1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дијалогот „Жан Моне“ ќе ги седне лидерите на работна вечера

29 јануари 2020

Не седнаа на иста маса за законот за ЈО, но ќе седнат за собранискиот Деловник. В петок лидерска вечера во рамките на дијалогот „Жан Моне“.

https://p.dw.com/p/3WxB7
Symbolbild Konferenz
Фотографија: picture alliance/dpa/N. Armer

Ако предлогот на закон за Јавното обвинителство не ги седне на иста маса, тогаш пред распуштањето на Собранието последна заедничка средба на лидерите на парламентарните партии може да биде работната вечера организирана во рамките на дијалогот „Жан Моне“. Овој дијалог е инструмент развиен од Европскиот парламент како алатка во областа на парламентарната медијација и поддршка на демократијата во ЕУ, и во негови рамки досега се одржаа две сесии. Третиот дијалог е планиран за 31-ви јануари (петок) и 1-ви февруари (сабота), на кој во фокусот ќе биде постигнување консензус за собранискиот Деловник. Се очекува тогаш во Скопје да допатува новиот известувач на Европскиот парламент за земјата, Илхан Ќучук и други европратеници, кои ќе имаат средба со лидерите на партиите, а потоа и заеднички разговори со координаторите на пратеничките групи.

Иако најголем дел од спорните точки во Деловникот беа усогласени, за опозицијата беше спорен начинот на избор на Генералниот секретар на Собранието, а најмногу усогласувањето со амандманите на Уставот, со кои Деловникот треба да го носи новото име на државата - Деловник на Собранието на Република Северна Македонија. Она што е важно, и за што постои консензус, е со измените на собранискиот Деловник да се ограничи времетраењето на конститутивната седница на парламентот, за да се избегнат блокади на тој процес какви што имаше во 2017 година, но и настани каков што беше „крвавиот четврток“ (27-ми април 2017 година).

Лидерска вечера

Првата дебата се очекува в петок во парламентот, а потоа е предвидена е заедничка работна вечера на европратениците со лидерите на парламентарните партии: СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, ДПА, Алијансата на Албанците, Алтернатива и Беса. Неофицијално, на вечерата се очекува да стане збор и за трите столба врз кои ќе се базираат идните заеднички односи меѓу Европската унија и Северна Македонија. Првиот се однесува на новата методологија на преговорите за членство што треба да ја претстави Европската комисија, вториот е во врска со одлуката за почеток на преговори на која од лидерите на ЕУ се очекува да се осврнат пред загрепскиот самит во мај, и третиот - самитот во Загреб, кој ќе се фокусира на економски развој и закрепнување на регионот.

Mazedonien - Das Parlament
Првата дебата се очекува в петок во парламентотФотографија: MAKFAX

Но, пред сѐ, се очекува на работната вечера да стане збор за трите приоритети кои земјата треба да ги заврши пред изборите, односно до распуштањето на парламентот. Амбасадорот на ЕУ во земјава, Самуел Жбогар, кој ќе присуствува на вечерата, тие приоритети деновиве ги нагласи повеќепати. 

„Се надевам дека Собранието ќе ги усвои клучните закони пред да се распушти во февруари - законот за Јавното обвинителство, измените на Изборниот законик според препораките на ОБСЕ/ОДИХР, и се надеваме дека дијалогот ‘Жан Моне’ ќе придонесе за подобрување на собранискиот Деловник", истакна Жбогар.

Дијалогот носи резултати

Иако дијалогот ќе се реализира десетина дена пред распуштањето на Парламентот, од македонското Собрание и Европарламентот веруваат дека ќе дојде до надминување на сите спорни точки. На значењето на дијалогот во рамките на процесот „Жан Моне“, вчера во Брисел се осврна и претседателот на Собранието, Талат Џафери, во обраќањето на самитот на претседателите на парламентите од Западен Балкан. Меѓудругото, за истото разговарал и на средбата со европратениците Тања Фајон и Владимир Билчик, кои се копретседавачи на Групата за демократска поддршка на Западниот Балкан

„Соговорниците се осврнаа и на дијалогот ‘Жан Моне', како уште една форма на соработка која донесе конкретни резултати во градењето на политичкиот дијалог во Собранието, како што беше донесувањето на Кодексот за етичко однесување, утврдувањето на потребата од измени на Деловникот со цел избегнување ситуации на блокада кои се случуваа во минатото и поставување рамка за административна, финансиска и безбедносна независност на Собранието“, беше соопштено по средбата. Во очекување на третиот дијалог, била изразена заедничка заложба оваа алатка за соработка да продолжи и по изборите.