чедо на либералната демократија родено од благосостојбата на западниот капитализам и демократија, концептот на Deep Democratization ќе се роди како последица на незадоволството на оние кои останале закинати од благодите на либерализмот. И самиот автор на именката и концептот на Длабока Демократизација припаѓа на тој (полу)свет. Професорот од Орегон, Арни Миндел, е следбеник на Јунговата психоанализа, лик кој идејата за длабока демократизација ја концептуира на крај на осумдесеттите години (речиси истовремено како алтернатива на познатата Grasroot Democracy доктрина). Дефиницијата на неговиот концепт на Длабока Демократизација е дека станува збор за „практичен метод на започнување дијалог и дискусија низ која активно ја бараме мудроста на малцинството. Се слушаат мислењата на алтернативни ликови и истите стануваат дел од процесот на носење одлуки.” За разлика од класичната демократија, која се фокусира врз владеењето на мнозинството, длабоката демократизација сугерира дека сите гласови, сите состојби на свест и сите рамки на реалноста се битни и неопходни за да се разбере севкупниот процес на политичкиот систем. Таквото ново читање на Et Pluribus Unum паролата на демократско обединување, преку вклучување на чудното, необичното, отрфленото, исмејуваното, алтернативното, ќе се преточи во енергија на впивање на доскоро незамисливите струења во рамки на постоечките структури на десничарскиот естаблишмент. Оваа теориска дефиниција ќе ви стане поразбирлива доколку ги следевте чудните припојувања на доскоро замено нетрпеливите општествени групации, обединети околу ликовите како Доналд Трамп, Најџел Фараж, Салвини и сличните политички оутсајдери, кои израснуваа во нови магнентни полови на политиката. И впрочем, тоа е теориската подлога на практичното обединување на радикалните десничари и анархистичните либертаријанци, на религиозните зилоти и ЛГБТ групациите, за белите субурбани домаќинки и црните мејнстрим бизнисмени, за следбениците на нацизмот и следбениците на комунизмот – сите обединети под еден голем шатор на конструктивно обединување против естаблишментот роден од масите и дегенериран низ тивката дегенерација на привилегијата и ексклузивата.
- повеќе од авторот: Косово и Босна, а не Македонија и Албанија се вистинскиот срам на ЕУ и на САД
Барањата на ЕУ и нашата претпазливост
Каква врска има сето тоа со состојбите во ЕУ и нашиот однос кон Унијата? Навидум никаков, доколку се придржуваме кон матрицата на Grasroot промислување на демократијата од пред 30 години. Но доколку си дозволиме поинакви читања на наметната реалност, можеби ќе најдеме утеха во фактот што и во ова зло и злобно одбивање на нашето приклучување кон ЕУ ќе најдеме причина и мотив за утеха. Нашето читање на Grasroot демократијата е веќе одамна во дискотинуитет со подемот на длабоката демократизација која се одвива ширум Европа, под влијание на САД. Давајќи крилја на движења и идеи кои одвај се апсорбираат од тамошните општества, а во нашиот полудемократски полусвет би биле апсолутно разорни низ сите шавови на општеството.
- повеќе од авторот: Отворен Балкан и разногласието во Вашингтон
Аргументот на ЕУ за неприфаќања на земјите од регионот поради неспособноста за реформи, криминал, корупција и лошо владеење конечно ќе може да добие адекватен одговор и од наша страна. Во облик на претпазливост или одбивање да се впиваат влијанија од Европа кои евидентно можат да предизвикаат деструктивни, разорни последици по земјите и регионот. Што секако не подразбира прекин на преговорите или кревање раце од нашето членство во Унијата. Попрво, тоа би подразбирало нивелизација на односот преку континуирано уважување на барањата од Унијата, во чекор со нашето инсистирање за уважување на нашата претпазливост кон идеите кои се некомпатибилни со нашите реалности, нашите приоритети и споделената желба за стабилност и мир. За жал, довчерашните експлоататори на проевропејството во регионот (Вучиќ, Рама, Димитров) веќе ја насетија таа промена на духот и чинат сѐ за повторно да се искажат преку експлоатација на антиевропејството како растечки дух во регионот. Доколку им се дозволи, регионот ќе изгуби уште некоја деценија во бркање на својот опаш. И ќе ја пропушти можеби последната можност за низ длабока демократизација да се отргне од канџите на капнатиот, липсан, изнемоштен естаблишмент.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.